Австралиската полиција упати сериозно предупредување до родителите

Прикажувањето детали за идентификација, како на пример, училиштето во кое оди детето, може да ги направи децата ранливи на предатори или криминалци.

188

Родителите во Австралија се повикуваат двапати да размислат пред да објавуваат училишни фотографии од нивните деца на интернет. Австралискиот центар против детска експлоатација (ACCCE) објави дека мајките, татковците и членовите на семејството треба да ги заматат или прикријат училишните знаци пред да споделат нешто на социјалните мрежи.

Зошто? Прикажувањето детали за идентификација, како на пример, училиштето во кое оди детето, може да ги направи децата ранливи на предатори или криминалци.

Според командантката Хелен Шнајдер, споделувањето фотографии од деца на интернет понекогаш е опасно и ги повика родителите да размислат кој може да пристапи до сликите и какви информации даваат.

„Иако овие инциденти се ретки, тие навистина се случуваат, поради што ги повикуваме семејствата да бидат проактивни во врска со безбедноста на интернет и да ги чуваат своите информации безбедни“, рекла таа.

Водичот за безбедно објавување на училишни фотографии вели дека родителите секогаш треба да ги проверуваат поставките за приватност за да бидат сигурни дека нивните објави се видливи само за пријателите. Исто така, важно е да се разговара на оваа тема со децата, но и со сите што ги фотографираат децата. Кога објавувате фотографија, проверете дали позадината ја издава вашата адреса или локација и не ја додавајте вашата локација и не се пријавувајте никаде. Исто така, чувајте го целосното име и возраста на детето во тајност.

„Превенцијата е клучна за минимизирање на несоодветен контакт или споделување слики на интернет“, заклучува Шнајдер.

Повеќе