Што е „вагинално сеење“? Природата има решение за пренесување на мајчиниот микробиом на детето – со доење

Контроверзниот тренд „вагинално сеење“ е наменет за пренос на микроорганизми од мајката на бебето родено со царски рез. Но, царскиот рез не е целосно безопасен за детето: околу половина час пред зафатот, трудницата добива антибиотик за да се спречи инфекција на раната, така што детето ќе дојде во контакт со него уште додека е во матката.

121

Кога бебето доаѓа на свет природно, поминувајќи низ породилниот канал, тоа доаѓа во контакт со микроорганизми од вагиналниот и цревниот секрет на мајката, таканаречениот микробиом. Меѓутоа, кога породувањето се врши со хируршка процедура, односно „царски рез“, секако, сѐ е стерилно.

За вака роденото дете што поскоро да дојде во контакт со мајчиниот микробиом, може да се направи „вагинално сеење“ веднаш по породувањето. А како се прави тоа, објаснува Кристоф Хертел од Универзитетската болница во Вирцбург:

„Пред царскиот рез се зема брис со мајчиниот вагинален секрет од породилниот канал. И веднаш по процедурата, со стапче кое е навлажнето со вагиналниот секрет на мајката се протриваат устата и кожата на новороденчето“.

Контроверзен метод
Експертите се поделени околу методот на вагинално сеење, главно поради тоа што сè уште има прилично малку податоци или научни студии.

Здруженијата на гинеколози и педијатри не ја препорачуваат оваа метода. Некои истражувачи и лекари веруваат дека постои ризик од пренесување на опасни микроорганизми, како што се стрептококите од групата Б, кламидија или дури и вирусот на херпес. Приврзаниците на методот, меѓутоа, тврдат дека такви инфекции може да се појават и при природно породување.

Во секој случај, важно е внимателно да се одмерат добрите и лошите страни, вели др. Хертел, и истакнува дека можностите за вагинално сеење не треба да се земаат како главен аргумент за царски рез.

Каде се прават најмногу царски резови?
Сѐ повеќе жени се породуваат со царски рез. Тоа одамна веќе не се прави само од медицински причини. Според Светската здравствена организација, пет земји имаат особено висока стапка на царски рез, во некои случаи дури и повеќе од 50 проценти: Доминиканската Република, Бразил, Кипар, Египет и Турција.

Според Хертел, наводната безбедност на ваквото породување за бебето е само една од причините зошто жените се одлучуваат на царски рез. „Секако дека постои страв од болка, но и медиумите играат важна улога, бидејќи ни претставуваат идеал за убавина што жените можеби повеќе нема да го отелотворуваат по природното породување.

Зошто царскиот рез не е безопасен за детето?
Царскиот рез не е целосно безопасен за детето: околу половина час пред зафатот, трудницата добива антибиотик за да се спречи инфекција на раната, така што детето ќе дојде во контакт со него уште додека е во утробата. „Се покажа дека сите бебиња имаат соодветно ниво на антибиотици во папочната врвца“, вели Хартел.

Таквата изложеност може да создаде отпорност на антибиотици рано, што може да биде проблем подоцна ако тие се неопходни за лекување. Дополнително, ваквата рана употреба на антибиотици може да влијае на составот на цревниот микробиом и да поттикне развој на болести како што се астма, дебелина или алергии.

Вагинално сеење и поврзување (Vaginal seeding & bonding)
Погледнете чудо: природата од самиот почеток има решение, а тоа е – доењето. Или, како што велат научниците, мајчиното млеко или контактот кожа со кожа е добар за пренесување на микробиомот од мајката на детето.

И затоа еве една генијална холандска студија објавена на почетокот на март 2023 година во списанието „Cellular Host and Microbes“: микробиомот на мајката, според авторите, се пренесува на новороденчето преку контакт со кожа и преку мајчиното млеко, а не само преку вагинален секрет. Сето заедно го снабдува новороденчето со „арсенал“ на микроби. Доколку недостасува некој елемент, како што е вагинален исцедок за време на царски рез, контактот со кожата и мајчиното млеко го надоместуваат.

Таканаречениот ’bonding’, што во превод значи поврзување со мајката, може да му помогне на микробиомот да се развие во првите неколку недели на сличен начин како кај природно родените деца“, објаснува Хертел. Тоа значи дека бебето треба многу да се дои и да се гали.

Или – барем издојте го млекото и дајте му го на бебето со шише, што исто така одамна стана тренд, бидејќи се прошири веста дека доењето ги изобличува градите. Секако, пожелно е да се има контакт со кожата на бебето при давањето на шишето.

Повеќе