Е како го направи сега ова?! Меџик Кико, магионичар, илузионист и екологист кој и од возрасните знае да направи – деца

Диригентската палка е магичното стапче на неговиот татко, нашиот познат диригент Томислав Шопов, додека пак неговата, магионичарската, е магична во вистинската смисла на зборот. Кристиан Шопов, познат и како Меџик Кико, е нашиот најпознат магионичар, илузионист и екологист и тој ни раскажа за своите почетоци, за семејството и за неговиот ентузијазам кој прави да биде толку добар во тоа што го работи

39

Триесетишестгодишниот скопјанец, инаку, најпознат македонски магионичар, илузионист и екологист Кристиан Шопов, воопшто и не е роден во Скопје, туку во Измир кадешто во таа 1988 година работел неговиот татко, познатиот диригент Томислав Шопов.

Иако, имајќи го предвид податокот дека и Кристиан и татко му имаат слична алатка која е клучна во нивните професии, можеби ќе помислите дека токму диригентското стапче на татко му ја разбудило кај него желбата да научи некој магионичарски трик и дека токму ова стапче го употребувал како дете додека ги забавувал со трикови своите роднини и гости. Но, тоа воопшто не е точно.
Напротив, Кристиан тврди дека никогаш не се послужил со него.
„Диригентското стапче има волшебна моќ во музичкиот свет, а јас не влегов во таа димензија, такашто, секој од нас си твори со своето магично стапче“, вели нашиот соговорник чии трикови, додека го гледавме неговиот неодамнешен настап на роденден кај нашата заедничка пријателка која полнеше 40 години (да, да, не е грешка, полнеше 40), постојано ја измамуваа од нас онаа типично детска реакција: „Е како го направи сега ова?!“

И останатите возрасни кои беа присутни на овој настап на Кристиан, кои беа час насмеани, час збунети, реагираа на истиот начин – како деца.
И да, имаше и неколку вистински деца кои подеднакво уживаа во шоуто кое траеше околу половина час, а изгледаше како да поминале само 5 магични минути.

Првиот трик го научил кога завршил седмо одделение, првиот настап го имал кога завршил осмо

„Првиот трик го научив летото, по завршувањето на седмото одделение, додека бевме во родното место на мајка ми, Кикинда, во Србија.
Беше тоа еден магичен настан кадешто дедо ми пееше оперски арии во тамошниот дом на пензионери, а татко ми со години ги вежбаше со него преку лето.

Тоа лето тетин ми ме запозна со локален магионичар кој веднаш го препозна мојот интерес и ме научи еден трик со карти. Веќе следното лето кога отидов во Кикинда, магионичарот Светозар Сабјак ме научи уште трикови и тогаш го имав и мојот прв сценски настап заедно со него на концертот со оперски арии на дедо ми кој веќе беше прераснат во традиција“, раскажува Кристиан за своите почетоци.
Силен впечаток и уште поголема желба за оваа уметност разбудил кај него илузионистот Дејвид Коперфилд додека ги гледал неговите телевизиски настапи.

Исто така, за родендените на Кристиан, кога ќе се собереле роднините, уште и пред да научи вистински трикови, тој изведувал некакви свои измислени експерименти.
Во меѓувреме, завршил на студиската програма по маркетинг на Економскиот факултет во Скопје затоа што родителите го насочувале кон тоа да заврши факултет за да ги прошири видиците и за да научи да учи, а потоа го оставиле самиот да избере што ќе прави понатаму.
Тој пак вели, од секоја професија, ако се работи добро, може да се егзистира.

Кристиан е денес најмногу познат како еко-магионичар и редовно настапува токму на вакви настани. Овој дел од неговата приказна почнал кога победил на меѓународниот натпревар на зелени идеи во 2017 година со својата идеја за еко- магионичар.
„Натпреварот во Македонија го администрира здружението АРНО. Ми стана предизвик како преку магични настапи да едуцирам деца за екологија и да придонесам истите да создадат и да практикуваат еколошки навики.
Сите ние имаме одговорност да се грижиме за светот кој не опкружува и во кој живееме. Тоа е одговорност на секој поединец и јас мислам дека има надеж! Сè додека имаме шанса да се смениме и да преминеме на светлата страна, има надеж“, вели Кристиан чиј проект за едукација на деца за селектирање отпад го финансираше компанијата „Пакомак“ и се состоеше од едукативна претстава која тој ја изведуваше во основните училишта во повеќе градови низ земјата, а ја видоа над 50.000 деца.

Од настап пред бегалци и бездомници, до настап пред принц

Бидејќи настапува за деца најомилени му се оние трикови кои предизвикуваат смеа кај децата.
„Некако подеднакво ми е важно децата и да се чудат и да се смеат додека настапувам. А најмногу уживам кога за време на настапите гледам колку се среќни родителите додека ги гледаат своите деца како се смеат“, вели тој.
А Кристиан настапувал насекаде и пред сосема различен аудиториум и во сосема различен амбиент.

„Од бегалски камп, центри за бездомници до настап пред член на британското кралско семејство, неговото височество принцот Мајк од Кент. Овие настапи за различни општествени класи ме научија дека сите луѓе се пред сè, луѓе, а сето останато е само една приказна“, раскажува нашиот Меџик Кико.

Вели, кај децата, ако се презентираат на начин соодветен за нивната возраст, голем број на трикови може да им станат омилени.

Освен тоа, неговите трикови не се постојано истите бидејќи и во оваа професија како и во секоја друга, постојано има новитети.
„Како што се движи сè напред, така и оваа уметност не заостанува. Но не можам да одредам колку време ми е потребно за да научам или да извежбам некој нов трик. Времето е релативна работа и кога работиш нешто што сакаш брзо минува“, вели тој.

Спектакуларно еко магионичарско шоу

Следните поголеми јавни настапи на Кико се најавени за 14 и 15 декември (во 13, 17 и 19 часот), во кино Фросина (МКЦ), со неговото еко магично шоу.
„Ја користам оваа прилика да ги поканам родителите со своите деца да дојдат на некој од настапите во овие денови“, вели нашиот соговорник и најавува незаборавно искуство кое ќе ги забавува децата и воедно ќе ги учи на важноста на рециклирањето, одржливоста и на тоа како сите заедно да придонесеме за почиста животна средина.
Токму она што им треба на децата – Едукација низ забава и магија!

Повеќе