Блажето е најубавото нешто што ми се случило во животот! Прекрасната Дивна – сликарка, спортистка, сопруга, мајка и претседателка на МОД

Дивна Пешиќ Грозданов, која нашата јавност ја познава како најдобрата македонска стрелачка со малокалибарска и воздушна пушка, но и како успешна сликарка, годинава по вторпат е добитник на првата награда на World Art Awards, а од неодамна е и претседателка на Македонската Олимписка Дијаспора. Живее во САД, со љубовта на својот живот и нивните два сина, а периодов престојува во родното Кавадарци кадешто ја подготвува својата ретроспективна изложба

459

Дивна Пешиќ Грозданов, кавадарчанка која околу 12 години живее во Њу Џерси, САД, со сопругот Блаже и двете деца, секогаш е полна со убави изненадувања.

Македонската јавност ја познава како македонската најдобра стрелачка со малокалибарска и воздушна пушка, со поставени 37 државни рекорди, со два златни медали од балканско првенство, 14-та во Европа, 15-та во светот, а два пати учесник и на Олимписките игри, во Сиднеј во 2000-та и во Атина, во 2004-тата година.

Со истата посветеност со која на времето ја градеше спортската кариера, почнувајќи да се занимава со стрелаштво на само шестгодишна возраст, Дивна, која со сликарство почнала да се занимава на 13 години, успешно ја гради и својата уметничка кариера.

Пред 8 години таа освои награда на American Art Awards, а годинава, нејзиното дело „Барајќи го вистинскиот потег“ (масло на платно) победи на World Art Awards. Таа за првпат правеше и насловна за музички албум, поточно, за авторскиот албум кој деновиве го промовира Елена Христова „Јоруклук“ и периодов е во родниот град со своето семејство, кадешто во координација со тимот од Музејот на град Кавадарци ја подготвува својата ретроспективна изложба – 33 години творештво.

„Многу ме радува што по втор пат на светскиот натпревар World Art Awards, истакнати  ликовни критичари ја наградија мојата уметност со прво место и го потврдија мојот квалитет што секако ми дава уште поголема мотивација за творење. Воедно ги поканувам сите љубители на уметноста да ја посетат мојата изложба на 8 август во Кавадарци и да ја почувствуваат енергијата на моите дела“, порачува Дивна.

Таа вели дека досега имала изложби и во Америка, иако не со интезитет кој го посакува поради обврските околу децата и семејството.

„Имам реализирано неколку успешни изложби и проекти и сум задоволна од реакциите на публиката. Поголемиот дел од медиумските објави од САД и од светот поврзани со моето ликовно творештво можете да ги прочитате на веб страницата: www.divnapesic.com“, вели таа.

Крвта не е вода

Синовите на Дивна, единаесетгодишниот Стефан и деветгодишниот Виктор, веќе покажуваат дарба и за цртање, и за музика и за спорт, но за првпат ги однела на стрелиште дури минатата година, кога Стефан имал 10, а Виктор – 8 години.

„Децата се наклонети кон креативни работи и спорт. Двајцата цртаат од едногодишна возраст, Виктор во мој стил, додека Стефан повеќе во реализам. Никогаш не сум инсистирала да цртаат и да сликаат, но сепак, бидејќи од мали ги растев и воспитував дома (без телевизија, телефони и таблети) по паркови и по галерии, тоа им е некако природно. Исто така, Стефан свири флејта и клавир, а двајцата тренираат карате веќе 6 години, одат на кошарка и на фудбал, додека во училиште се подразбира да се одлични и самостојно ги извршуваат домашните задачи. Сепак, со моите пушки ги запознав за првпат минатата година и тогаш имаа можност да пукаат во стрелиште. Резултатите им беа сите во црниот круг, во група, така што и тренерот Андријана беше вчудовидена од таквиот резултат за прво пукање. Но, крвта не е вода, викаат дека третата генерација спортисти се најуспешни, па ако е тоа така, татко ми бил прв во Југославија, јас прва на Балканот, здравје, тие може да бидат први во светот ако тренираат и ако сакаат“, вели гордата мајка.

Претседателка на Македонска Олимписка Дијаспора

Иако Дивна веќе одамна не е професионално во спортот, никогаш не му го завртела грбот.

Од неодамна таа е претседателка на Македонската Олимписка Дијаспора и нејзин приоритет е да ги поврзе македонските спортисти ширум светот.

„Сакам да го зајакнеме македонскиот олимписки дух и да постигнеме врвни резултати за Македонија“, вели Дивна, чие спортско и животно искуство ја прават совршен мост меѓу татковината и глобалната македонска заедница.

„Јас како двократен Олимпиец за жал не успеав да освојам медал, иако реално постоеја шанси за тоа ако се има предвид дека на официјалниот тренинг на Олимпијадата во Атина испукав апсолутен рекорд 400 круга, а во тоа време светскиот рекорд беше 399, додека мојот национален рекорд беше 398 од можни 400 круга, но се случи недоразбирање со тренерот кој патуваше со мене наместо татко ми, кој секогаш бил мој тренер но не го праќале на сите значајни натпревари.

Сепак, моето спортско искуство и експертиза безрезервно ќе ги насочам кон логистика за постигнување на врвни резултати на македонските спортисти“, вели нашата соговорничка Дивна.

Наскоро Македонија се подготвува да го организира Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) 2025, кој од 20 до 26 јули ќе ги обедини најдобрите млади европски спортисти.

„Овој фестивал ќе биде празник на спортот, културата и младинскиот активизам. Ќе пречекаме 4.000 спортисти од 48 земји. Ги поканувам сите да го почувствуваат олимпискиот дух и да навиваат за нашите млади надежи“, вели Дивна.

Живот во САД со срце во Македонија

Иако живее во доволно долго за да се навикне и тоа, во хармоничен брак со љубовта на својот живот, или како што таа онака, милозливо, на кавадаречки вели – со Блажето, сепак, ѝ недостигаат блиските, мирисот на татковината и тоа чувство што, како што вели, никаде го нема.

„Блажето е најубавото нешто што ми се случило во животот, особено плодот кој го имаме од нашата љубов, нашите деца. Јас сум му била прва симпатија, а патиштата ни се споија повторно овде, во Америка и тоа беше како сценарио од филм. Романтика? Да, се уште ја има, но во други форми – во поддршката, во заедничкото носење на одлуки, во секојдневните мали гестови. Тој работи во градежниот сектор, но има разбирање за уметничкиот хаос во којшто понекогаш сум нурната и е моја најголема  поддршка, заедно со поширокото семејство. Јас пак, го поддржувам во неговата работа колку што можам, и се трудиме да бидеме тим“, раскажува Дивна.

Таа, иако не е вработена никаде, неуморно работи и твори дома, во своето ателје.

„Сега, кога децата се во училиште, имам повеќе простор за работа од дома, во студиото и во кујната“, се смее и додава дека тоа засега ѝ е доволно.

А во Македонија доаѓаат секое лето, па така и ова. Горда е затоа што нејзините деца зборуваат и македонски и англиски јазик. Македонскиот го негуваат дома, кадешто, вели, зборуваат исклучиво на македонски јазик со кавадаречки дијалект.

„Живееме во Њу Џерси каде што има многу Македонци и сме среќни што имаме пријатели со кои се дружиме и се чувствуваме поблиску до родната татковина Македонија. Секако имаме пријатели и Американци, како и од други националности, со кои се дружиме и уживаме.

Нашите американски пријатели сè почесто прашуваат и покажуваат интерес за Македонија. Дел од нив не знаат точно каде е, но кога ќе им раскажеме за историјата, културата, природата – секогаш следи позитивна реакција. Македонија ја доживуваат како нешто егзотично и полно со душа“, завршува Дивна, која потоа побрза да ги доврши сите подготовки за роденденот на еден од своите синови.

Повеќе