Романот „Отуѓување“ на турнеја низ Србија, со покана за промоција и во Хрватска и Словенија
Претставници од повеќе земји кои беа присутни на промоцијата на романот „Отуѓување“, во рамки на меѓународната конференција за рамноправно родителство во Нови Сад, изразија голем интерес за овој, можеби прв роман кој на ваков начин третира една од најболните проблематики со кои се соочуваат таканаречените „секундарни“ родители кои по разводот практично го губат своето родителско право.
Во рамки на Конференцијата за рамноправно родителство во Нови Сад се одржа и промоција на романот „Отуѓување“ заснован на вистинска приказна на татко кој се бори да го задржи своето татковство откако престанува бракот со мајката на неговиот малолетен син кој пак, како и многу други деца во слична ситуација, е и самиот жртва на отуѓувањето од сопствениот родител.
Автор на романот е кавадарчанецот Ѓорѓи Мешков кој заедно со својот пријател и главен протагонист на приказната раскажана во книгата, таткото Бранко Брковиќ, го привлекоа вниманието на присутните на конференцијата, кадешто на покана од Центарот за рамноправно родителство од Нови Сад ја промовираа книгата и зборуваа за своите мотиви за овој роман.
Претставници од повеќе земји кои беа присутни на промоцијата, изразија голем интерес за романот со оглед на тоа што станува збор за, можеби прв роман кој на ваков начин третира една од најболните проблематики со кои се соочуваат таканаречените „секундарни“ родители кои по разводот практично го губат своето родителско право. Се разговараше и за изнаоѓање решение за превод на романот на српски, хрватски и англиски за да може истиот да биде промовиран и во поширокиот регион, но и за англиското говорно подрачје. Секако, станува збор за обемно дело, па и цената за преводите би била преголем залак за авторите.
Промоцијата ја снимаше екипа од ТВ војводина за емисијата „Македонско сонце“.