Деветмесечно бебе добило менструација

Кога Австралијанката Сара Реган отишла да му ја смени пелената на своето деветмесечно бебе, се извадила од памет кога видела дека е полна со крв, пишува „Њујорк пост“.

6.812

Австралијанката Сара Реган (38) отишла да му ја смени пелената на своето деветмесечно бебе и се извадила од памет кога видела дека пелената е полна со крв, пишува „Њујорк пост“.

Плашејќи се дека нејзината ќерка може да има тешка инфекција на бубрезите, Реган веднаш отишла во Ургентно, каде што лекарите направиле серија тестови и анализи. Она што ги изненадило нив, како и оваа мајка, биле резултатите што ги добиле.

Имено, лекарите направиле ултразвук, тестови за хормони и рендген на зглобовите. Откриле дека коските на девојчето напреднале и ѝ бил дијагностициран предвремен пубертет.

„Крвта во пелената всушност беше нејзината прва менструација“, изјавила збунетата мајка за Kennedy News and Media.

Случајот е од 2020 година, а деновиве повторно е актуелизиран преку приказната за оваа мајка, која ги потсетува родителите да не ја вртат главата ако видат крвава пелена дури и кај многу мало бебе, туку да го однесат на преглед.

Што е предвремен пубертет?
Предвремениот пубертет е ретка состојба кај децата која вклучува физички знаци на прерана сексуална зрелост.

Бидејќи Бирди, која сега има нешто помалку од три години, е премногу мала, тешко е да се каже дали има други симптоми како што се промени во расположението или менструални грчеви.

Некои деца кои ја имаат оваа состојба можат рано да добијат срамни влакна или гради, а Бирди ги нема – вели нејзината мајка.

Покрај Бирди, Сара Реган има уште две деца – Захаријас (10) и Елси, која наполнила една година.

„Кога тргна во градинка, морав да им објаснам на воспитувачките да не паничат ако наеднаш видат крв во пелената на Бирд. Може да биде заморно, но од друга страна сакам да ја подигнам свеста за ова и да апелирам до другите родители да го однесат своето дете на лекар доколку забележат крв во пелената“, нагласува Сара.

На секои шест месеци, малата Бирди мора да прави нов тест за хормони, ултразвук и рендген за да можат лекарите да го следат нејзиниот развој. Нејзината мајка вели дека ако лекарите проценат дека девојчето напредува пребрзо, ќе размислат за хормонски инјекции кои би спречиле прерано да се појават другите симптоми на пубертетот.

Девојчето досега немало менструација секој месец, но нејзината мајка секојдневно ја следи ситуацијата за да може да ѝ биде од помош и истовремено да ги информира лекарите за какви било промени кои се случуваат кај Бирди.

„Сакам само мојата ќерка да има нормално детство. Се надевам дека предвремениот пубертет нема да влијае на нејзиниот изглед и раст. Но, ако ѝ треба хормонска терапија, ние ќе го направиме тоа; Едноставно не сакам терапијата да ја направи поинаква“, вели Сара Реган.

Според неа, малата Бирди е како секое друго дете и се однесува како нејзините врсници:

„Како и секое друго дете на нејзина возраст, така и Бирди има испади на бес. Таа е сосема нормално девојче и да не знаевте каков проблем има од нејзиниот физички изглед, никогаш немаше да погодите“.

Повеќе