Експерименталниот лек диранерсен покажа охрабрувачки рани резултати кај луѓе со благи когнитивни оштетувања и лесна Алцхајмерова болест, беше објавено во Лондон.
Лекот на компанијата Биоген делува различно од постојните третмани бидејќи ги намалува нивоата на протеинот тау, еден од клучните протеини поврзани со прогресијата на Алцхајмеровата болест. Претходно одобрените лекови, како што се леканемаб и донанемаб, се насочени кон таложењето на амилоиди и можат да го забават когнитивното пропаѓање.
Новата студија, во која учествуваа околу 400 луѓе, и резултатите презентирани на Меѓународната конференција на Здружението за Алцхајмерова болест во Лондон, покажаа дека диранерсенот, покрај намалувањето на протеинот тау, го забавува и когнитивниот пад кај некои од испитаниците.
Во еден тест, најниската доза дадена на секои шест месеци била поврзана со намалување од 26 проценти на когнитивниот пад, што, според истражувачите, е блиску до промената забележана во претходните испитувања на амилоидни терапии. Џесика Лангбаум од Институтот за Алцхајмерова болест Банер изјави:
– Ова навистина изгледа доста ветувачки ако се потврди во следната фаза на тестирање.
Д-р Реиса Сперлинг од болницата Mass General Brigham предупреди дека сè уште станува збор за рана фаза, но додаде:
– Мислам дека ова ќе го разгори интересот и вложувањето во бројни тау механизми, а тоа е она што е потребно на ова поле.
Диранерсен се дава со инјекција во течноста околу ‘рбетниот мозок, за разлика од антиамилоидните лекови кои се даваат со инфузија или инјекција во крвотокот. Несаканите ефекти вклучуваат болка на местото на инјектирање и привремена конфузија што може да се појави неколку дена по инјекцијата и да трае околу една недела. Истражувачите не забележале никакви знаци на воспаление на мозокот, несакан ефект што може да се појави со некои антиамилоидни терапии.
Научниците исто така истражуваат други пристапи, вклучувајќи вакцина против тау, лекот за намалување на холестеролот обицетрапиб и технологии што би можеле да им помогнат на лековите да ја преминат крвно-мозочната бариера. Биоген сега планира поголема студија за да се обиде да ја потврди клиничката корист од диранерсенот.