Австралијка роди четири идентични ќерки: Чудо што се случува еднаш на 15 милиони бремености

Мајка од Квинсленд роди четири идентични ќерки, во едно од најретките породувања со кои лекарите некогаш се соочиле. Бременоста носела огромни ризици, а четворките му се придружиле на семејство, кое веќе било преголемо за стандарден автомобил.

197

34-годишната Џенитар Наамоана од Австралија и нејзиниот сопруг, кои веќе имаат четири деца, на 14 јули добиле идентични четворки. Станува збор за исклучително редок случај што лекарите го опишуваат како речиси неверојатен. Четирите девојчиња се родени со царски рез, на 14 јули, во 28. недела и четири дена од бременоста, во Кралската болница во Бризбејн.

Сите четири бебиња потекнуваат од една оплодена јајце-клетка која се поделила на четири ембриони, што е случај кој, според гинекологот Алекса Бендал, која ја следела бременоста од самиот почеток, се појавуваат во просек еднаш на секои 15 милиони бремености.

Иако природно зачнатите четворки и онака се исклучително ретка појава, лекарите проценуваат дека веројатноста за такво раѓање изнесува приближно еден случај на 700.000 породувања. Случајот со идентични четворки што потекнуваат од една оплодена јајце-клетка и ја делеле истата постелка е уште поредок и претставува вистинска медицинска реткост.

Лекарите објаснуваат дека ваквите бремености носат исклучително висок ризик. Поради тоа, Џенитар Наамоана била примена во болница уште во 25. недела од бременоста за да биде под постојан лекарски надзор. Докторката Бендал, специјалист по мајчинско-фетална медицина и акушерство, нагласила дека уште од почетокот нивната цел била бременоста да стигне најмалку до 28. недела.

„Од самиот почеток велевме дека ќе биде одлично ако успееме да стигнеме до 28. недела. Тоа што денес имаме четири прекрасни и здрави бебиња родени во 28. недела и четири дена е неверојатно и сите сме пресреќни што бевме дел од ова“, рече таа.

Едно од девојчињата го добило името по докторката Алекса, гест што таа го опиша како „прекрасен знак на благодарност“ од родителите. Останатите три девојчиња се викаат Емили, Хариет и Кетрин.

Докторката Бендал истакна дека Џенитар Наамоана уште од првиот ден останала смирена и позитивна.

– Џенитар од самиот почеток сè прифаќаше мирно. Успеа да ги избегне сите компликации и ризици, и за себе и за бебињата – изјавила таа.

Четирите новороденчиња ќе останат на Одделението за интензивна нега на новороденчиња сè додека не го достигнат терминот предвиден за раѓање. Според лекарите, нивната здравствена состојба засега е многу добра.

Со оглед на тоа што семејството Наамоана веќе има четири деца на возраст од една до десет години, што е веќе премногу за стандарден автомобил, по раѓањето на четворките, мајката започнала интернет-кампања за собирање средства за купување комбе со најмалку десет седишта.

Во пораката објавена со кампањата таа пишува:

– Нашите четири драгоцени чуда безбедно пристигнаа. Од срце сме благодарни, но реалноста нè потсетува дека грижата за четири новороденчиња одеднаш носи предизвици какви што никогаш не сме можеле да замислиме.“

Досега семејството собрало повеќе од 37.000 австралиски долари, односно околу 21.000 евра.

Повеќе