Ако веќе се разведувате, разведете се како луѓе! Шест прашања што треба да ги поставите пред да му ставите крај на бракот

Ставете се во кожата на вашите деца и фокусирајте се на квалитетот на времето поминато со нив, а не на квантитетот. Исто така, важно е да размислите кое е најдоброто сценарио за децата – каде ќе живеат, колку често ќе остануваат со секој од родителите, со бабите и дедовците, во кое училиште ќе одат и како ќе стигнат и ќе се вратат од таму

167

Според статистичките податоци, бројот на разведени лица постојано се зголемува. Со оглед на тоа што одлуката за развод е тешко да се донесе затоа што во неа се вклучени и емоции и одговорности, постојат шест прашања што секој треба да си ги постави пред да одлучи да стави крај на бракот. Кејт Дејли, која водела стотици парови низ процесот на развод, открива за што треба да разговараат партнерите пред да се разделат.

Може ли да се спаси нашата врска?
Дејли советува прво сами да размислите за ова прашање, а потоа кога ќе имате појасна слика за вашите потреби, разговарајте за тоа со партнерот. Ако одлучите да ги надминете проблемите, индивидуалната терапија и терапијата со парови може да биде најдобриот чекор.

Дали сме на иста страна?
„Споделете ги вашите чувства со вашиот партнер. Обидете се да бидете сигурни дека и двајцата сте на иста страна за да го олесните разводот”, советува Дејли.

Како ќе ги воспитуваме нашите деца?
Логистиката и практичните аспекти на родителството се следните на агендата. Запрашајте се како можете да бидете најдобри родители за вашите деца.

„Ставете се во кожата на вашите деца и фокусирајте се на квалитетот на времето поминато со нив, а не на квантитетот. Исто така, важно е да размислите кое е најдоброто сценарио за децата – каде ќе живеат, колку често ќе остануваат со секој од родителите, со бабите и дедовците, во кое училиште ќе одат и како ќе стигнат и ќе се вратат од таму“, објаснила Дејли.

Каде ќе живееме?
Клучно е да имате покрив над главата, но преместувањето од еден во друг семеен дом може да биде скапо и предизвикувачки. Според Дејли, некои парови одлучуваат да продолжат да живеат заедно токму поради финансиски причини. Таквото сценарио бара отворена комуникација, основни правила и јасни граници. Дејли советува да бидете прагматични и креативни кога доаѓате до решенија.

Што е со нашиот имот?
Следниот чекор е да разработите сè што имате поединечно и заедно. Ова се однесува на заштеди, имот, инвестиции, наследства, бизниси и така натаму.

„Искористете го разводот како можност да стекнете увид во вашите финансии. Ова не само што е корисно, туку и суштинско затоа што ќе треба да одлучите како да поделите сè праведно, давајќи им приоритет на интересите на децата“, вели Дејли. Таа посочува дека оваа точка е особено сложен елемент на разводот, па затоа би било добро да се вклучи финансиски советник или правен експерт.

Како да се разделиме пријателски?
На крајот, постојат голем број опции кои се помалку емоционално и финансиски исцрпувачки отколку процес кој вклучува адвокати и судски битки.

„Ако сакате правен совет, најдете советник, посредник или специјалист за семејно право. Разводот никогаш не е пријатно искуство, но еден ден ќе бидете горди на себе ако го поминете процесот со достоинство и почит кон поранешниот партнер“, заклучила Дејли.

Повеќе