Воведување на семејни рутини и правила

Не станува збор за претерано контролирање, бесчувствително казнување и навредување, туку за поставување на граници и рамки, со љубов и топлина, кои им се потребни на децата за да почувствуваат стабилност, сигурност и безбедност.

140

Преку поставување на семејните рутини и правила родителите на своите деца им ги пренесуваат семејните вредности и верувања, ги насочуваат на одредени пожелни и примерни однесувања, им даваат повратни информации за наученото, забрануваат одредена активност која претставува потенцијална опасност и едноставно им велат „не“ на своите деца. Притоа е значаен начинот на кој го прават тоа, секако, тука не станува збор за претераното контролирање, бесчувствителното казнување и навредување, туку за поставување на граници и рамки, со љубов и топлина, кои им се потребни на децата за да почувствуваат стабилност, сигурност и безбедност.

Децата ќе имаат одговорности и задачи кои нема секогаш да им се допаѓаат и на децата им се потребни овие мали фрустрации со кои учат како да ги совладаат пречките во животот, како да дојдат до она што го сакаат, како да се утешат кога не е по нивно и како да ги земат во обзир и другите луѓе.

Кога и како? Поставувањето на правилата и границите се препорачува да се  прави пред да се случи проблем и во топла атмосфера.

На пример, правилото за тоа кои места се прикладни за играње (двор/игралиште наспроти улица/туѓ двор) добро е однапред да му се објасни на детето. Се покажало дека поставувањето на правила е најделотворно кога се прави во смирена атмосфера, исполнета со љубов и почитување, а не во атмосфера на страв и со наредување.

Доследност – таа е особено значајна при поставување на правилата и рутините. Доколку во некои ситуации родителите попуштаат за правило за кое е договорено дека нема исклучоци, на децата им праќаат порака дека не може да им се верува, бидејќи она што е договорено не се спроведува. Она што децата ќе го разберат е дека е во ред да не се почитуваат договорените правила и граници.

Еден од најмоќните начини за поставување на граници и правила е да воспоставите рутина. Воспоставувањето на рутината е корисна за целото семејство, се креира посмирена атмосфера, доверба и  учење на животни вештини. Децата ќе научат да се однесуваат во склад со потребите на ситуацијата, да го прават она што се бара од нив да го направат и да бидат одговорни за своето однесување. На почетокот родителите ја поставуваат рутината, но еднаш кога рутината ќе се воспостави, ќе завладее, потоа следат бенефитите кои родителите веднаш ќе ги увидат.

Децата добро реагираат на рутините и уживаат во нив, се чуствуваат корисно и способно при спроведувањето. Реалноста кажува дека на почетокот овие рутини нема да функционираат како што посакуваме, потребно е време да се навикнеме на нив, сите имаме отпор кон промени и клучно е да бидеме истрајни додека овој отпор не помине.

Плакат на рутини – направете плакат на рутина што сакате да ја воспоставите и ставете го на видно место. На пример, доколку се работи за рутина што се прави пред спиење, направете листа, плакат со сликички која ќе ја користите за следење и потсетување на детето што е она што треба да се направи. Доколку детето заборави, може да го однесете до плакатот и да го потсетите – што е следната задача на плакатот? Што е нашиот договор? Само потсетете, бидете доследни и истрајни во барањето за почитување на она што е ставено на плакатот, избегнувајте да давате долги објаснувања и избегнувајте да бидете критични.

Временски рок – Кога воспоставувате рутини одредете го и временскиот рок. Ако на пример, средувањето на куќата сакате да заврши до 14 часот за да може семејството да излезе на прошетка, размислете што сѐ треба да се направи и колку време му е потребно на секој член за да ги заврши на време своите задачи. Рутината честопати го вклучува цело семејство и воспоставувањето и спроведувањето на рутините е поуспешно кога сите работат и соработуваат заедно. Вклучете го и времето при дефинирање на било која од рутините– обврските околу чистењето, планирање и припремање на оброци, купување намирници, рутина на заспивање и станување, миење заби, итн.

Семејни состаноци – Се препорачува да се одржуваат еднаш неделно, секогаш во исто време и трањето да биде од 15 до 45 минути. Тоа е одлична прилика да зборувате за правилата и рутините, за нивното влијание, да ги објасните и дускутирате правилата, да го пофалите посакуваното однесување и почитување на правилата. Исто така зависно од возраста на детето, можете и да го вклучите во креирањето на правилата, каде ќе договарате, преговарате и поставувате граници заеднички, каде и детето ќе биде активно во разговорот, објаснувањата и  преговорите.  

Поставувањето на рутини и правила од рана возраст може да му помогне на детето понатаму, во самостојното поставување на истите, кога ќе се најде пред бројни социјални притисоци и барања и кога ќе му бидат потребни вештини, сила и сигурност да каже „не“. Родителите се тие што ги водат децата во процесот на растење и развивање и она што е значајно е како ги запознаваат со светот околу нив, како се грижат за нивната сигурност и безбедност, како им поставуваат граници и правила, како креираат рутини. Начинот на кој се воведуваат рутините и правилата всушност е една одредница кога укажува на тоа дали поставувањето граници и правила ќе биде родителска одлука која детето треба да ја послуша без прашања и без спротивставување или ќе биде прилика за учење, креирање на стабилност и стекнување на животни вештини каде се развива самостојност и самодоверба на детето.

Ирена Жунгулова, психолог и гешталт психотерапевт, Супервизор на Линијата за родители

Повеќе