Малолетниците ќе бидат офлајн до 15-тата година: Франција воведе забрана за користење на социјалните мрежи

Според новото правило во Франција, платформите за социјални мрежи ќе треба да воведат механизми за проверка на возраста на корисниците и да спречат пристап на лица под 15 години.

1.414

Франција ќе стане првата земја во Европската унија што ќе воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 15 години. Француските власти ја усвоија мерката со образложение дека е потребно поголемо обезбедување на децата од ризиците што ги носи онлајн просторот, објави Еуроњуз.

Според новото правило, платформите за социјални мрежи ќе треба да воведат механизми за проверка на возраста на корисниците и да спречат пристап на лица под 15 години. Мерката се очекува да започне да се применува од септември 2026 година.
Владата во Париз наведува дека целта е да се намали изложеноста на малолетниците на сајбер-насилство, штетни содржини и прекумерно користење на дигитални платформи. Поддржувачите на законот сметаат дека државата мора да преземе мерки за заштита на менталното здравје и безбедноста на младите.

Критичарите, пак, предупредуваат дека спроведувањето на забраната може да биде сложено, особено поради прашањата поврзани со проверката на возраста, заштитата на приватноста и можноста малолетниците да ги заобиколат ограничувањата.
Одлуката на Франција доаѓа во период кога повеќе европски земји разгледуваат построги правила за користење на социјалните мрежи кај децата. Дебатата за балансот меѓу дигиталната слобода и заштитата на младите станува едно од клучните прашања во европската дигитална политика.

Повеќе