Женски муабети на Фејсбук: „Како да му се каже на мало дете дека татко му има швалерка?!“

„Кога синче од 7 години би дознало дека татко му има швалерка, како би реагирало и што треба да преземе мајката за да му објасни доколку сака да се разведе. Да биде побезболно“. Да, да, вакви муабети се вртат по женските групи на Фејсбук…
Каков би бил вашиот одговор на ова недоветно прашање?

352

На Фејсбук има многу групи со слично име од типот на, женски муабети, женски дискусии, домаќински, недомаќински и слично. И таму има разни нешта… Или се бараат пари за леб, или за лекување, поретко се бара и некој рецепт, а почесто се бараат совети за здравје, ама и за љубовните односи и брачните непогоди.

Има разни нешта, да се чуди човек што сѐ има, од разоткривање на лажни пациентки, ама и собирање помош за вистински, поретко помош, а почесто прекори кога некој ќе побара пари или храна, совети како некој да си најде работа, наместо да „проси“ на Фејсбук, па до кавги и навреди и многу поделени мислења на разни теми.

На пример, утрово ми излегува на една од овие групи следново прашање:

„Кога синче од 7 години би дознало дека татко му има швалерка, како би реагирало и што треба да преземе мајката за да му објасни доколку сака да се разведе. Да биде побезболно“.

Да, да, токму така…

Иако ми се слоши од прашањето, си реков, ај баш да видам што ѝ одговориле жениве.

За среќа, имаше и одлични, ако не и скроз одлични совети, меѓу кои, на пример:

„А што има врска детето со швалерката на татко му? Доста ги пумпате мозочињата на децата непотребно и им правите стресови со вашите брачни проблеми! Разведете се, а детето нема потреба ниту да знае за швалерката, ниту да го клукате против таткото. Можете едноставно да му кажете дека понекогаш возрасните мора да се разделат, или нешто слично. Или вашето повредено его ќе го лечите преку детето?“

Ама има и од оние, најглупавите можни совети од типот дека, детето треба сѐ да знае.

„Детето треба да знае каков татко има. Зошто да се крие вистината? Ако мислел таткото на детето немало да фати швалерка и да ги повреди сите во фамилијата. Ако бракот не му бил во ред нека се разведе, ама што му требало да фаќа швалерка, значи тој не ги сакал ниту мајката ниту детето па затоа и ги повредува. Целата вистина треба да биде на виделина и мајката треба да му каже на детето и тоа во присуство на таткото“.

Лелеее, си велам, ова е вака сега, во 21 век, а во минатиот? Епа затоа во државата имаме толку исфрустрирани луѓе, толку психопати, толку анксиозност, толку лошотилак, од ваквите ставови, да се знаела вистината!!! Сѐ само вистинољубиви до срж!

„Зошто и што треба да му кажете на 7 годишно дете?!? Дали сте нормални? Ако мајката е повредена, значи, треба и детето да си го уништи. Како размислувате, јас мислам сѐ до деталји да му кажат, ако може повеќе да го уништат. Ќе му се одмаздува на мажот преку детето! Бог да чува од вакви мајки, што не мислат на децата“, велат првите.

Па продолжуваат овие од другата банда, вистинољубивите демек:

„Не е тоа одмазда, тоа е да знае детето дека секоја грешка во љубовниот живот е непоправливо скапа. Ако така ги учиме тие како мажи нема да изневеруваат и тоа е поентата, да се поправи иднината на децата…Да знаат какви последици има секоја нивна постапка ако се крие и не се зборува“.

Потоа, оние умните, ѝ советуваат на мајката да посети стручно лице кое ќе ѝ помогне со совети како да му соопшти на детето за разводот.

„Мајката треба да побара совет од стручно лице и исто така, треба да ја прифати вистината и да не го користи детето за било каква одмазда, бидејќи детето најмногу ќе страда“.

Ама жената што бара совет и на која, очигледно, ѝ годат советите на „вистинољубивите“, а не на овие другиве кои ѝ даваат совети на место, вели:

„Мајката нема намера да дава пари за стручни лица…престанете да ги гњавите жените, таткото што е крив нека си посети стручно, најстручно лице, а детето не е толку мало за да не му се каже“.

И тоа е, на крајот ќе се откажат од давање совети и најдобронамерните, па ќе ѝ кажат:

„А што замараш со прашања, кога си одлучена што да правиш. Твој живот, твое дете, терај. Ти пишуваат многу нормални совети, ти се расправаш со членките, бркај си работа, што сакаш прави, не барај совети!“

И така, не дека е тука крајот, има потоа уште купишта совети од едните и од другите, па и од некои онака, неутрални демек, ама веќе станува страшно за читање.

Да, страшно е колку е очигледно дека нема шанси да му се смени ставот на некој кој е убеден дека е безгрешен и во право. Ќе се гази преку сѐ, па и преку деца, татковци, баби, дедовци и останата родбина, ама ќе се употребат сите средства, па дури и детето, за „повисоки“ цели – за да се уништи таткото, тој грешник што се дрзнал да ѝ згреши. А тоа дека детето си ги сака двајцата родители и дека нивните проблеми не може да се решаваат преку децата, тоа очигледно е најмалку важно.

И затоа, онака, за крајот го преземаме и најдобриот коментар меѓу оние што стасавме да ги исчитаме:

„Понекогаш се случува односите помеѓу партнерите да заладат и понекогаш е подобро секој да си тргне по свој пат отколку на сила да се одржува бракот. Никој не ви гарантира вечна љубов! Не ви е крива ниту швалерката (ако не била таа ќе била некоја друга), ниту пак детето.

Оставете ги децата настрана од вашите брачни проблеми, за да можат да израснат во емоционално стабилни и разумни личности, кои утре ќе знаат разумно да решаваат проблем.

И навистина, кажете, што ќе добиете ако му кажете на детето дека таткото имал швалерка!

Не мешајте деца, ако не ве сака вас, не значи дека не го сака детето. Ништо не постигнувате ако на детето му зборувате против татко му, само правите лошо за детето!“

За жал, тешко дека сето ова допира до оние кои најверојатно ќе го направат токму спротивното. Ќе го седнат детето како публика и ќе ја почнат претставата. Дали детето ќе сака да ја гледа оваа претстава? Каков човек ќе излезе еден ден од овој домашен театар? Ќе се смени ли некогаш нешто? Можно ли е еден ден да престанат родителските битки преку грбот на децата?

Какво е вашето мислење, што би ѝ советувале вие на жената од почетокот на текстов?

Повеќе