Доењето е одлично, ама сите искуства се различни: Една мајка, две деца, две искуства
Иако СЗО препорачува ексклузивно доење во првите 6 месеци од животот на бебето, многу мајки имаат различни искуства, па дури и една иста мајка има различни искуства со две или повеќе деца. Какво е вашето искуство, лесно или болно?
Светската здравствена организација препорачува ексклузивно доење во првите 6 месеци, по што следи продолжување на доењето со соодветно дополнително хранење до 2-годишна возраст и повеќе. Но дека не е кај сите исти зборуваат многуте различни искуства на мајките.
Мајката Алхана родила две деца за 13 месеци. Таа отсекогаш била прилично лежерна во врска со доењето. Мислела дека ако може ќе ги дои децата, а ако не може ќе ги храни со адаптирано млеко. Меѓутоа, по раѓањето на првото дете, нејзината перцепција се променила.
„По првото раѓање, најмногу ме изненади болката додека доев. Се сеќавам дека прстите ми трнеа од самата помисла дека треба да го нахранам син ми. Искуството со ќерка ми една година подоцна беше совршено, како од учебник. Немаше никаква болка, веднаш научи како да ја фати дојката и ја доев без стрес“, ја споделила својата приказна Алхана во рамките на Светската недела на доењето.
Таа долго време се обидувала да го научи својот син Хантер да се храни. Поради сето ова ѝ била дијагностицирана постпородилна анксиозност.
„Тој едноставно никогаш не изгледаше сито. Постојано го хранев, а тој потоа беше сè уште гладен, па му давав и адаптирано млеко. Две недели го хранев, па се издојував и му давав да пие од шише и се чувствував како да немам време да се поврзам со него“, додава таа.
На крајот добила маститис и завршила со дренажа на десната града. Но, и тоа не ја поколебало сѐ додека докторот не ѝ кажал дека е најдобро да престане да дои.
„Луѓето ми велеа дека е добро што престанав да се измачувам, но јас се покајав за таа одлука. Со ќерка ми Чарли сѐ оди без проблеми. Таа има шест месеци, никогаш немало никакви проблеми, а шокирана сум што моите искуства се толку различни“, вели оваа мајка.
Она што таа го научила е дека на луѓето не ги интересира како се храни вашето дете. Дали го доите или користите шише, не е важно.
„Да го знаев ова порано, можеби немаше да страдам толку многу и можеби подобро ќе се поврзев со мојот син. Ангажирав консултант за лактација и имам партнер и пријатели кои ме поддржуваат. Сочувствувам со жените кои можеби немаат таква поддршка“, заклучила таа.
Светската недела на доењето се одбележува од 1992 година во првата недела од август, од 1 до 7. Овогодинешното мото е „ДА СЕ ЗАЗЕМЕМЕ ЗА ДОЕЊЕТО: да се едуцираме и да дадеме поддршка!“ Целите се да се информираат луѓето за нивните улоги во поддршката на доењето, да се поврзат со поединци и организации за да се создаде топол синџир за поддршка на доењето, да се пренесе пораката за важноста на доењето за правилната исхрана и за безбедноста на храната.