Забрането стареење, секирање и берење туѓо гајле! За нив песната е лек, а сестринството – енергија и двигател!
Песната е лек. Женската сила е ритамот. А Фрида од Македонија е местото каде што тоа станува реалност. Ова е приказната за женскиот аматерски хор Фрида од Македонија и за неговата основачка Сузана Турунџиева за која тој е остварување на нејзиниот детски сон, но наместо женски бенд со 4, 5 или најмногу 6 жени, сега има хор од 130 убави, цветни и распеани Фриди
Не е лесно да се менаџираат 130 жени, потребни се многу љубов, трпение и умешност, признава Сузана Турунџиева, водителка, пејачка и писателка, која пред две години, како што вели, некако судбински и непланирано, го формираше женскиот аматерски хор, Фрида од Македонија кој денес брои 130 членки.
„Како и сѐ во мојот живот, така и формирањето на овој необичен хор (Фрида) ми се случи судбински, непланирано. Првично, во мојата визија постоеше идеја да формирам детско хорче, но на аудицијата за тоа хорче не се пријавија доволно деца, туку се пријавија возрасни жени, кои имаа многу очигледна желба и потреба за пеење, дружење и групно музицирање, без никакво експонирање, ниту пак идеја за настапување“, раскажува Сузана за почетокот на овој хор кој, наспроти првичната замисла, денес веќе има зад себе и поголем број јавни настапи, па дури и самостојни целовечерни концерти.
„Започнавме скромно со 9 членки, а потоа секојдневно бројот се зголемуваше. Кога после неколку месеци бројот на членки се зголеми доволно, репертоарот веќе се оформи, така и нивната желба за нешто повеќе стана сѐ поизразена. Поточно тие посакаа она што го доживуваат на проба, да „излезе“ од просториите во кои вежбавме и јавно да го споделат и со нивните блиски, роднини и пријатели на некоја сцена.
Па така, од првото наше јавно појавување, па сѐ до денес и публиката ни е сѐ побројна, а и восхитот од јавноста е сѐ поголем. Денес имаме вкупно 130 членки, поделени во 2 секции кои гордо се нарекуваат Фриди Македонски“, вели Сузана горда на себе и на своите бројни пријателки од хорот.

Гледајќи ги колку се среќни и колку уживаат во пеењето, Сузе вели дека сфатила дека има сериозна задача, да не ги разочара, ама и да го извади максимумот од нив. Со оглед на тоа што станува збор за аматерски гласови со кои не е едноставно да се постигне квалитетен звук, успехот на Фрида е дотолку поголем.
„Работевме вредно и посветено, особено откако „Скопско лето“ минатата година ни даде прилика да се претставиме на таква реномирана манифестација со целовечерен концерт. Одржувавме по 3 проби неделно, го вежбавме репертоарот, а парелно и многу време и внимание вложував во вокалната техника и работев на фразите, интерпретацијата, како и интонативните предизвици со кои се соочував цело време. А музиката тука не е само уметност – таа е средство за поврзување, лекување и трансформација. Затоа хорот и се вика Фрида од Македонија – како симбол на непокор, автентичност и женска сила“, објаснува нашата соговорничка.


На нивните настапи доаѓаат и мажи и жени и цели семејства, а најубавото од сѐ, вели, е кога ќерките во публика си ги снимаат мајките на сцена.
„Тоа е магична глетка, нешто што воодушевува и мотивира, бидејќи навикнати сме само на тоа мајките да си ги снимаат децата на приредба. Но, она што на нашите настапи се случува е посебно, импресивно и многу моќно! Ние сме горди што имаме прекрасна публика, многу поддржувачи, преблагодарни сме на целите семејства кои во публика пеат заедно со нас, на многу позитивни коментари на социјалните мрежи и ќе дадеме сѐ од себе за да ги оправдаме и да ги надминеме уште повеќе“, вели Сузана.
За неа, Фрида од Македонија е остварување на нејзиниот сон од детството.
„Отсекогаш знаев дека ако што било формирам во животот, а посакував тоа да биде мал женски акапела состав, ќе се вика Фрида (по Фрида Кало). Целиот живот читав и истражував се за животот на мексиканската уметничка икона Фрида Кало, која е една од највлијателните жени на минатиот век и оставила толку силна и неизбришлива трага низ историјата на уметноста. Нејзиниот тажен живот, траумите и несреќите низ кои поминувала и од друга страна грандиозните уметнички дела создавани низ болка, страдање и немоќ, таа нејзина авангардност и автентичност, за мене беа фасцинантни.
Така Фрида од небото ми даде сила, ми праќаше знаци и насоки како да ја движам и растам целата приказна за оваа наша голема женска заедница каде музиката е императив, но паралелно со музиката ние се занимаваме и со хуманитарни активности и се трудиме да бидеме подадена рака секаде каде што можеме“, вели Сузе.
Во оваа женска заедница нема стари и млади членки.
Меѓу нив, како што духовито забележува Турунџиева, забрането е стареење, секирање и берење туѓо гајле.


„Кај нас сме сите млади, насмеани и подготвени преку песна и музика, и силна женска енергија да се „избоксуваме“ на женски начин со сите предизвици, пречки и блокади кои понекогаш умеат да не спречат, забават или исплашат низ животот. Највозрасната членка има 83 години, ама тоа за неа е само една обична двоцифрена бројка. Таа е поактивна од многу други и воопшто нема време да ги брои годините“, се смее Сузана.
Се разбира, таа не ја заборавила ниту нејзината верна пријателка, Атиџе Муратова која е почесен член на хорот и веќе 2 пати била вклучена во нивните концертни активности, а очекуваат и во иднина да имаат заеднички проекти.
„Инаку, Фридите и приватно многу се дружат, се запознаваат, патуваат и поместуваат граници. Досега сме биле на две заеднички патувања и се вративме назад со преубави спомени и незаборавни моменти за кои долго потоа се прераскажува“, вели Сузана која се навраќа на поетокот од нашиот разговор дека не е воопшто лесно да се балансира помеѓу толку многу индивидуи, карактери и различни енергии, помеѓу толку голем број на жени.
„Јас низ животот одамна сфатив дека за секоја една работа е неопходна љубов, трпение и многу умешност која не му е дадена секому. Затоа имам супер тим околу мене, имам 2 одлични асистентки кои ми помагаат за се околу организацијата и логистичката поддршка, а мојата енергија е фокусирана само на музиката и песната која лекува“, вели таа.
Оттаму, не е ни чудно што нивната прва авторска песна, која ја сметаат и за своја химна, го носи токму тоа име: „Песната е лек“. Станува збор за песна која ја напишала Сузана, аранжманот го направила Андријана Јаневска.
„И музиката и текстот ми се споија совршено, а на Фридите им „легна“ од првото слушање“, вели Сузана.
Во изминативе 2 години само 8 членки на хорот се имаат откажано од членувањето и тоа поради неможност да ги синхронизираат своите работни обврски и термините за проба.
„За мене најголема среќа е кога на нашите концерти, во публика ги забележувам бившите Фриди, кои со огромна насмевка и страст, заедно со нас пеат од публика. Така беше и на годинешното Скопско лето и на отворањето на Вевчанско лето каде одржавме концерт на 6 јули годинава.
Во почетокот на септември повторно ќе распишеме аудиција за нови членки кои ќе работат во нова група, бидејќи претходните две групи се веќе пополнети“, ја завршува Турунџиева приказната за овој хор кој веќе има многу обожаватели, а нивниот број, очигледно, допрва ќе расте.