Невролог открива брз тест за деменција: Овие три движења на рацете можат да бидат важен показател

Видеоснимката го прикажува најбрзиот тест за деменција кој вклучува три едноставни движења со рацете, а е познат како Луриев тест. Опишувајќи го, неврологот објаснува: Рацете можат да откријат суптилни знаци за здравјето на мозокот.

95

Еден едноставен тест со рацете, кој може да се направи без никаква опрема, привлече внимание како можен показател за промени во функционирањето на мозокот. Станува збор за Луриевиот тест, познат и како тест „тупаница-дланка-раб на дланката“, кој неврологот д-р Аднан Хусеин го претстави во видео на социјалните мрежи.

Тестот се состои од три последователни движења. Прво едната рака се стега во тупаница и се поставува врз отворената дланка на другата рака. Потоа тупаницата се отвора и раката се поставува со работ на дланката врз спротивната дланка, како при карате-удар. Во третиот чекор раката се превртува така што дланките се допираат.

Поентата не е во силата или брзината на рацете, туку во тоа дали човекот може правилно да ја запомни и повтори низата на движења. Со ова се проверуваат моторичките и таканаречените извршни функции на мозокот – способноста да се планира, организира и изведе одредена низа активности.

Кај некои луѓе со невролошки нарушувања се забележува дека не можат непречено да ја повторуваат низата. Може да го повторуваат истото движење, да го помешаат редоследот или едноставно да не успеат да преминат од еден чекор на следниот. Токму ваквите грешки може да дадат информации за функционирањето на одредени делови од мозокот.

Според податоците наведени од Хусеин, повеќе од половина од луѓето со Алцхајмерова болест имаат потешкотии при изведувањето на овој тест, додека кај луѓето со фронтотемпорална деменција проблеми се забележуваат кај речиси 70 проценти од пациентите.

Сепак, овие бројки не значат дека тестот може да ја открие или потврди деменцијата. Проблем со изведувањето може да има и човек кој нема деменција, а тешкотиите со движењата можат да бидат поврзани со други невролошки состојби, моторички нарушувања или едноставно со потешкотии во разбирањето на задачата.

Неврологот предупредува дека промените во движењата на рацете треба да се разгледуваат заедно со други симптоми. Особено внимание треба да се посвети ако истовремено се појават заборавање, промени во однесувањето или личноста, проблеми со говорот, планирањето или донесувањето одлуки.

Луриевиот тест всушност не е нов метод измислен за социјалните мрежи. Тестовите со повторување на последователни движења со рацете одамна се користат во невролошките проценки за проверка на моторичката координација и способноста за извршување на научена низа движења. Истражувањата покажуваат дека сложеноста и брзината на ваквите последователни движења можат да се менуваат и со нормалното стареење, па резултатот мора да се толкува во поширок контекст.

Затоа, ако некој има проблем да ги изведе трите движења, тоа само по себе не е причина за страв од деменција. Тестот може да биде интересен начин да се забележи дека нешто се променило, но проценката на деменција бара разговор со лекар, клинички преглед и, по потреба, дополнителни когнитивни и други испитувања.

Повеќе