Кога дојдов во Македонија, имав чувство дека сите ми се роднини! Уметницата Валбона Атанасковска за своето потекло, за семејството и уметноста

Во 1992 година првпат дојдов во Македонија за да студирам на ФЛУ. Дотогаш слушав и зборував македонски само во тесниот круг на семејството, па кога дојдов во Скопје и кога слушнав дека сите наоколу зборуваат македонски, имав чувство дека сите ми се роднини. Мојата фамилија е дел од македонскиот народ што живее во Албанија, но бидејќи ги немаат правата како Албанците во Македонија, не се слуша толку нивниот глас, вели нашата соговорничка Валбона Атанасковска.

852

Валбона Атанасковска, како и повеќето уметници, не сака многу да зборува за работи кои не се поврзани за нејзиното творештво. Веројатно, со право. Едноставно, нејзин свет и најголемо богатство, како што вели, ѝ се семејството и уметноста.
Валбона е родена во Тирана, во македонско уметничко семејство со потекло од Стеблево, Голо Брдо.
Татко ѝ е академски сликар и дипломиран филмски режисер, а мајка ѝ, филмски монтажер. Нејзиниот брат е дипломиран музичар кој има сопствена продуцентска куќа. Освен Валбона, целото семејство сѐ уште живее во Тирана.
Валбона завршила средно уметничко училиште и дипломирала сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Тирана, а потоа, повторно се запишува и на Факултетот за ликовна уметност во Скопје и во 1997 година дипломира на отсекот графика и дизајн.
„Јас и моите родители сакавме да студирам на мојот мајчин јазик. Во 1992 година откако Албанија се отвори по комунистичката изолација, дојдов за првпат во Македонија за да студирам на ФЛУ „Кирил и Методиј“.
Дотогаш го имав слушано и зборувано македонскиот јазик само во тесниот круг на семејството, па кога дојдов во Скопје и кога слушнав дека македонскиот јазик се зборува насекаде околу мене, имав чувство дека сите ми се роднини. Имено, мојата фамилија е дел од македонскиот народ што живее во Албанија. Таму има многу Македонци, но бидејќи ги немаат правата како Албанците во Македонија не се слуша толку нивниот глас. Само во Пустец има едно основно училиште на македонски јзик, додека сите други се школуваат на албански. Иако во нашето семејство нема мешани бракови, во Албанија ги има многу бидејќи има повеќе народи, Грци, Македонци, Албанци, Црногорци и Власи. Но, таму тие не се сметаат за мешани бракови бидејќи сите се водат како Албанци“, раскажува Валбона.

Со својот сопруг се запознала за време на студиите во Скопје. Тој исто така е уметник, поточно, професионален фотограф.
Во Македонија Валбона живее сега веќе нешто повеќе од 30 години па разбирливо е тоа што речиси сите пријатели ѝ се од тука.
„По моето дипломирање имав повеке изложби низ Македонија. Потоа со мојот сопруг 10 години живеевме во Берлин – Германија и таму стартуваше мојата интернационална кариера како сликарка. Имав многу самостојни изложби во Германија и учествував во многу заеднички проекти со моите колеги-уметници. Во тој период се запознав со мојот галерист Јоаким Кличер со кој соработувам веќе две децении. Мојата главна преокупација сега е сликарството и еднаш годишно, мојот галерист ги организира изложбите на кои ги претставувам моите слики во Вилсбибург – Германија.

Паралелно со тоа ги развивам и карактерите за една игра т.н. борд гејм заедно со двајца германски креатори, со име Balads and tales. Овој проект го работам веќе 7 години и наскоро ќе биде претставен на кикстартер. Исто така, последниве години држам и часови по сликање за да можам да пренесам понатаму дел од моето знаење и искуство. Всушност, јас живеам секој ден со сликарството и го живеам мојот сон. Уште кога бев мало дете не можев да се одвојам од моливите, четките и боите. Сега имам 50 години и се уште сликам секој божји ден, а ќе сликам додека живеам“, вели Бона.

Таа е член на ДЛУМ и слободна уметница. За сликарството со чии средства најсоодветно го изразува својот темперамент и уметничка природа, Валбона црпи инспирација од се што ја опкружува, природата, музиката, книжевноста, филмовите…
„Мојот стил на сликање е експресионизам, а мотивите се различни. Сликам актови, пејсажи и мртва природа“, вели таа.
Валбона и нејзиниот сопруг го имаат и синот Давид. Сите заедно се вљубеници во природата и уживаат во прошетките по планините низ Македонија, а во лето се често на море во Албанија.
„Дома сме типична балканска фамилија. Претежно, готвењето е моја обврска но имам голема помош од сопругот и од синот, а кога имам повеќе ангажмани, се разбира, мојот сопруг ја превзема таа улога“, вели нашата соговорничка, чии дела не можат да останат незабележани, особено поради својата колоритност и радоста со која зрачат.

Повеќе