Во денешниот свет, каде родителите се трудат да им обезбедат на своите деца најдобри можни услови за растење, честопати се паѓа во замката на презаштитеното родителство. Свесни сме дека треба да ги заштитиме нашите деца од опасност, но понекогаш ги заштитуваме повеќе отколку што треба. Експертите предупредуваат дека прекумерната заштита може да има долгорочни последици, ограничувајќи го развојот на клучните вештини и независноста кај децата.
Водечки експерт за детски развој предупреди дека денешните родители се толку заштитнички настроени кон своите деца што децата би можеле да имаат голем проблем да се справат со животните ситуации кога ќе пораснат. Говорејќи како гостин во емисијата In My Opinion, на Радио 5 Live’s, д-р Аманда Гумер рекла: „Ние ги галиме нашите деца и тоа не им носи ништо добро“, пренесува MailOnline.
Експертката вели дека презаштитувачкото родителство значи дека децата не се во состојба сами да донесуваат одлуки, што е „еден од најголемите проблеми во кризата на менталното здравје што ја гледаме кај денешните тинејџери“. Таа истакнала дека многу родители премногу размислуваат за опасностите од непознати луѓе и странци, но во реалноста несреќите во домот се многу поверојатни отколку киднапирањето. „Стравот меѓу родителите е главно неоснован“, рекла таа.
Основачот и извршен директор на Good Play Guide предупредил дека на децата им се оневозможува развојот на клучните вештини како што се проценка на ризик, социјализација, одлучување и градење пријателства и посочи дека овие вештини не можат да се развијат доколку децата не можат да играат надвор без постојан надзор од возрасни.
Д-р Гумер објаснила: „Штом има мал конфликт, тие бараат од родителите да го средат. Кога имате деца кои си играат сами, тие добиваат шанса да ги решат овие конфликти и да научат работи како емпатија и лидерски вештини“.
Таа додала дека ризикот да му се случи нешто лошо на детето е радикално намален ако игра надвор „во околината“ од нивниот дом. Според неа, денешните деца пропуштаат витални животни вештини и тоа ги обесхрабрува и „ги лишува од слободата на избор“ за да се чувствуваат дека имаат контрола над сопствениот живот – и сега и подоцна во зрелоста.
„Мораме да ги оставиме да паднат, да ги изгребат колената и лактите, за да ги разберат опасностите и ризиците. Нека ги прават овие грешки додека последиците се мали, а потоа, кога ќе бидат постари и кога последиците се поголеми, ќе знаат како да се справат со работите“.