Кај отиде светов?! Баба одбива да ги чува внуците ако ќерката не ѝ плати
Сѐ почесто наидуваме на вакви приказни од светот, па изгледа дека сѐ почесто бабите и дедовците прават проблем од чувањето внуци. Досега не сме слушнале за нешто слично и кај нас, но се плашиме дека и тоа бргу ќе нѐ стаса. Што мислите вие на оваа тема?
Порано, барем кај нас, беше сосема нормално бабите и дедовците да ги чуваат внуците. Дури некои од нив и се лутеа ако децата ги запишеа во градинка, демек, покрај нив живи и здрави.
Меѓутоа, последниве години некако сѐ почесто наидуваме на вакви приказни од светот, кои зборуваат за баби и дедовци кои си го сакаат назад своето слободно време или пак за чувањето внуци си бараат финансиска надомест.
Така и оваа баба која ѝ кажала на својата ќерка дека не ѝ паѓа на памет да ги чува внуците доколку не ѝ се плати за тоа. Како што се пожалила на Редит, мајката е самохран родител и нема кој друг да се грижи за нејзините деца кога таа има итни обврски. Освен тоа, вели дека финансиски не може да си дозволи да ѝ плати за услугата.
„Досега секогаш се потпирав на мајка ми кога во последен час ми требаше некој да се погрижи за моите деца. Но, сега бара паричен надомест за да ги чува внуците, нешто што јас како самохрана мајка во моментов не можам да си го дозволам. Понекогаш знам да ѝ платам, но не можам секој пат. Таа ми рече дека не е дадилка и дека повеќе не мисли да ми излегува во пресрет“, напишала таа во објавата која брзо стана вирална и ги поделила мислењата на луѓето.
И додека едни сметаат дека бабата е во право, други мислат дека ѝ е мајка и дека сепак треба да ѝ помогне, особено затоа што ќерката очигледно нема пари секогаш да ѝ плаќа за ова.
„Потполно разбирам низ што поминувате бидејќи и самата сум самохрана мајка и моите родители често ми помагаат кога имам обврски кои не можам да ги одложам и не можам да го земам моето дете со себе. Жал ми е што поминуваш низ ова, особено што мајка ти треба да ти биде најголем поддржувач, а не да ти ја отежнува и онака тешката ситуација”, е еден од коментарите за поддршка на оваа мајка која сакала да остане анонимна.
Што мислите вие на оваа тема? Дали сте слушнале за нешто слично и кај нас?