На мажите не им е место во родилната сала

Со оглед на тоа што повеќе од 50 години сум учествувал во породувања во болниците во Франција, Англија и Африка, најдоброто опкружување што го знам за лесно породување е кога нема никој околу родилката освен тивка и искусна бабица. Значи, без лекар и без сопруг, вели еден од водечките светски гинеколози, Мишел Одент

203

За многу мажи, присуството на раѓањето на детето е важен и емотивен настан. Сепак, еден од водечките светски гинеколози, Мишел Одент, смета дека присуството на таткото може да го направи породувањето подолго, поболно и покомплицирано.

„Пристигнувањето на бебињата во светот би било поедноставно кога жените би останале сами со бабицата за да им помогне, како во минатото“, рекол во една пригода Одент и објаснил зошто идеалната средина за породување генерално не ги вклучува мажите.

„Со оглед на тоа што повеќе од 50 години сум учествувал во породувања во болниците во Франција, Англија и Африка, најдоброто опкружување што го знам за лесно породување е кога нема никој околу родилката освен тивка и искусна бабица. Значи, без лекар и без сопруг“, вели тој за Обсервер.

„Пораѓањето е полесно и побрзо во вакви ситуации отколку кога има други луѓе наоколу, особено машки фигури – сопрузи и лекари“, истакнал тој.

Несоодветната средина е виновна за зголемениот број на царски резови

Одент објаснува дека присуството на маж кај жените го стимулира производството на адреналин, што ги прави напнати и го забавува природното производство на окситоцин, кој е од витално значење за породувањето.

„Доколку има недостиг на окситоцин, породувањето не е толку ефективно и сè станува потешко. Породувањето станува подолго, поболно и потешко бидејќи хормоналната рамнотежа кај жената е нарушена поради несоодветната средина. Ова го објаснува фактот дека сѐ повеќе и повеќе жени денес раѓаат со царски рез“, тврди тој.

Мажите почнаа да посетуваат породувања во 1950-тите. Одент го поврзува ова со „индустријализацијата на породувањето“, кога жените почнаа да се пораѓаат во болници наместо дома и сакаа некој да ги поддржи во текот на процесот. Инаку, Одент се залага за породување во вода, ја нагласува важноста на контактот кожа на кожа по породувањето и го поттикнува доењето во првиот час од раѓањето на детето.

Повеќе