Педијатар од итна медицина призна кои работи никогаш не им ги дозволува на своите деца

Иако повеќето родители ќе мислат дека е згодно кога сте педијатар и имате деца, па не мора да трчате на ургентно, на пример, педијатрите, сигурни сме, ќе се согласат дека тоа воопшто не е позитивна работа во повеќето случаи. Замислете со какви се случаи се соочува еден педијатар, а особено ако е педијатар за итна медицина! Тие се оние кои ги гледаат последиците од сето она за што често ги предупредуваме децата…

4.176

Децата се деца, а на децата им се случуваат несреќи. И секогаш ќе биде така. Сепак, одредени активности носат поголем ризик од другите. Понекогаш ги предупредуваме и не успеваме да ги спречиме, понекогаш ќе ни се налутат што се обидуваме да спречиме нешто што им изгледа безопасно, а понекогаш дури и ќе престанат да го прават она за што ги предупредуваме. Иако нема да успееме секој пат, можеби ќе спречиме некои повреди…

А кој подобро го знае „прегледот“ на сите можни повреди и нивните причини, ако не – педијатар, а особено оној кој е специјализиран за итна медицина. Собата за итни случаи е местото каде што, за жал, завршуваме со децата по некои од епизодите каде што не сме успеале да спречиме несреќа и повреда. Токму затоа овде ги споделуваме советите на педијатрите од итна медицина на кои им беше поставено прашањето – што никогаш не би дозволиле да прават на своите деца бидејќи ризикот од повреда е преголем.

Да се возат на предното седиште пред да наполнат 13 години
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, сообраќајните несреќи со моторни возила се водечка причина за ненамерни повреди и смрт во САД. Децата секогаш треба да бидат на задното седиште, правилно и соодветно врзани. Ова подразбира соодветно седиште или подоцна засилено седиште и појас, погодни за возраста, висината и тежината на детето.

Најголем проблем на ова место се воздушните перничиња кои можат да предизвикаат скршеници на ребрата, повреди на главата, вратот и кичмата, особено ако детето е помало и послабо.

Да скокаат на повеќето трамболини
Според лекарите, најголем ризик претставуваат јавните трамболини и игротеките со трамболини. Неконтролираната средина и големиот број деца го зголемуваат ризикот од судири и падови, па скршениците и ортопедските повреди се многу почести во таква средина. Во зависност од тежината на детето, скокот може да биде доста силен, а ако се случи друго дете да се најде во близина, ситуацијата е непредвидлива. Другите повреди на трамболина вклучуваат исекотини, потреси на мозок и повреди на ‘рбетот.

Трамболината треба да биде всадена во земја, да има мрежа како ограда, а некој возрасен мора секогаш да биде присутен и да внимава на трамболината да нема премногу деца, а идеално е да биде само едно дете. Децата под 6-годишна возраст воопшто не треба да ги користат.

Да пливаат без надзор
Давењето е уште една водечка причина за ненамерни повреди кај децата. Повторно, американскиот ЦДЦ тврди дека повеќе деца на возраст од 1 до 4 години умираат од давење отколку од која било друга причина, а тоа често се случува во базените, како и во кадите. Факт е дека е добро и корисно да се поттикнуваат децата да научат да пливаат што е можно порано – но дури и откако децата ќе научат, родителите треба уште некој подолг период да бидат со детето секогаш додека тоа плива.

Како што децата растат и пливаат подобро, така расте и нивната самодоверба. Ова е добро од една страна, но може да доведе и до прекумерен ризик. Многу е важно да се запамети дека детето сè уште може да се удави, дури и ако знае да плива. Секогаш некој треба да ги надгледува, без разлика каде се капат децата.

Да возат што било без кацига
Велосипеди, скутери, скејтборди, … детето треба да има кацига за сѐ. Кога се вози на какви било тркала, тоа мора да има кацига. И нема расправање околу тоа. Децата, всушност, имаат несразмерно голема глава во споредба со нивното тело, па веројатноста да паднат и да ја удрат главата е поголема од онаа на возрасните. Последичните повреди варираат од удари и исекотини до потреси на мозокот и тешки мозочни крварења кои предизвикуваат трајно оштетување.
Децата треба да носат шлемови и за време на скијање, сноуборд, лизгање, јавање коњи и за време на одредени спортови на вода. Правилото е: ако за тоа има кацига, детето треба да ја носи, без разлика колку е добро во нешто.

Милување на непознати животни
Многу посети на итната помош може да се спречат ако децата се научат како да се однесуваат соодветно со животните, особено со оние што не ги познаваат. Важно е да ги научите дека доколку видат животно со кое сакаат да комуницираат на кој било начин, тоа мора да се направи на безбеден и контролиран начин, односно пред сѐ, треба да разговараат со сопственикот на животното.
Ако детето има домашно милениче, ќе му пристапи на животното со уште поголема самодоверба, но важно е и таму да се постават граници. На пример, детето не може да бакнува или прегрнува кое било куче само затоа што тоа му го прави на своето куче. Каснувањето од куче по лицето е една од најчестите повреди кога станува збор за животните.

Повеќе