Уште една посебна жена стана мајка на прагот од шестата деценија

51-годишна жена стана мајка на машко дете во болницата „Плодност“ во Битола. Претходно жената имала десетина неуспешни ин витро постапки но не се откажала од желбата да биде мајка.

688

И покра возраста и претходните десетина неуспешни ин витро постапки, уште една храбра Македонка успеа да ја оствари својата најголема желба и да стане мајка на 51 година.

„Животната желба да има дете, беше пресудна за нашата пациентка, која и покрај возраста, со својата упорност, верба и надеж, на свет донесе машко бебе на 51 година во болница Плодност, во Битола. Со оглед на возраста, ова е храбар потег на гордата мајка, но и голем успех за ИВФ тимот на „Плодност“. Над 10-тина претходни обиди со ин витро постапки, не ја обесхрабрија мајката во намерата да има свое дете“, велат од болницата.„

Според нив, пресуден момент за бременост на нивната пациентка бил тестот за ендометријална рецептивност, односно ЕРА- тестот со кој се утврдува рецептивноста на ендометриумот.

„На овој начин ја имавме информацијата за точниот час од прозорецот на имплантација на ембрионот, кој беше најважниот момент за бременоста на нашата пациентка. Успехот во цел овој процес навистина предизвика огромна радост и кај пациентката, но и кај нашиот ИВФ тим, кој покажува дека упорноста и знаењето, даваат врвни резултати.

Ова не е прв случај пациентки кои имаат над 50 години, преку ин витро постапки да станат мајки кај нас. Досега, три пациентки на 50 години, две на 52 години и една на 51 година, преку ИВФ постапките во нашата болница, забремениле и донеле на свет свое дете“ рече прим. д-р Таше Трпчевски, по големиот успех кој го постигнаа заедно со ИВФ тимот на Болница „Плодност“.

Среќната мајка, која ја сподели својата радост со јавноста, истакнала дека желбите навистина стануваат реалност, но за тоа е потребна упорност, верба и секако, добар медицински тим. Таа изрази посебна благодарност до ИВФ тимот на болницата „Плодност“.

Повеќе