Дали би го однеле своето дете на пирсинг за 12-ти роденден?

Оваа мајка која и самата е љубителка на тетоважи и пирсинг, за 12-тиот роден ја однела својата ќерка да ѝ стават пирс на носот, ја снимила целата постапка и го објавила видеото на ТикТок. Јас на мојот син кога беше средно му го расипав договорот со студиото каде што сакаше да си стави пирс на веѓа. Од чија „банда“ сте вие?

136

Памтам дека кога беше во средно, можеби веќе втора или трета година, син ми сакаше да си стави пирс на веѓата. Бидејќи ми го откри планот и ми посочи на студиото кое се наоѓаше близу неговото училиште, ама и близу мојата тогашна редакција, јас се јавив и закажав интервју со сопственикот на тема пирсови и тетоважи. Меѓу другите прашања, прашав и дали би се согласиле да услужат малолетник кој би дошол без дозвола од родител да си стави пирс или да му направат тетоважа.

Одговорот беше „Не, секако дека не би го направиле тоа“. Кога следниот или некој ден подоцна син ми отишол да му стават пирс, му побарале да повика родител.

И така, кога стана полнолетен не стави пирс, ама се истетовира. И тогаш помислив да преземам нешто, ама ми беше малку непријатно, беше веќе женет.

И денес, додека го гледав видеото од 12-годишно девојче на кое му ставаат пирс на носот како роденденски подарок од мајката која ја снимила целата постапка и го ставила видеото на ТикТок, се потсетив на овој настан со син ми од пред отприлика 14-15 години.
Според коментарите на луѓето под видеото на ТикТок, сфатив дека не сум единствената со таков став. Особено што овде станува збор и за уште помало дете кое не е ниту во средно, а веќе доби украс на носот. Имено, видеото предизвика бурни реакции и шокираше многу родители, кои ја обвинија дека е невнимателна и не се грижи за доброто на нејзината ќерка.

Секако, има и такви кои ѝ се восхитуваат заради тоа што, како што велат, е модерна и опуштена мајка. За моја среќа, последниве се во помал број од оние кои жестоко ја осудуваат.
Инаку, ако некој во моментов си помисли дека ставањето на пирс на носот на 12 години не е ништо во споредба со она кога на бебињата им ставаат обетки уште пред да наполнат една година, веднаш да си кажам: Тоа ми е уште понесфатливо и понеприфатливо од ова!

Впрочем, погледнете го видеото подолу и самите донесете заклучок. Дали вие би си го однеле детето да му стават пирс на оваа возраст?

Повеќе