Да се прашуваа тие, грчко-македонски спор немаше ни да постои: Гркот Тео е македонски зет, среќен со Софија и со својата нова лична карта
Тео Геракакис и нашата Софија не се сретнале на некое романтично место, како на пример, во Грција покрај море, туку се запознале на градилиште во Индустриска зона Скопје. Но тоа воопшто не ја намалува нивната романтична приказна која трае веќе 12 години
Заедно се веќе 12 години откако се вљубиле на прв поглед и сфатиле дека е тоа ТОА вистинското. Односно, се бендисале уште од првата секунда, а за само една недела знале дека е тоа нов почеток за нив двајца.
Тео Геракакис и неговата сопруга Софија, инаку, ќерка на нашиот сликар Свето Манев, не се сретнале на некое романтично место, како на пример, во Грција покрај море, туку се запознале на градилиште во Индустриска зона Скопје.
Но тоа воопшто не ја намалува нивната романтична приказна.
Таа е архитектка и во тоа време работела на истото градилиште на кое Тео кој е машински инженер работел на својот проект во Македонија.
„Уште кога првпат ја здогледав, некако почувствував дека е тоа нешто посебно. Ја гледав кога излегуваше надвор да запали цигара на 5 минути и знаев дека мора да го направам првиот чекор, а потоа сѐ се одвиваше многу брзо“, раскажува Тео за нивната прва средба.
Софи пак, која не сака сето ова да звучи премногу романтично, срамежливо вели дека оваа приказна и не е важна, односно дека е важно само тоа дека се нашле и дека таа нивна љубов е толку вистинска и силна што се проширила и на сите околу нив.
Тео вели дека неговата мајка која тешко засакува нови луѓе, за Софија му рекла: „Сега сум мирна, најде човек, најде сродна душа! А бидејќи е ова најважно за една мајка, таа ја сака Софија како да ѝ е ќерка.
Дванаесет години потоа, Нивната приказна е сѐ уште прекрасна, а нивната љубов ја прифатиле и нивните деца од претходните бракови, двете ќерки на Тео, Марија (25), Катерина (21) и синот Димитракис (15), како и синот на Софи, Миро (24) кој сѐ уште живее со нив.
Најновата работа поради која е Тео особено среќен, е неговата нова македонска лична карта со која конечно и официјално е жител на Скопје.
За љубовта со другите членови на големото македонско-грчко семејство
„Кога се запознавме со Тео, Миро имаше 12 години и секогаш одеше секаде со нас и тие двајца уште тогаш имаа еден фантастичен другарски однос, каков што е и мојот со девојчињата и со Петракис.
Моите родители, иако од почеток беа скептични затоа што кратко се знаевме, ме поддржаа и од првиот момент и нивната прва средба, го засакаа Тео, а сега е омилен и меѓу останатите роднини.
Исто како што и мене ме прифатија неговите родители кои, заедно со роднините на Тео беа особено фасцинирани од тоа што по нашата венчавка во 2015 година, го земав неговото презиме.
Гркинките обично го задржуваат своето презиме, па ниту Тео не можеше да поверува дека навистина ќе го направам тоа сѐ до моментот на венчавањето, а на неговите роднини, за да ги увери дека не лаже, од мерак им го покажуваше мојот пасош“, се смее Софи.
Како што изгледа според нивните кажувања, презимето на Софи кренало поголема бура отколку споменувањето на името Македонија кога станува збор за тоа од каде доаѓа Софи, нешто што никогаш не им било ниту спорно ниту важно.
Едноставно, сите се сакаат како едно големо македонско-грчко семејство кое политиката и историјата не ги засегаат.
Единственото што ги засега е љубовта меѓу овие двајца зрели луѓе кои и после 12 години воопшто и не си се обраќаат еден на друг по име, туку онака спонтано со: сонце, душо или злато.
Велат, така природно им доаѓа.
„Гив ми лосос, паракало“!
Од самиот почеток тие си имале и некој свој јазик. На пример, „гив ми лосос, паракало“!
Тео зборува одлично македонски, но ако на некој збор не може да се сети, продолжува да зборува англиски.
Софи пак, вели дека потешко ѝ оди учењето на грчки бидејќи живеат тука, но кога одат во неговиот роден град или, како што викаат, во својот втор дом кај семејството на Тео, одлично се разбира со неговите.
„Имам она што се вели основно познавање на грчкиот, но многу повеќе го учам во комуникација со семејството на Тео отколку додека одев на часови. Таму некако ме завлекоа многу во граматика па ми стана напорно. Кога одиме во Александрополис ми е најубаво, многу напредувам, си зборувам со неговите и сѐ се разбираме, а ако нешто баш не можеме, тогаш преоѓаме на пантомима“.
Нејзините родители и родителите на Тео, исто така одлично се сложуваат и јазикот, иако едните не зборуваат македонски, а другите не зборуваат грчки, (со исклучок на мајка ѝ на Софи која учела старогрчки), а никој од нив не зборува англиски, сепак се разбираат.
И нивните 4 деца, иако никогаш не живееле заедно, имаат меѓусебе одлична комуникација.
„Миро и Димитракис имаат многу слични интереси и нема врска што се на различна возраст, бидејќи кога доаѓа Димитракис во Скопје знаат со часови да склопуваат лего коцки.
Инаку, Миро е во долга врска со неговата девојка, па Марија и Катерина кои живеат во Германија, веќе се договориле со неа и за доаѓањето летово во Скопје.
Без оглед на тоа што е помала, Катерина е веќе верена и овојпат и нејзиниот вереник доаѓа со нив во Скопје“, раскажуваат Тео и Софи постојано надополнувајќи се еден со друг.
Брачни, но и бизнис-партнери
Тео и Софи станале и партнери во нивниот бизнис кој го почнале во Македонија буквално од нула.
„Секојдневниот живот во Грција воопшто не е бајка како што го доживуваат луѓето кога доаѓаат на одмор. Таму е тежок капитализам, а се работи од 8 до 20 часот, нема како тука паузи и пиење кафе на работа.
А и луѓето не се толку трпеливи како Македонците па ако не бидат услужени на време во банка на пример, не молчат, туку се расправаат и „ја креваат банката во воздух“.
Ние сега имаме веќе две фирми, а работиме и во Грција и во Косово и во Македонија“, раскажува македонскиот зет.
За него Софија вели дека е исклучително вреден, брз, но и дека има неверојатен инстинкт на кој таа безусловно му верува.
„Тој има непогрешлив инстинкт и кога станува збор за луѓе и кога станува збор за бизнис и за носење одлуки, тој е толку силен и јак, што кога сака нешто да оствари, планина поместува.
Така беше и кога донесовме одлука да отвориме заедничка фирма. Иако сѐ уште не го знаев добро и првпат се случи во текот на мојата професионална кариера да влезам во нешто без да знам каде ќе ме однесе, никогаш не зажалив“, вели Софија.
Освен на работа и дома, тие се заедно во сите нивни проекти, па и оние околу средувањето на нивниот дом, во поранешното ателје на нејзиниот татко во Сарај.
Тука е сега нивниот зелен рај и место кадешто можат да работат, да готват, да прават забави и да прославуваат родендени, празници или семејни собири.
Сѐ што направиле и преуредиле, го направиле сами. Од огромната дрвена врата на механизам, која ја направил Тео, до стазата што сосема сама ја направила Софи. Заедно ја направиле и огромната масивна дрвена маса на која сега со мерак ги редат своите специјалитети во кои уживаат со страст на вистински хедонисти.
Има уште многу работи што можеме да ги раскажеме за нив, особено ако се земе предвид дека ова наше муабетење траеше навистина долго, но ќе оставиме нешто и за нашиот портал „Арт кујна“ затоа што нивните домашни специјалитети заслужуваат посебен „третман“.