Јапонските научници тврдат дека ова е најдобриот начин да го смирите расплаканото дете

Тие им препорачале на родителите или старателите кои сакаат да го смират бебето што плаче цврсто да го припијат детето до своето тело, да го потпрат неговото главче и да прошетаат „пет минути по рамна површина, со стабилно темпо, по можност без нагли застанувања или вртења“.

177

Да го натерате расплаканото бебе да се смири и брзо да заспие е цел на секој уморен и ненаспан родител. Група научници од Јапонија веруваат дека го пронашле најдобриот начин да го смират расплаканото дете.

Истражувачите од Центарот за наука за мозокот RIKEN велат дека носењето на бебињата во текот на петминутна прошетка го поттикнува сонот, дури и во текот на денот. Тие им препорачале на родителите или старателите кои сакаат да го смират бебето што плаче цврсто да го припијат детето до своето тело, да го потпрат неговото главче и да прошетаат „пет минути по рамна површина, со стабилно темпо, по можност без нагли застанувања или вртења“.

Дополнително, ако продолжите да го држите вашето бебе пет до осум минути откако ќе заспие пред да го ставите во креветчето, можете да ги намалите шансите да се разбуди.

Студијата објавена во списанието Current Biology покажала дека бебињата кои биле спуштени прерано откако ќе заспијат во прегратките на нивната мајка имаат поголема веројатност да се разбудат и повторно да почнат да плачат.

Тимот предводен од д-р Куми Курода тестирал четири техники врз 21 бебе на возраст до седум месеци. Ова вклучува ставање на бебињата во креветчиња, нишање во колички, носење на прошетки и држење додека седат. Тие заклучиле дека најдобриот начин да се заспие бебето е системот кој вклучува пет минути носење и пет до осум минути држење.

По петминутната прошетка, пет од 11-те бебиња спиеле, а по држењето, ниту едно дете не останало расплакано. Две бебиња заспале во рок од една минута од почетокот на прошетката.

Исто така, се наведува дека препораката не се занимава со долгорочно подобрување на сонот, туку обезбедува итно смирување на детскиот плач и може да биде корисна во посебни прилики кога редовните рутини за спиење, доењето или цуцлите не се ефективни или достапни.

Повеќе