Австралија планира да ги забрани мобилните телефони во сите државни училишта

Мобилните телефони ќе бидат забранети во сите државни училишта во Австралија доколку лабуристите победат на претстојните избори во Нов Јужен Велс (NSW). Што мислите, дали ова треба да се направи и во македонските училишта?

54

Водачот на лабуристите во Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјавил дека доколку биде избран, ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата бидејќи тоа го смета за „најголем проблем со кој се соочуваат младите“.

Оваа објава доаѓа по неодамнешниот случај кога неколку ученици од средното училиште Knox Grammar биле избркани поради споделување расистичка и мизогина содржина преку соба за разговор на Интернет.

„Просечниот наставник не може да каже дали ученикот се обидува да реши комплициран проблем или виси на TикTок среде часот“, вели Минс.

Мобилните телефони се забранети само во основните училишта во Нов Јужен Велс, а планот на Минс е да воведе забрана за нив и во средните училишта. Тоа веќе го направиле сојузните држави Западна Австралија, Јужна Австралија и Викторија.

„Во моментов можете да го извадите мобилниот телефон на сред час и да кажете дека е за едукативни цели. Јасно е дека наставникот не може да знае дали е тоа вистина или не. Ќе им оставиме на училиштата да одлучат дали ќе ги собираат сите телефони на почетокот на денот или ќе воведат правило дека не смеат да се вадат за време на часот“, објаснува Минс за својата визија.

Таблетите и натаму ќе бидат дозволени за користење во училницата, а Минс се надева дека има технички можности за да се осигура дека тоа нема да се злоупотреби.

Повеќе