За предизвиците на самохраното родителство

Родителскиот стрес е наменет да биде носен од двајцата родители, а во случајот на самохраното родителство, целата оваа одговорност е оставена да биде носена само од страна на еден член од родителскиот пар. Но дали мора да биде така?

269

Факт е дека во моменталното секојдневно живеење, стресот е станат постојано присутен и не изостава можност да се појави во нашите дневни активности. Секое дејствие, носи своја тежина која што бара од нас да ги користиме нашите вродени и стекнати капацитети со цел да го поминеме дадениот период.

Родителството не е исклучок од оваа животна динамика. Како што и самиот живот има периоди кои што се лесни и нудат поголема можност за релаксација и уживање и други периоди во кои тежината се зголемува, така и родителството ја менува својата јачина низ времето што поминува. Разликата помеѓу овој вид на тежина и стресот кој таа го носи и стресот од другите аспекти на животот е во тоа што родителскиот стрес е наменет да биде носен од двајцата родители. Во случајот на самохраноста, целата оваа одговорност е оставена да биде носена само од страна на еден член од родителскиот пар.

Обврските кои се наменети за двајца можат да прераснат во голем товар кога треба да ги носи само едниот родител. Токму затоа и една од препораките која се сретнува како пат до успешно справување со стресот и последиците е самохраниот родител да го креира својот систем на поддршка, во кој може да ги вклучи роднините и пријателите. Со овие луѓе, самохраниот родител може да зборува за тоа што го доживува и со кои предизвици се соочува. Дури и самото говорење, понекогаш носи олеснување кога од другата страна имаме личност на која ѝ веруваме.

Понекогаш, преземајќи ги на себе сите обврски и одговорности, самохраниот родител може да престане да биде свесен дека околу него има други луѓе на кои може да се потпре. Понекогаш „самоста“ ја попречува свесноста дека може да се побара помош и дека навистина има ситуации во кои може да се добие истата. Идејата дека секогаш можеме и треба да правиме сé сами, понекогаш само го надополнува притисокот врз самохраниот родител, а со тоа се зголемува и доживеаниот стрес.

Генерално, за намалување на стресот и справувањето со предизвиците на самохраното родителство, се препорачува и воспоставување и оддржување на функционални рутини, конзистентност кон дисциплината и поставените правила и други различни фактори. Но поради тоа што не е можно да се даде сеопфатна листа на сите дејности кои функционираат, ниту пак истите активности и насоки делуваат ефикасно за секој различен самохран родител, се охрабрува читателот доколку се пронаоѓа во текстот или пак се соочува со стрес предизвикан од бидувањето самохран родител, да се јави на линијата за родители при Националната мрежа за заштита на жените од семејно насилство и анонимно да поразговара со еден од нашите обучени оператори кои се подготвени да дадат конкретна насока за конкретниот случај.

Пишува: Кристијан Павловски, супервизор на Линијата за родители

Повеќе