Терапевт открива зошто децата најчесто имаат изливи на бес и како да се справите со нив

Најчесто, изливите на бес произлегуваат од фрустрација, глад, замор или чувство на неспособност да ги изразат своите потреби, особено кај деца под три години кои штотуку учат да ги соопштуваат своите потреби и развиваат вештини за емоционална регулација.

260

Според психолозите, изливите на бес се емоционални епизоди кај малите деца за време на кои тие изразуваат силни емоции како лутина, фрустрација, тага или разочарување. Овие испади можат да траат и до 15 минути, а децата можат да го манифестираат својот гнев со плачење, врескање, удирање, фрлање предмети, одбивање да се движат или задржување на здивот.

Тие често произлегуваат од фрустрација, глад, замор или чувство на неспособност да ги изразат своите потреби, особено кај деца под три години кои штотуку учат да ги соопштуваат своите потреби и развиваат вештини за емоционална регулација. Важно е да се напомене дека овие испади ќе се намалуваат како што детето расте и ги развива своите јазични, емоционални и вештини за самоконтрола. Ако продолжат и по одредена возраст, тоа може да укажува на проблеми со управувањето со емоциите.

Затоа, родителите и старателите имаат клучна улога да им помогнат на децата да го надминат гневот, да ги учат за емоциите, нивното процесирање и здравото справување со гневот. Социјалниот работник, кој исто така работи како терапевт во приватна пракса, Мајкл Валехо, споделил неколку стратегии за управување со бесот кај малите деца.

Учете ги за емоциите
Малите деца често доживуваат големи емоции, но сè уште не научиле да ги искажуваат со зборови. Затоа, важно е родителите да користат зборови што ги опишуваат чувствата кога разговараат со децата. „На пример, вербализирајте ги вашите емоции и објаснете зошто ги чувствувате. Така можете да кажете: „Се чувствувам среќно затоа што одиме во зоолошка градина“, вели Валехо за Today’s Parent.

Важно е да ги научите за емоциите бидејќи тоа им помага да ги подобрат нивните комуникациски вештини и им овозможува да зборуваат за нивните потреби, желби и грижи.

Поттикнете позитивно однесување
„Пофалете го и наградете го вашето дете кога соодветно се однесува или покажува позитивни одговори на стресот“, советува социјалниот работник. На пример, можеме да ги пофалиме кога ќе се смират по бесот и ќе речеме: „Горд сум на тоа како се смири“.

Валехо вели дека родителите не смеат да попуштат на изливите на бесот, бидејќи тоа ги учи децата дека е тоа ефикасен начин да го добијат она што го сакаат.

Останете мирни
Може да биде тешко да се остане смирен, особено ако сме преоптоварени, но важно е да се запамети дека децата немаат изливи на лутина за да не вознемират. Меѓутоа, ако останеме смирени, можеме да спречиме ескалација на ситуацијата.

Користете пренасочување
„Пренасочувањето е ефикасна стратегија која може да ви помогне да го пренасочите однесувањето на вашето дете кога ќе почувствувате дека се подготвува излив на бес“, вели Валехо. На пример, ако децата виделе играчка во продавница и не можат да ја добијат, треба да им го пренасочиме вниманието.

„На пример, кажете: „Не е добро да се биде бесен поради играчка. Погледни колку шарени кутии има таму. Да ги именуваме боите?“, објаснува тој.

Понудете избори
Валехо објаснува: „Можете да избегнете излив на бес, давајќи му можности на вашето дете кои го поттикнуваат и му даваат чувство на контрола“. Откако ќе ја признаеме нивната фрустрација, можеме да им понудиме избор кој одговара на ситуацијата. Значи, ако тие почнуваат да се фрлаат на подот затоа што е време да го напуштат игралиштето, нивните опции може да бидат да одат и да уживаат во ужината дома или да заминат пет минути откако ќе се полизгаат на лизгалката.

Управувањето со бесот вклучува рано учење на вашето дете за емоциите, зајакнување на позитивното однесување и мирна комуникација.

„Ако се чувствувате преморени, запомнете дека бесот е нормална фаза низ која поминуваат малите деца“, заклучил експертот.

Повеќе