Моето дете прави сцени кога одиме кај педијатар или на забар
Ако вашето дете прави сцени кога треба да седне на столче кај стоматологот, да прими вакцина или да биде прегледано од педијатар, сигурно се соочувате со непријатни погледи и коментари. Но, нормално е на детето да не му се допаѓа да прима инјекција или да поправа заб. Еве неколку совети како го надминете тоа
На Линијата за родители се јавуваат родители со прашања како да го однесат детето на стоматолог и да го убедат тоа да сака да соработува и да му бидат направени расипаните запчиња. Други родители се чувствуваат посрамено кога нивното дете плаче и вреска кога треба да биде прегледано од доктор или да му се земе крв за потребите на прегледот.
Драги родители, за почеток треба да сфатите дека е природно вашето дете да се плаши од ново и од непознато. Доколку пак станува збор за повторна посета, а детето на претходната посета на доктор или стоматолог почувствувало болка, со сигурност нема да се радува на следните посети. Вие како родител од една страна сте должни да се грижите за здравјето на детето и да го однесете на доктор, но од друга страна потребно е да му помогнете и да му овозможите на детето тие посети да бидат што помалку болни и напорни за сите присутни.
Еве неколку идеи како да го направите тоа:
Направете посетата да личи на авантура. Поврзете ја со одење во продавница, парк или пекара.
Објаснете му на детето кои медицински интервенции го очекуваат.
Објаснете му дека болката е моментална и дека веднаш потоа поминува.
Направете весел календар на кој детето ќе го забележува со боичка миењето на забите.
Направете некој вид претстава преку игра во која ќе ги вежбате улогите на доктор и пациент и детето ќе знае што го очекува и како да се однесува.
Прочитајте му приказна на оваа тема.
Пред првата посета на забар земете го со вас, кога вие одите на забар за себе, за да ја доживее атмосферата, секако, доколку не го делите истиот став со детето.
Оставете го да се исплаче и утешете го. Разберете го неговиот страв. Во ред е што не му се допаѓа да прима инјекција или да поправа заб.
Немојте да го сожалувате детето и со тоа до недоглед да ги продолжувате непријатните чувства.
Обидете се да го вклучите и детето со тоа што ќе направите календар и ќе ја запишете посетата на доктор заедно со детето. Така детето од една страна ќе има време да се подготви за прегледот, а од друга страна ќе го мотивирате да води грижа за своето здравје.
Децата гледаат како се чувствувате вие. Доколку сте исплашени, голема е веројатноста дека ќе се зголеми и стравот кај детето. Доколку сте смирени и се однесувате вообичаено, ќе му влеете сигурност. Секако, особено кога станува збор за страв од стоматолог, спремете се и Вие како родител дека е потребно големо трпение и разбирање за детето. Правете мали чекори. Тоа значи дека можеби ќе треба да одите неколку пати додека да му помине стравот. Бидете му поддршка на детето. Со трпение и разбирање од вас и од докторот ќе стигнете до целта – здраво дете.
Пишува: Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник, супервизор на Линијата за родители