Кога децата готват… Група ученици од скопско Мршевци уживаат во најубавиот изборен предмет
На изборните часови по кулинарство во ООУ „Браќа Миладиновци“ во село Мршевци, учениците, од почетокот на наставата по готвење за која е одговорна нивната наставничка Јованка Грозданоска, научиле да прават затворена пица, а најновиот рецепт кој го совладале се – палачинките.
Јованка Грозданоска е одделенска наставничка на децата од прво до петто одделение во ООУ Браќа Миладиновци во село Мршевци кое е подрачно училиште на истоименото што се наоѓа во село Миладиновци, општина Илинден.
„Во нашето училиште учат само деца од прво до петто, а потоа го продолжуваат школувањето во село Миладиновци. Со новата програма од лани имаме по два изборни предмети. Еден е во првото полугодие и тој се викаше „Моделарство, направи сам“, а сега. во второто полугодие имаме часови по готвење. Се разбира дека сѐ што ќе направиме заедно со децата, потоа тие со задоволство го дегустираат“, вели наставничката.
Од почетокот на наставата по готвење за која е одговорна нивната наставничка Јованка, тие веќе научиле да прават затворена пица, а најновиот рецепт кој го совладале и со задоволство се нагостиле, се палачинки.
„Имаме програма што да правиме ама таа е флексибилна и не мора баш строго да се придржуваме кон тоа што е предложено во програмата, па децата си изработија свое мени за тоа што би сакале да научат да готват и сите заедно одлучуваат што ќе прават наредниот час. Секако, одлуката мора да се донесе неколку дена порано за да ги купиме потребните намирници“, објаснува Јованка.
Инаку, децата кои сега одат на овие часови по готвење се петто одделение и оваа година им е последна година во подрачното училиште во Мршевци.
„На крајот на четврто одделение им дадовме листа на изборни предмети кои би сакале да ги учат во петто и самите деца, односно, повеќето од нив ги избраа овие два предмети. Лани имаа други, а тие не смеат да се повторуваат, па во шесто ќе треба да одберат други. За понатаму не се знае затоа што новата концепција на образованието е стигната само до шесто одделение“, вели наставничката која ни ја испрати и листата со целите кои децата треба да ги остварат на крајот на годината преку предметот готвење.
Имено, децата треба да ја разберат разликата меѓу готвењето во минатото и денес. Можат да ги идентификуваат/препознаат начините на готвење. Сфаќаат дека здравата храна е важна за здравјето и животот на човекот, има познавања за приборот и за намирниците за готвење, подготвени се да преземат активности кои се поврзани со готвењето, имаат критички став кон готвењето, поддржуваат различни начини на готвење, се залагаат за користење на различни и здрави намирници за готвење, а ја разбираат и разликата меѓу свежа и термички обработена храна, умеат да ракуваат со приборот, знаат како се приготвува салата и сфаќаат дека треба да се биде внимателен во подготвувањето на храната, како и при ракувањето со предмети кои може да предизвикаат повреди.
Исто така, треба да умеат да изработат рецепт, да разбираат како се готви, да ги знаат постапките и да сфатат дека за готвење треба да побараат помош од возрасно лице.
На часот по слободниот изборен предмет – Кулинарство денес со учениците од петто одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“ с.Мршевци, правевме палачинки. Тие се омилени кај сите возрастни групи и можат да се прават во повеќе варијанти. Во повеќе земји ги прават на различен начин, но основните состојки секогаш се брашно, млеко или вода и јајца. Овојпат ние правевме благи палачинки за појадок“, ни кажа наставничката Јованка Грозданоска која го сподели со нас и рецептот по кој учениците ги направиле своите први палачинки.
Состојки:
2 јајца
2 лажички шеќер
¼ лажичка сол
30 лажици брашно
200 мл газирана вода
250 мл млеко
50 мл масло за јадење
Приготвување:
Во подлабок сад ги ставивме јајцата, шеќерот и солта и матевме со жица. Потоа ги додадовме сите течни намирници, газираната вода, млекото и маслото за јадење. Добро измешавме и додававме лажица по лажица брашно со постојано мешање со жица, додека не се разбија сите грутчиња. Смесата за палачинки треба да биде како јогурт. Потоа ја оставивме малку да одмори 20 – 30 минути за добро да се соединат сите состојки.
Потоа, се зема нелеплива тава за палачинки и со црпалка се става во тавата. Се пече на висока температура, прво од едната, а потоа и од другата страна, не многу за да не се исушат и за да бидат меки. Откако сите ги испековме ги намачкавме со еурокрем, шлаг од ванила, сечкани банани и мелена плазма. Полнењето на палачинките може да биде и со солен фил. Ви препорачуваме да го пробате овој рецепт. Нам ни излегоа отприлика 30 палачинки.