Бирате бебешка количка или автомобил? Кога опремата за деца ќе стане прашање на престиж…

Кога децата се мали најмногу се грижиме дали добиваат доволно млеко и дали дишат додека спијат. Дали очекувавте дека само за една бебешка количка ќе треба да издвоите една цела плата или повеќе затоа што во спротивно ќе се соочите со осудата на другите родители?

151

Кога се роди син ми, во далечната 1993 година, земавме креветче, количка и оградичка од братучед ми, а подоцна добивме и „кенгур“ за носење, како и онаа количка која најдолго ја користевме, чадор-количка, од сестра ми. Се разбира, зборувам за користени работи во кои израснало најмалку едно бебе.

И тогаш имаше луѓе кои даваа куп пари за нови работи за своите деца. Сеедно, тогаш дефинитивно немаше толку различни модели како денес. Овие што ги има сега, речиси сите се како малечки скапи болиди, не знае човек дали се толку во функција на удобноста на бебето или пак за покажување. Како да се натпреваруваат која ќе има полуксузна и побрендирана опрема.

Дури и кога ги шетаат во нив своите мали наследници, се облекуваат во тон со опремата за бебето, да не биде дека се распар.

Како и да е, колку што гледам, цените за колички денес се движат од нешто помалку од 500 евра па до 1.000. Којзнае, веројатно има и поскапи. Но не можат сите да си ги дозволат. Иако е прашање дали, дури и кога би можеле, има потреба да се вложуваат толку пари во една количка кое бебето ќе ја користи отприлика една година.

Впрочем, во тоа време кога син ми беше бебе никогаш не почувствував осуда поради тоа што сум зела веќе користена количка. Мислам и дека повеќето го правевме истото, а и немаше голема разлика помеѓу количките. Не постоеја вакви болиди како денес, или пак онакви елегантни тркалезни колички во кои кога ќе ѕирнеш очекуваш да видиш бебе со круна.

Ама тоа е, времињата се менуваат и се чини дека станува сѐ потешко за оние на кои овие работи им се важни. Оние кои имаат многу постојано се натпреваруваат со другите кои имаат многу, а оние кои немаат, се жалат себеси и своите деца затоа што немаат. Нормалните луѓе, верувам дека не се занимаваат со вакви нешта како што е тоа брендот на бебешката количка, на облеката и слично.

На пример, неодамна се појави едно видео на Тик-Ток во кое мајка од Њујорк се пожали дека поради обичната количка за нејзиното бебе за време на семејниот излет во зоолошката градина, чувствувала осуда од страна на другите родители кои, сите до еден, туркале пред себе луксузни колички.

Кога децата беа мали ние најмногу се грижевме за тоа дали добиваат доволно млеко и дали дишат додека спијат. Се грижевме и ако не спиеја ноќе со часови па трчавме по лекари за да ни кажат во што е проблемот. Се грижевме да бидат суви и среќни бевме затоа што се појавија пелени за еднократна употреба.

Денес повторно им се враќа модата на оние платнените, ама тоа е веќе прашање на висока свест за заштита на природата. Искрено, кога би имала сега бебе, после искуството и со едните и со другите, не верувам дека би им се вратила на платнените. Мислам, некои работи, колку и да се грижите за природата, се навистина толку добри!

Но, денес има една работа за која повеќето од нас не очекуваат дека ќе се грижат кога ќе станат родители, а тоа е осудата на другите родители поради бебешката опрема. Токму за тоа зборува оваа мајка во видеото подолу.

„За време на семејниот излет во зоолошката градина, чувствував како другите ме осудуваат затоа што туркав количка која не беше меѓу поскапите. Секоја количка беше луксузна, освен мојата обична”, изјавила оваа жена по име Брук.

Нејзиното искуство очигледно не е единственото, бидејќи многумина во коментарите изразиле дека доживеале слично чувство на срам.

Танај Хауард пишува за списанието Parents дека не осудува никого за изборот на опрема за нивното дете.

„Знам колку пари имам и се грижам за својот џеб. Никогаш не би се задолжила за да се вклопам со мајките во паркот или само за да бидам дел од бандата која има луксузна опрема за бебиња”, објаснува таа наведувајќи дека живее во Њујорк, каде киријата е превисока.

„Не можев да замислам да платам сума која е месечна кирија за еднособен стан за да купам количка. Моите деца и онака не ја користеа многу. Но, на многу семејства им треба количка, а тоа колку е скапа или ексклузивна треба да биде последното нешто што ви е на ум. На долгата листа на работи за кои другите луѓе ќе ни судат во текот на родителството, цената на туѓите бебешки работи не треба да има никакво влијание врз вас. Кога сакате да купите каква било опрема за бебиња, ги советувам родителите да бараат безбедност, едноставна употреба и издржливост“, вели Хауард.

Повеќе