Кога човек ќе заборави каде оди: За талкањето и исчезнувањето на лицата со деменција

Септември е месец на Алцхајмеровата болест, но за семејствата што живеат со деменција, секој месец, секоја недела и секој ден се дел од истата борба – да го зачуваат достоинството на човекот кој ја губи меморијата и, истовремено, да не дозволат тоа да заталка и да заврши на улица, во непозната средина и изложен на секакви опасности. А тоа постојано се случува…

74

– ИСЧЕЗНАТО ЛИЦЕ – ПОМОГНЕТЕ ДА ЈА НАЈДЕМЕ! ​Ве молиме за итна помош во пронаоѓањето на тој и тој… Последен пат е виден таму и таму, тогаш и тогаш. Страда од деменција. ​Ако го забележите или имате било каква информација, ве молиме веднаш јавете се на следниот телефонски број…

Колку пати досега сме виделе ваква објава на социјалните мрежи и во медиумите? Се чини дека ова се случува сѐ почесто и почесто. Во Македонија често се појавуваат апели за исчезнати лица со деменција, проследени со фотографии, последна локација и повик до граѓаните да помогнат во потрагата. А зад секоја таква објава, стои семејство кое во тие моменти не знае каде му е мајката, таткото, сопружникот, бабата или дедото, дали човекот е безбеден и дали ќе го најдат навреме, пред да се случи трагедија.

Септември е Светски месец на Алцхајмеровата болест, а 21 септември е Светскиот ден посветен на подигнување на свеста за болеста, но за семејствата што живеат со деменција, секој месец, секоја недела и секој ден се дел од истата борба. Кога се зборува за деменцијата, најчесто се зборува за губењето на меморијата. Многу поретко се зборува за она што може да следува, а што многу често се случува – човекот да стане дезориентиран, да излезе од дома и да не знае како да се врати.

А токму таквите случаи се сериозен и загрижувачки проблем.

Талкањето кај лицата со деменција не значи секогаш бесцелно одење. Напротив, човекот може да има чувство дека оди некаде со многу јасна причина. Може да тргне кон своето поранешно работно место иако е веќе одамна во пензија, да сака да ги земе децата од училиште иако тие одамна се возрасни, да ја бара старата куќа во која некогаш живеел или да оди кон место што некогаш му било важно. Понекогаш пак, причината е сосема едноставна – глад, жед или потреба да оди во тоалет.

Проблемот е што на околината тоа однесување може да ѝ изгледа како тврдоглавост или чудно однесување. Лицето може дури и да изгледа мирно и сигурно додека оди, а всушност да не знае каде се наоѓа или како да се врати дома. Промена на средината, стрес или непознат простор дополнително можат да ја зголемат збунетоста. 

Она што особено загрижува е што талкањето може да се појави и кај човек кој претходно никогаш не го правел тоа. Затоа семејствата треба однапред да размислат за мерките што можат да помогнат. Поновата фотографија и идентификацијата се важни, а корисно е блиските да ги знаат местата кон кои лицето би можело да тргне – поранешниот дом, старото работно место, омилената продавница, парк или улица по која со години одело.

Постојат и технолошки решенија – GPS-нараквици и други уреди за следење на локацијата, сензори кои сигнализираат кога ќе се отвори врата, како и апликации за побрзо лоцирање. Но, ваквите решенија во голема мера зависат од можностите на самото семејство.

Кога лице со деменција ќе исчезне, не треба да се чека да се врати само. Полицијата треба веднаш да биде известена, а семејството да даде фотографија и што повеќе информации за здравствената состојба, навиките, однесувањето и местата кон кои лицето би можело да тргне. И Министерството за внатрешни работи во своите упатства за исчезнати лица ја нагласува важноста на ваквите информации.

Но, тука се отвора повторно старата тема и почнува многу поголемиот проблем: што им нуди системот на тие семејства? Затоа што, очигледно е дека сето ова се случува токму поради отсуството на системско решение за болните од деменција и нивните старатели.

Ова прашање не е ново. Уште пред неколку години беше укажувано дека во Македонија недостигаат дневни центри, професионални негуватели и системска поддршка за семејствата кои се грижат за лица со Алцхајмерова болест. Во 2021 година, според податоци од Министерството за труд и социјална политика, надоместок за помош и нега од друго лице поради Алцхајмерова болест добивале само 45 лица во 2019 година, 39 во 2020 и 38 во 2021 година. Постоеле и проекти за помош и нега во домот, но нивниот опфат бил ограничен.

И денес останува истото болно прашање: што прави семејството кога еден човек повеќе не може сам, а другите веќе не можат сами да се грижат за него? Кој ќе го замени изморениот негувател барем неколку часа? Каде ќе може да биде лицето со деменција преку ден, додека неговиот близок е на работа? И каде семејството ќе добие конкретна помош кога болеста ќе напредува до степен во кој човекот не ги препознава најблиските, не може сам да се грижи за себе или почнува да излегува од дома?

Во истражувања и јавни анализи во Македонија веќе со години се предупредува дека семејствата во голема мера се оставени сами со овој товар.

Токму за тој невидлив дел од болеста пишува и книгата „Кога мама заборави дека ме сака“ – за животот зад затворените врати на семејствата во кои деменцијата полека ја менува целата реалност. Зашто најстрашното не е само тоа што болниот заборава. Страшно е и за оние кои го сакаат кога гледаат како човекот што го познавале полека исчезнува и стравуваат дека еден ден ќе излезе од дома и нема да знае да се врати.

Исчезнувањето е само една, но исклучително опасна последица од деменцијата. И не треба да се чека некој да исчезне за да стане јасно колку е сериозен проблемот. Деменцијата не е само медицинска дијагноза што се решава во ординација. Таа го менува животот на целото семејство.

Потребни се достапни услуги за помош во домот, професионални негуватели, дневни центри и поддршка за луѓето кои со години се грижат за своите најблиски. Потребен е систем во кој семејството нема да биде оставено само да се снаоѓа кога болеста ќе напредува, а помошта ќе почне да му биде неопходна секој ден.

За семејствата што живеат со деменција, ова не е тема само за еден месец во годината. За нив грижата продолжува секој ден – со цел да му се зачува достоинството на човекот кој ја губи меморијата, но и да не се изгубат себеси во лавиринтот на болеста.

Повеќе