Децата во градинките и во училиштата не добиваат храна според препораките: Недостасуваат интегрални житарки, риба, јајца, свеж зеленчук и овошје

Исхраната на испитуваната група предучилишни и училишни деца во Македонија низ годините наназад не ги задоволува препораките за енергетски внес, стои во заклучокот на Институтот за јавно здравје. Според Тодорка Наумоска-Димески, дипломирана нутриционистка и лидер на прилепскиот конвивиум на Слоу Фуд, училишните оброци се од големо значење за здравјето и благосостојбата на учениците, а особено на оние кои доаѓаат од семејства со помали приходи.

490

Тодорка Наумоска-Димески е дипломиран инженер-технолог нутриционист и лидер на прилепскиот конвивиум на Слоу Фуд. Во центарот на нејзините интереси е храната, а особено, исхраната на децата од најмалата возраст, па оттука и онаа во училиштата и во училишните кујни.

„Училишните оброци се од големо значење за здравјето и благосостојбата на учениците, особено на оние кои доаѓаат од семејства со помали приходи и ни гарантираат дека учениците ги внесуваат хранливите состојки кои им се потребни во текот на денот за непрекинато совладување на училишната материја.

Како возрасни добро ни е познато чувството кога сме на состанок, а не можеме да се концентрираме бидејќи сме го пропуштиле ручекот. Сега замислете како се чувствуваат децата кои не добиле или го пропуштиле појадокот. Немаат концентрација и им недостасува енергија и ентузијазам“, вели Тодорка.

Бидејќи кај децата имунитетниот систем не е развиен како кај возрасните тие се поподложни на настинки и на вирусни инфекции. Еден начин за да ги намалиме шансите за добивање настинки е со консумирање на храна која го зајакнува системот за имунитет.

Истовремено, вели Тодорка, колку што се поздрави децата, толку ќе биде помало и нивното отсуствување од училиште.

„Оброците кои содржат витамини Ц и Е и омега 3 масни киселини ќе помогнат во постигнување на оваа цел. Цела палета на свежи овошја и зеленчуци ги имаат овие својства. Рибата пак е задолжена за обезбедување на омега 3 масни киселини.

За децата да имаат поголема концентрација и продуктивнст  потребно е да имаат добро развиена мозочна функција.  За ова ќе помогне консумирање на храна богата со витамините Б, Ц, Д3 и магнезиум. На овој начин децата ќе бидат пофокусирани. Преку консумирањето на мешунки и зеленолиснат зеленчук во комбинација со свежо овошје, ќе ги добијат потребните нутритиенти“, објаснува Тодорка.

За жал, иако од воспоставувањето на стандардите е евидентно подобрувањето на квалитетот на оброците кои се служат во градинките и во училиштата, испитувањата кои Институтот за јавно здравје во соработка со Центрите за јавно здравје во Македонија  ги спроведува за нутритивна проценка на исхраната во предучилишните и училишните установи покажале дека таа со години наназад не ги задоволува препораките за енергетски внес.

„Макронутриенсите се правилно балансирани, но во однос на нивната структура треба да се подобри квалитетот на намирниците кои се користат во креирање на макронутритивниот внес. Во однос на внесот на микронутриенси, треба да се зголеми внесот на калциум и на цинк, а да се намали внесот на натриум. Недостасува внес на интегрални производи од жито, риба, јајца и доволен внес на свежи производи од зеленчук и овошје“, се вели во заклучокот на ИЈЗ.

Според нашата соговорничка Наумоска-Димески, балансираната исхрана може да има влијание и врз однесувањето на учениците, па понекогаш кога се лошо расположени, може да значи дека се гладни или дека имаат недостаток на одреден нутриент. Здравата исхрана пак, вели таа, ги подобрува училишните перформанси и води до подобар став на учениците.

Секако, останува препораката да се избегнуваат оброци богати со шеќери и јаглехидрати бидеќи привремено даваат енергија, но веднаш потоа децата стануваат уморни и нерасположени.

Исто така, преку оброците кои децата ги добиваат од најрана возраст во градинка или во училиште, тие добиваат позитивен пример како да се хранат, која и каква храна и комбинации од истата да избираат.

„Дури и ако само на училиште се хранат здраво, може да се помогне во контрола на нивната телесна тежина. Со самото избегнување на нездрава храна на училиште се намалува потребата за непотребни ужинки и дома“, вели Тодорка.

Во контекст на податоците од Институтот за јавно здравје, што како извештај го подготвила д-р Елена Тортевска Данилов од  ЈЗУ ЦЈЗ Кочани, нашата соговорничка потенцира дека како земја која има голем број на производители на органска и еко-храна, односно, овошје, зеленчук, житарки, месни производи, треба да се стремиме кон доближување на овие производи до предучилишните и училишните кујни.

„Вработените и раководните кадри во градинките треба континуирано да ги надградуваат своите знаења во однос на исхраната на децата. Тие треба да опстојуваат во напорите на децата да им се презентира храната која е препорачано да се јаде, со цел децата да добијат нутритивно богата храна, а не калории од нутритивно сиромашни производи кои често ги добиваат во форма на ужинки. За таа цел, градинките и училиштата треба да бидат опремени со кадар и средства што ќе овозможат да се посвети потребното внимание на исхраната на децата заради стекнување на навики поврзани со намалување на ризиците од појава на болести поврзани со исхраната во подоцнежниот период од животот.

„Слоу Фуд како заедница има можност преку своите бази на производители да понуди производи кои одлично ќе се вклопат во училишните кујни. Со користење на домашни и локални намирници се намалува патот на храната од призводител до консумент и се избегнувааат препродавачите кои многукратно ја зголемуваат цената на чинење на производите. На овој начин до нашите најмали и најмили стигнува храна која е добра, чиста и правична. На овој начин користа ќе биде двојна, од една страна, децата ќе добиваат полновредни училишни оброци, а од друга страна, тоа ќе претставува помош и поддршка на локалната економија“, заклучува Тодорка.

Градинките и основните училишта ги планираат оброците чиј состав треба да биде усогласен со нутритивните и енергетските барања за воспоставување на здрава и балансирана исхрана која обезбедува адекватен внес на енергија и хранливи материи преку храната. Врз основа на стандардите, за децата во градинка треба да се обезбеди оброк кој задоволува 75% од енергетските потреби и потребите за хранливи материи. За учениците во целодневен престој треба да се обезбедат 70% од нивните физиолошки потреби на енергетски, градбени и заштитни материи.

Исхраната на овие популациски групи е следена со примена на стандардни диететски методи за проценка на нутритивниот квалитет, односно со софтверска анализа на оброците кои се пријавени дека се подготвени од установата и се послужени за корисниците. Во софтверската алатка е инкорпорирана национална база на податоци за состав на храната. Добиените резултати се споредени со препорачаните физиолошки норми за соодветната возраст.

Повеќе