Новогодишен детски музички спектакл: Петар Пан и Дедо Мраз

Што се случува кога Дедо Мраз, летајќи директно од Лапонија ќе слета до Недојдија, во прекрасниот свет од соништата на Петар Пан? Фантастично дружење, многу забава, музика со која најубаво се танцува, неверојатни изненадувања и вербата дека чудата навистина постојат.

335

Детскиот музички спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ ќе се случува на 24 декември (17 часот) во Арената Борис Трајковски, што е можност сите заедно да ја испратиме старата и со Петар Пан, Ѕвончица, Венди, неговата дружина, изгубените момчиња, Индијанците, пиратите, капетан Кука и страшниот крокодил, да ја дочекаме Новата година.

Петар Пан во новогодишно руво ќе го фрли златниот прав на чудата, а Дедо Мраз ги повикува сите деца ама и оние што не сакаат да пораснат да не ја пропуштаат оваа неверојатна претстава.

Патем, после големите успеси: четири преполни сали на 31 март во Националната Опера и Балет во Скопје, а потоа и претставите во Штип, Струмица и Велес, ова ќе биде последниот Петар Пан за годинава.

Да потсетиме: сценариото и сонговите на Петар Пан, омилениот лик од романот на Џејмс Метју Бари, ги напиша Ристо Самарџиев, режијата и кореографијата се дело на Ирена Лозинска, а за магичната музика се погрижи Владимир Дојчиновски.

Петар Пан е синоним за волшепство и семожност, за магичен прав со кој летаат малечките херои и светот, едноставно станува волшебен. Во тоа ќе ве уверат вистинските ѕвезди на претставата, децата од Балетското студио – Арт Балет.

Новиот музички детски спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ го организира Прагма продукција.

Повеќе