„Јас ја прашав да ми биде девојка, таа прифати, а после ме изневери со петтоодделенец!“ Муабет со основци, за љубовта, за зависноста од телефони, за сѐ и за сешто

И десетогодишниците знаат што е љубов, врска и неверство иако, значењето не им е баш целосно јасно. Но она што загрижува не е тоа туку, како што признаваат и сами, нивната неможност да се отргнат од телефоните и социјалните мрежи и да се забавуваат сами, во живо и без екрани

267

Деновиве имаме гости од соседството, поточно, од Белград. Дванаесетгодишното девојче Мила кое е петто за шесто одделение и десетгодишното момче Иван кое годинава ќе биде четврто одделение. Девојчето е изненадувачки големо за своја возраст, особено со оглед на тоа што долго не сме се виделе. Штом почнете разговор со неа, гледате дека овој впечаток не произлегува само од нејзиниот надворешен изглед, туку и од начинот на кој комуницира и начинот на кој размислува.

И со двајцата, на нивна иницијатива, меѓудругото, зборувавме и за масакрот што го изврши малолетниот Коста во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград. Иван нѐ праша дали ние во Македонија сме слушнале за ова. Широко ги ококори неговите сини убави очи додека ни раскажуваше за тоа што се случило, а беше загрижен и затоа што во нивното училиште поставиле камери само во ходниците, но не и во училниците.

И Мила и Иван се шокирани од случувањето и прераскажуваат што се зборува меѓу децата кај нив. Велат дека сега им било забрането да играат игрички со пукање, но дека тие сепак понекогаш ги земаат триаголниците со кои имитираат пиштоли и глумат дека пукаат.

Мене пак низ глава ми поминува мислата дека и ние во наше време имавме такви игри. Имаше и генерацијата на син ми. Сите сме „пукале“ со нешто, а најблиску до оружје ни биле пиштолите со гумени капсули или пак оние пластичните, на вода. Сепак, никој од нас не зема вистинско оружје за да си ги испоубие другарите. И на моите две гостинчиња од Белград им е тоа неверојатно. Можеби затоа и не мислат дека прават нешто погрешно кога „се пукаат“ со триаголник или лењир. Искрено, сѐ до овој случај кој беше прв ваков случај во регионов, никој од нас не гледаше ништо лошо во детските игри со „пушки и пиштоли“.

Бидејќи постоеше сомневање дека инспирација на малолетниот Коста за масакрот бил познат тиктокер, нашите две гостинчиња, за секој случај, своеволно ги избришале своите профили на Тик-Ток. Сепак, тоа не го спречи десетогодишниот Иван да ни раскаже за некои од предизвиците со кои имал можност да се сретне досега. На пример, се згрозуваше од оној кога деца се предизвикувале меѓусебе да лизнат валкана тоалетна школка, да украдат нешто од училиштето, да претрчаат преку улица на црвено светло и слично. Велат дека се сретнале и со некои предизвици кои ним им изгледаат и добри. Велат дека се состојат во тоа да се направи нешто хумано, на пример, ако снема тоалетна хартија или сапун, да донесат, и тоа во што поголеми количини.

Нормално, следуваа и нашите прашања за нивниот „љубовен живот“. Десетгодишникот подготвено изјави дека кога оделе на настава во природа, во автобусот прашал едно девојче да му биде девојка, а таа веднаш прифатила. Само после неколку дена, вели, ме изневери со петтоодделенец.

А што правеле додека биле во „врска“?

„Се држевме малку за рака, а еднаш и се бакнавме во образ“, рече тој.

Неговата сестра пак, која има неколку килограми вишок, на кои до пред некој месец не им обрнувала внимание, наеднаш почнала да ги забележува па наместо да ни каже збор-два за својот „љубовен живот“, почна да зборува за својот проблем со храната.

„Јас имам проблем со храната. Не знам што ми е, кога ќе почнам да јадам, не можам да престанам. Слично се чувствувам и кога сум на телефон. Седам со часови и не слушам и не забележувам никого. Често мама знае да ми се налути затоа што не реагирам кога ми кажува нешто. Исто и брат ми. Знам дека претерувам, ама не можам да престанам, мислам дека сум зависна и од двете“, вели таа загрижено.

За среќа, свесна е за проблемот, но не ѝ е јасно како да го реши. Вели дека во училиште, речиси на сите часови, сите деца се со телефоните во раце.

„Наставничката по историја ни кажа дека она нема да се заморува со тоа. Кој сака да учи, нека ја слуша, а кој не, нека си го гледа телефонот. И сите се со телефон во рацете, па и јас“, признава таа.

Вели дека многу ретко си играат нешто, речиси никогаш. А таа постојано ги менува спортовите. На нашиот предлог, наместо да се воздржува од јадење, да си јаде колку сака, но и секојдневно да ги троши калориите одејќи да спортува нешто малку посериозно, беше доста скептична.

Вели дека најмногу гледа видеа на јутјуб и дека кога ќе погледне и ќе види на бројачот кој го има на својот смартфон, дека на тоа потрошила неколку часа и самата се чуди.

Уште една работа за која многу зборуваат и денешните психолози е онаа за тоа дека овие денешни деца очекуваат од своите родители, кога се без телефони и буквално, умираат од досада, тие да ги спасат од досадата.

„Мамо, дај те молам реши ми ја оваа досада зашто не знам што да правам друго освен повторно да го земам телефонот!“ Токму така ѝ вели на својата мајка нашата новопечена тинејџерка од Белград. Ова ни го раскажува нејзината мајка која сепак ги остава децата да се снајдат сами.

„Впрочем, јас и не се сеќавам дека мене ми било некогаш досадно на оваа возраст, а ним им здосадува дури и кога сме на одмор, после само 4-5 дена. Секој ден ги менуваме плажите и одиме на различни места за да не им е досадно, ама залудно. Затоа ги оставам сами да се справат со својата досада. Нам немаше кога да ни биде досадно кога постојано бевме надвор или сами си измислувавме различни игри“, вели оваа жена која неодамна наполни 40 години.

Интересно беше да се поразговара со неа и со нејзините деца, со оглед на тоа што не сум имала таква можност подолго време. Очигледно е дека работите се доста сменети од она како беше додека мојот син беше на оваа возраст (сега има 29 години). Но тоа беше навистина многу одамна, пред цели 19 години. Такашто, од перспектива на десетгодишниот Иван за кој некоја песна која ја слушала мајка му, а била од „далечната“ 2020. година, е веќе евергрин, времето кога јас сум имала дете на таа возраст, е речиси па праисторија.

Како и да е, денес има многу нови проблеми со кои се соочуваат и децата и родителите, па не ме изненадува ниту информацијата за која дознав токму од моите гости, а тоа е дека кај нив, на одвикнување од употреба на мобилни телефони одат и цели семејства.

Како тргнале работиве, кај да е, ќе треба во семејната терапија да се вклучат и бабите и дедовците. Имено, гледам дека и новопечените баби и дедовци родени во 60-тите и 70-тите години, се длабоко загазени во овој свет.

Некако, лека-полека, изгледа речиси сите станавме зависници и инфлуенсери, нели?

Повеќе