За непроценливите пријатели од детството и младоста: Вашиот пријател од детството знае кој сте, затоа што знае кој сте биле

Можеби верувате дека сте стари, цинични, ќелави, здебелени, огорчени. Јавете му се сега! Тој старее заедно со вас, но ќе ве гледа такви какви што сте биле: убави и млади. Само продолжете ја приказната онаму каде што сте застанале минатиот пат, за добрите, стари времиња…

230

Ја гледам, таа ме прашува: остарена сум? Ѝ велам, не ти си иста, а јас? Таа вели: нема шанси, не си се сменила ич. Ова е обично ритуалниот дијалог кој го водиме со другарка ми од детството кога ќе се видиме по една година разделба. И сите други ни изгледаат остарени, освен ние двете. Не дека е навистина така, ама во нашите очи, ние не старееме. Исто е и со сите други со кои сме го одржале контактот низ годините, а сме биле неразделни во детството или барем во средношколските денови.

Така е и со другар ми со кој учевме заедно во основно, а се гледаме на 1- 2 или 3 години, зависно од можностите, или со другиот другар со кој одевме на концерти во 25 Мај и на првите самостојни одмори на море во средношколските денови. Доаѓа од државата во која живее и ми вели: иста си! Јас му велам: Да и ти си истиот.

Можно ли е дека навистина, иако сами себе се гледаме секојдневно во огледало, понекогаш, ако баш не сме се погледнале со цел да си го проучуваме ликот и да си ги броиме брчките, да си изгледаме исто како порано? Можно ли е така да не гледаат нашите другари и пријатели од детството и од младоста, нашите браќа и сестри со кои заедно сме растеле?! Се разбира, не оние кои наеднаш ќе не видат после 20-30 години, туку оние со кои сме одржале комуникација и со кои се гледаме одвреме навреме, па така за нив нема шокови од промената што ни ја направило времето низ годините.

Нив ги знаеме уште од времето кога сме си играле заедно „во песокот“. Со неа/него сме научиле што е најдобра другарка, заедно сме ги пуштале низ вода умрените рипчиња од аквариумот, сме оделе секој ден после часови кај неа или кај мене, зашто тоа се подразбирало. Тоа е и онаа од малку подоцна, од средно, со која првпат сме избегале заедно од училиште. Таа беше со мене кога првпат влегов во училницата кадешто освен ние двете, не знаевме никој друг… Или таа третата која влезе да го земе мојот тест за бременост додека јас ја чекав пред амбуланта со нејзината ќеркичка за рака. Треба да измислиме посебно име за толку важните личности. За нашите пријатели од детството и младоста.

Ако имате среќа, вашата пријателка од детството денес ви е кума. Можеби вашиот пријател од детството е на истото место каде што живеете или на друг континент. Нема врска. Таа личност има посебно место во вашиот живот. Повеќе ѝ верувате отколку на другите, бидејќи таа е како член на семејството. Пораснавте заедно. Таа/тој е секогаш наш избор. Еден пријател од детството ги знае сите наши тајни од детството, а вие ги знаете неговите, вие сте нераскинливо поврзани. Таа ги ислушала сите ваши љубовни маки и радости. Тој е сведок на вашето прво пијанство и на вашето трезнење проследено со длабоко рикање над ВЦ шолјата.
И денес се тоа оние личности со кои можете без страв да ги озборувате до бесвест дури и сопствените животни партнери, родители и деца.

Заеднички таен јазик

Тие никогаш нема да ве осудат за нешто што сте го направиле. Не мора да одобрува, но ќе се обиде барем да ве разбере и утеши. Тој (или таа) знае што сакате најмногу во животот и сака да бидете среќни, без разлика на сѐ! Не ви требаат многу зборови. Имате свој уникатен начин на комуникација. Една реченица ќе ве лансира, како временска машина, во некој минат споделен настан. Можете да ги раскажувате вашите искуства стотици пати и да се смеете на истите работи одново и одново. Обично тоа ви е смешно само на вас двете/двајцата, но не ви е гајле.

Причината поради која станавте пријатели останува засекогаш

Нема посебно име за него или за неа, ние само велиме „Ја познавам или го познавам отсекогаш…“ Зошто го избравте за пријател? Мора да се сеќавате на тоа. Можеби ве насмеал кога сте биле тажни или стоел покрај вас кога никој друг не сакал. Можеби си бил против другите поради него. Вреди да се бориш тогаш, па тој е твој пријател веќе половина век! Можеби тоа е затоа што тој бил: искрен, храбар, лојален; или затоа што таа била гласна, срдечна и секогаш можела да те насмее, утеши или да те ислуша. Без оглед на причината поради која сте станале пријатели во детството, таа причина останува за цел живот.

Заедно растете, учите и стареете

Вашиот пријател од детството бил вклучен во сите важни настани од вашиот живот. Вашиот пријател од детството ќе знае кога сте несреќни. Тој беше таму кога умре татко ти, кога твоите се искараа, а ти избега од дома… Тој беше таму кога преживуваше брачен бродолом. Ако имате среќа да ви се живи, тие ќе ви дојдат на посета во болница кога ќе ви стават вештачки колк или кога ќе правите операција на катаракта. Па ти нему му правеше друштво кога на сите други им беше страв да дојдат да го видат зашто претпоставуваа дека има жолтица, таа ти правеше друштво кога лежеше со заушки изолирана во собата и ти читаше книга. Таа ја задржа својата смиреност дури и кога отиде кај неа да ѝ кажеш дека ти се случило нешто страшно непријатно и лошо. Каде и да сте, таа или тој ќе најдат начин да допрат до вас кога ви е тешко.

Тие, пријателите од детството, тие ве познаваат подобро од другите. Со нив, вие сте она што навистина сте. Не треба да се преправате, не мора да играте игри и улоги, да ставате посебни социјални маски и ликови. Слободно можете да бидете тажни, болни, осамени, исплашени. Вашиот пријател од детството е сведок на вашите победи и порази, загуби и триумфи, сè што го сочинува животот. Вашиот пријател, ако имате среќа да биде и тоа, можат да се и вашите брат или сестра, а може да биде и некој надвор од семејството, но важно е да биде токму тоа, пријател на кој цел живот сте можеле да се потпрете.

Посебен калибар на пријателство

Вашиот пријател од детството знае кој сте, затоа што знае кој сте биле. Ако сте изгубиле контакт со него, обновете го. Барем тоа не е тешко денес. Можеби верувате дека сте стари, цинични, ќелави, здебелени, огорчени. Јавете му се сега! Тој старее заедно со вас, но ќе ве гледа такви какви што сте биле: убави и млади. Само продолжете ја приказната онаму каде што сте застанале минатиот пат, за добрите, стари времиња…

Повеќе