На тест за Алцхајмер. Извадок од книгата „Кога мама заборави дека ме сака“
Кога секој ден губите по некоја коцка од вашиот живот и сè околу вас се распаѓа како кула од карти.
Кога почнува да ви ги снемува работите, кога некој ви ги краде парите, ви ја крие облеката, а се сомневате и дека сакаат да ве отрујат. Кога никој не ви верува, а и вие не верувате никому… На 21.09 во просториите на МладиХаб во центарот на Скопје со почеток во 18 часот ќе биде одбележан Светскиот ден на Алцхајмер.
…… Да гледаш личност која е болна е една работа, но да гледаш како од некој што ти е близок останува само лушпа, е сосема друга. Ќе ги препознаеш цртите на лицето, физичките особини, но во очите нема ништо, некој сосема друг свет.
Не се сеќавам на сите медицински прегледи кои ги направивме додека да стасаме до невролог и на сите прегледи на кои потоа не испраќаа невролозите.
Велат дека првите промени во мозокот почнуваат да се појавуваат уште десет години пред првите симптоми. Проблем е и што овие први симптоми тешко се препознаваат, особено затоа што лесно може да се помешаат со лошо расположение, тага и незадоволство. Баш како што мислевме и ние.
За да се дијагностицира болеста неопходно е да се направат цела низа тестови и прегледи кои во нашиот здравствен систем можат да траат доста долго, а за тоа време пациентите тонат сè подлабоко.
На мајка ми ѝ беше направен тест за Алцхајмер многу доцна, за првпат, во 2017-та година. Дури тогаш сфатив колку е изгубена.
Се шокирав од работите што не ги знаеше. Ја прашуваа кој ден е, кој месец и која година, кое годишно време е. Немаше поим. Навикната да зборувам наместо неа, да одговарам на прашањата наместо неа, таа бараше да ѝ помогнам, да ѝ шепнам, како да сме на училиште, а таа не се подготвила за испрашувањето.
„Кажи нешто, ајде, помогни малку“, ме гледаше молбено, а мене дури и ми доаѓаше да ѝ шепнам, па си бев смешна сама на себе. Докторките што ја тестираа ѝ велеа: „Не, нема помагање, мораш сама“.
Кога го прочита извештајот од тестирањето, докторот за првпат ја изговори дијагнозата. Не знам зошто бев толку шокирана и како можев толку долго да се залажувам себеси. И не ми беше јасно што е деменција, а што Алцхајмер, па бидејќи не беше многу прецизен, го прашував докторот што е подобра варијанта.
Мислам дека беше изненаден од моите прашања и од мојата вчудовиденост од дијагнозата. Долго доаѓавме кај него. Беше психијатар во воено-медицинскиот центар во „8 Септември“ и кај него почнавме да одиме по препорака на братучед ми кој беше уролог во болницата. Беа колеги и пријатели и докторот нè прими, а потоа мајка ми му стана редовна пациентка.
Сакаше да оди кај д-р Моме. Ѝ беше симпатичен. Велеше, фин човек е, си правиме убав муабет.
А тој ја прашуваше на пример, дали има цвеќиња, дали се дружи со пријателките, како ѝ се викаат, па колку деца има, колку внуци, ѝ поставуваше прашања ама беше благ со неа и секако, никогаш не ѝ велеше дека згрешила.
На почеток се спремавме по пат натаму.
„Мамо, сега ќе те прашува докторот колку деца имаш и како се викаат, ајде, да повториме, кажувај ми ги имињата, ајде по ред, кое ти е прво дете?“
„Вите“.
„После Вите?“
„После, после Вите е Нине, така?“
„Да, браво мамо, а трето дете кое ти е?“
„Стевче?“
„Абе мамо, јас сум ти трето дете, баш мене ли ме заборави?“
Се разочарував како мало дете, ама продолжувавме да повторуваме.
„Добро, ајде, јас сум трета по ред, а Стевче е најмал, така?“
„Така“.
„А кога си родена?“
„На 1-ви Март“.
„Браво, а која година?“
„80?“
„Не, не колку години имаш, туку која година си родена те прашувам?“
„39-та“.
„Бравооо, супер!“
„А денес кој датум е?“
Ја испрашував сè и сешто, кој датум е, кој ден е, кое годишно време е, нагаѓав што би можел да ја праша па се подготвувавме и двете како децата за екстерните тестови.
Си мислев, па што, и мене да ме праша докторот кој ден е денес, тешко дека ќе се сетам, особено ако не одам на работа. Што ако не знае која година е, па и јас понекогаш се збунувам.
Докторот мислеше дека сум доволно паметна за да ја препознаам дијагнозата и без ова тестирање на кое, како што сфатив подоцна, всушност нè испратил за да можеме да добиеме парична помош за туѓа нега, а не затоа што и претходно не знаел дека станува збор за деменција.
Ама јас дури не ја видов на тестирањето и додека не го прочитав резултатот „црно на бело“, како да не сфаќав дека мајка ми нема поим ни приближно која година е, ниту знаеше што е година, а што век.
Во резултатот пишуваше: „На психолошкото тестирање доаѓа во придружба со нејзината ќерка. Има уредна надворешност, отежнато движење. Контакт и соработка тешко се воспоставуваат и тешко се одржуваат во саканиот правец. Квалитетот на вербализација изобилува со опширност во излагањето, но не постои можност за издвојување на важните содржини од помалку важните. Нема увид и критичност за состојбата во која се наоѓа. На моменти станува видно вознемирена, со нагласен тремор. Дезорганизирана е просторно, временски и кон личности. Не е во состојба да дава одговори на концептуално ниво …“.
Страшно звучеше кога го видов напишано. Дури ми беше пострашно додека го читав ова, отколку додека го живеев…..
(КНИГАТА МОЖЕТЕ ДА ЈА НАЈДЕТЕ ТУКА)