Зошто казнувањето на тинејџерите не функционира и што да направите наместо тоа?

Кога поврзаноста со децата ќе почне да исчезнува, проблемите се множат. Можеме да изградиме посилна врска такашто ќе разговараме со нив на таков начин на кој тие ќе увидат дека ни е навистина важно она што го мислат и чувствуваат, а не само тоа како се однесуваат.

257

Ако има нешто за што ќе се согласат речиси сите родители на тинејџери, тоа е дека казните како забрани, укинување на привилегии или физичко казнување – не функционираат. Едноставно, и по многу, многу казни, промената што ја очекуваат родителите не се случува. Ситуацијата обично се влошува, бидејќи преку толку конфликтни ситуации се разнишуваат темелите на односот и довербата помеѓу детето и родителите.

„Пробав сè. И му забранив да излегува, телефонот, престанав да му давам џепарлак, ја откажав екскурзијата… И ништо! Тој сè уште си тера по свое. Стана уште подрзок!“

Ако не сте го кажале ова самите, тогаш веројатно сте го слушнале од родител на некој друг тинејџер.

Во што е всушност проблемот?

Во таа казна нема ефект кога доаѓа од погрешно место. А тоа место е родителскиот гнев, беспомошност, чувство на губење контрола.

Повеќето од нас усвоија таков модел од нашите родители затоа што и самите сме така воспитани. Тоа е длабоко вкоренето. И во основата на овие методи е стравот. Не љубов и разбирање, туку родителски страв дека нема да успеат да ги научат своите деца вредни лекции. А таквите методи, засновани на нашиот гнев, немоќ и страв, кај децата создаваат отпор кон сè што се трудиме да постигнеме. На крајот, сето тоа не води до сосема спротивни резултати од оние што сакаме да ги постигнеме. Нашите деца не чувствуваат дека ги слушаме, ги гледаме, дека барем се трудиме да ги разбереме. Тие не гледаат дека ни е воопшто грижа што мислат и чувствуваат тие.

Во сето ова, делот од сложувалката што недостасува е поврзаноста. Кога таа ќе почне да исчезнува, проблемите се множат. Можеме да изградиме посилна врска со нашите деца со тоа што ќе разговараме со нив на таков начин на кој тие НАВИСТИНА ќе увидат дека ни е важно она што го мислат и чувствуваат, а не само како се однесуваат. Но, тоа не почнува кога ќе наполнат 12 години. Започнува многу, многу порано. Но, дури и ако сте згрешиле некаде на патот, децата ќе ја препознаат вашата искрена желба да го обновите односот и да истраете на патот.

Најважното нешто што родителите треба да го знаат е дека поврзувањето со детето е поважно од дисциплината. Ако нема поврзаност, ниту еден метод не може да ви помогне.

Поставете го вистинското прашање
Кога сме соочени со проблематичното однесување на тинејџерите, вистинското прашање што треба да си го поставиме не е „Како да го казнам ова дете, за да почне да се однесува подобро?“. Прашањето што треба да си го поставиме е: „Како да го поправам односот со моето дете?

„Кога мојата постара ќерка влезе во пубертет, имаше многу проблеми во нашата врска. Се чувствував фрустрирано и огорчено. Бев преплашена. Почнала да пуши и да користи алкохол. Но, сите мои обиди да ја контролирам не успеаја, а работите само се влошија“, вели Шерил Гулд, експерт за родителство и уредник на сајтот momsoftweensandteens.com, во еден од нејзините написи.

Таа се присетува и на една ситуација во која нејзиниот сопруг стоел на вратата кога нејзината ќерка сакала да излезе и ѝ се обратил со зборовите „Не одиш ти никаде“. Девојката само одговорила дека порано или подоцна ќе излезе и дека тој не може да ја контролира. Тоа беше класична борба за моќ која НИКОГАШ не ги носи родителите таму каде што сакаат да одат со своите деца.

„Кога би можела да се вратам на таа конкретна ситуација и тие денови од нашите животи, би направила многу работи поинаку“, вели Шерил.

„Би ѝ се приближила на ќерка ми и би рекла: „Ти си ми поважна од се. И гледам дека нешто се случува. Како си? Што правам погрешно? Ајде, помогни ми да те разберам. Што е тоа што прави да се чувствуваш како да не можеш да разговараш со мене?“

„Овие прашања ја отвораат вратата за комуникација и ни овозможуваат да се поврземе со нашето дете“.

Една од работите што обично многу ги мачи децата се нашите бурни реакции кога нешто ни кажуваат или признаваат. Затоа, кога се случуваат големи работи, избегнуваат да се обратат кај нас за помош или совет. И тоа е навистина лошо.
Шерил Гулд вели дека нејзината ќерка престанала да пуши и да пие дури откако нејзините родители престанале да се обидуваат да го контролираат секое нејзино движење, а наместо тоа покажале грижа за неа, за нејзините чувства, за тоа што мисли и што се случува со неа.

„Промената започна кога почнавме да ја гледаме неа, наместо нејзиното однесување и таму да ја бараме причината. Тоа не значи дека ги испуштивме сите граници, туку многу повеќе се фокусиравме на нашата врска, обидувајќи се да се зближиме со неа, но во исто време и дозволувајќи ѝ до одреден степен да ја почувствува тежината на последиците од нејзиниот личен избор“, објаснува Шерил Гулд.

Она што ни недостасува како општество е да сфатиме дека е сосема нормално детето да греши. И дека не е наша работа да се трудиме да спречиме што е можно повеќе од тие грешки. На пример, некои деца, особено ако се многу друштвени, веројатно ќе експериментираат со алкохол или цигари.

Алкохолот многу често е еден вид „течна самодоверба“ за таквите деца. Кога го користат, се чувствуваат посигурни во социјалните интеракции, се чувствуваат како да припаѓаат некаде, како да се дел од тимот. А колку им е тоа важно, повеќето возрасни одамна заборавиле. Така, децата, додека се обидуваат да разберат кои се тие, независно од нас, нивните родители, ќе прават грешки и ќе направат некои не многу добри избори.

Ако на тој пат се обидуваме строго да ги контролираме и санкционираме, тоа значи дека правиме избор за нив и ги лишуваме од можноста да учат и да растат.

А целта на последиците што доаѓаат со одредено однесување е децата да научат да ги користат сопствените сопирачки, да учат од грешките и да бидат подготвени за попаметни избори подоцна во животот.

Наша задача не е да ги спречуваме децата да прават грешки. Но, треба да се биде вклучен, заинтересиран, подготвен за разговор без осудување.

Повеќе