Знаци дека ви недостасува цинк и зошто е важен: На жените над 19 години им требаат 8, на трудниците 11, а на доилките 12 милиграми дневно

Цинкот ни треба во мали количини, но е многу важен. Дури и мала количина од овој минерал резултира со здравствени придобивки, додека недостатокот на цинк може да влијае на целото тело. Како – дознајте подолу!

451

Здравата и урамнотежена исхрана е важна бидејќи е богата со хранливи материи. Една од вредните хранливи материи на кои некои жени можеби обрнуваат помалку внимание е цинкот.

„Цинкот ни помага да го регулираме шеќерот во крвта, но го поддржува и имунитетот. Дури и мала количина од овој минерал резултира со здравствени придобивки, додека недостатокот на цинк може да влијае на целото тело. На жените постари од 19 години им требаат осум милиграми цинк дневно, на трудниците 11 милиграми, а на доилките 12 милиграми“, вели нутриционистката Ејми Горин за порталот Women’s Health.

За среќа, лесно можете да му ги дадете на вашето тело овие мали дози на цинк. Со консумирање месо од живина, овес и остриги, можете да направите позитивна промена. Се разбира, има и додатоци во исхраната, но секогаш е подобро прво да се консултирате со експерт.

Сојузник во борбата против вируси и воспаленија
Цинкот помага во одбрана од токсини, но и воспаленија. Тоа е ваш сојузник во борбата против канцерогените клетки и вируси. Покрај тоа, цинкот е важен бидејќи го одржува стабилно нивото на шеќер во крвта. Накратко, како што објаснува Горин, оваа хранлива состојка игра улога во синтезата, складирањето и ослободувањето на инсулинот во панкреасот, што значи дека влијае на одржување на стабилно ниво на шеќер во крвта.

Покрај тоа, ако имате доволно цинк, раните би можеле побрзо да зараснат. Секако, регенерацијата на раната зависи од личноста и случајот, но нутриционистката вели дека доволно цинк може да го забрза процесот. Исто така е многу важен бидејќи делува како кофактор во многу гастроинтестинални активности, што значи дека без него телото не може правилно да ја вари храната и да ги апсорбира хранливите материи. Во овој поглед, истражувањето од 2016 година сугерира дека недостатокот на цинк може да резултира со дигестивни проблеми како гадење или дијареа. Исто така симптоми на недостаток на цинк може да бидат губење на косата, губење на апетит и оштетување на кожата и очите (зголемена диоптрија).

Цинкот игра важна улога во активирањето на сетилата, особено вкусот и мирисот. Луѓето кои имаат проблем со недостаток на цинк ќе забележат како нивната храна станала невкусна.

Лесно е да се надомести
Сè на сè, оваа хранлива материја помага во метаболизмот на протеините, мастите и јаглехидратите, па ако немате доволно од неа, можеби ќе ви недостасува енергија. Поради ова може да се чувствувате помалку фокусирани и троми. Симптомите на недостаток на цинк вклучуваат цревни проблеми, побавно зараснување на раните и промени во когнитивните функции.

Секако, во овој случај не треба да претерувате со цинкот, туку да се придржувате до препорачаната доза од неколку милиграми дневно. Како да се постигне ова? Ако немате остриги во близина, нема проблем, бидејќи доза на цинк можете да најдете во мешунките, јаткастите плодови и семките, овесот, гравот, пилешкото и јогуртот. Едноставно придржувајте се до здравото мени и вашето тело ќе ви биде благодарно.

Повеќе