Кога немате поим каде сте, ниту кои се луѓето околу вас!
Кога секој ден губите по некоја коцка од вашиот живот и сè околу вас се распаѓа како кула од карти.
Кога почнува да ви ги снемува работите, кога некој ви ги краде парите, ви ја крие облеката, а се сомневате и дека сакаат да ве отрујат. Кога никој не ви верува, а и вие не верувате никому… На 21.09 во просториите на МладиХаб во центарот на Скопје со почеток во 18 часот ќе биде одбележан Светскиот ден на Алцхајмер.
„Ги отворате очите наутро и немате поим каде сте. Ништо не ви е познато. Само сакате да спиете и се надевате дека следниот пат кога ќе ги отворите очите ќе бидете дома.
Се врткаат некои луѓе кои не ги познавате, ви влегуваат во соба, ви пребаруваат низ плакарот, ви кажуваат што да облечете, а кога ќе им кажете: „Кој сте вие, ај одете си!“, тврдат дека ви се деца.
Не можете да се сетите ни дали навистина имате деца, нешто како низ магла мислите дека имате, ама тој, таа или тие што стојат пред вас, не ви личат на деца, тоа се некои средовечни луѓе.
Вие само сакате да си одите дома. Не знаете каде сте, ниту како да излезете оттаму. Целиот досегашен живот почнува да ви се лизга низ раце, а вие постојано пропаѓате сè подлабоко и подлабоко во понорот на Алцхајмер.
Најпрвин почнувате да заборавате некои работи … на пример, зборувате со некого и наеднаш застанувате, не знаете што кажувавте пред само пет секунди. Почнувате да се повлекувате, не ви е баш пријатно кога не можете да си ја довршите реченицата, кога не ви текнува некој збор, или не можете да се сетите на името на некој лик кој воодушевено ве гушка.
Почнувате да ги заборавате зборовите, па имињата на пријателите, на соседите, а потоа и на вашите најблиски. Секој ден губите по некоја коцка од вашиот живот, сè околу вас се распаѓа како кула од карти. Потоа почнува да ви ги снемува работите, некој ви ги краде парите, ви ја крие облеката, а се сомневате и дека сакаат да ве отрујат, … Но, никој не ви верува. А и вие не верувате никому.
Наутро влегува некоја жена и ви вели: „Мамо, ајде стани те молам, треба да ги испиеш лековите. Морам веќе да одам на работа“.
„Оди кај сакаш, што ми е гајле! Пиј си ги сама лековите“.
Не знаете која е таа жена, а и не ви се допаѓа начинот на кој ви се обраќа. Се обидува да ви ги пикне лековите во уста, ама вие не сакате да ги голтнете. Многу ви горчат, се плашите дека сака да ве отруе, ги плукате, ѝ ја туркате раката во која ја држи чашата со вода и почнувате да викате: „Помош, помош, нека ми помогне некој!“
Наеднаш здогледувате познат лик – доаѓа ќерка ви.
„Каде си ти, беше тука една жена, ми ги фаќаше алиштата, ме нападна, ме туркаше, да не дојдеше ти, ќе ме убиеше!!!“
„Мамо бе, нема никаква жена, јас бев тоа, мораш да ги пиеш лековите, те молам испиј ги, ќе ти се влоши состојбата ако не ги пиеш, те молам, јас сум со тебе цело време, ме исплука, лом ме направи, не ми прави така веќе, те молам слушај ме!“
„Ти? Ама како??? Те исплукав?! Оф, не знам веќе ништо, остави ме да се одморам малку, многу сум изморена“.
Ќерка ви ви ги дава лековите, вие ги пиете, се враќате назад во кревет, заспивате мрморејќи: „сакам да си одам дома“.
Којзнае дали вака се чувствувала мајка ми? Во изминатите години додека живеевме заедно со деменцијата, не размислував премногу за нејзините чувства. Бев преокупирана со своите“.
Ова е дел од книгата „Кога мама заборави дека ме сака“ во издание на ИК „Топер“, а објавуваме делови од неа воочи 21.септември, Светскиот ден на Алцхајмер кој годинава кај нас ќе биде одбележан со уште едно Мемори кафе во просториите на МладиХаб во центарот на Скопје со почеток во 18 часот.
Мотото под кое ќе се одржи настанот е: Обединување на срцата против Алцхајмеровата болест. Да ја зајакнеме надежта, да направиме промена.
На иницијатива на Светската здравствена организација од 1994 година секој септември се одбележува како месец на борба против Алцхајмеровата болест.
Целта е, пред сè, да се сврти вниманието на јавноста за важноста на Алцхајмеровата болест, тешкотиите и предизвиците во дијагнозата и лекувањето, како и потребите и проблемите со кои секојдневно се соочуваат заболените и нивните семејства.
Доктор Габриела Новотни, спец. невролог од Клиниката за неврологија и претседател на здружението за подобрување и унапредување на правата на лицата со Алцхајмерова болест (Институт за Алцхајмерова болест и Невронаука), која секоја година го организира одбележувањето на овој ден, постојано укажува на потешкотиите со кои се соочуваат пациентите кај кои е дијагностицирана оваа болест и нивните семејства, потенцирајќи дека деменцијата не е составен дел од нормалното стареење.
Алцхајмеровата болест, како најчеста форма на деменција (50-70% од сите деменција се од типот на Алцхајмерова болест), започнува постепено и полека напредува, а на крајот доведува до нарушување на секојдневните активности на заболениот.
Негувањето и грижата за луѓето со деменција покренува и многу филозофски и етички размислувања. На пример, до кога е можно да се зачува самостојноста на луѓето кои страдаат од деменција? Како треба да се однесуваат старателите кога вредносните системи на луѓето кои страдаат од деменција се суштински различни од вредносниот систем на таа личност пред болеста? Раното откривање и навременото вклучување на терапијата е сè уште императив, како и овозможувањето достоинствен живот на лицата со деменција што е можно подолго.
„Науката вели дека болеста започнува во мозокот околу десет па и дваесет години пред да се појават првите симптоми. Долгогодишен сопатник, „паразитира“ скоро една третина од животот и се храни со туѓите спомени. Најпрво свива гнездо во делот од мозокот каде што е библиотеката на нашите спомени. Тука му е убаво, како на големо филмско платно, воајерски ги разгледува сите слики-спомени, кои нанижани една до друга, обоени со радост, тага, среќа, копнеж и сите други форми на емоции го прават колажот едноставно наречен живот.
На почетокот се храни со оние скорешните, најновите спомени, па предметите мистериозно исчезнуваат од домот, или се на погрешни места или се раѓа сомнеж дека некој ги краде. Мислата се прекинува и останува недовршена, годината е некоја претходна, веќе измината, а прашањата исти та исти се повторуваат во денот како реприза на веќе видена епизода од серија. Но никој сè уште не се сомнева дека ова е масло на тивкиот крадец на спомените.
Минуваат месеци, па и години и како што се храни со туѓите спомени станува поголем, посилен, похрабар, па се раскомотува удобно во мозокот како тој да е домаќин, а не непоканет гостин. Си прави доградба-дивоградба на својата куќа во делот од мозокот кој е одговорен за ориентација, па веќе враќањето дома по испиеното кафе кај комшиката станува предизвик и бескраен лавиринт од улици и улички кој нема крај.
Страв, несигурност, тага, сè почесто ви прават друштво, а го избегнувате друштвото на пријателите зашто веќе и нивните имиња и ликови се толку помешани, па поудобно е да си бидете сам со себе и со натрапникот кој се храни со вашиот живот. Но тој нема мерка. Боли кога почнува да копа и да гризе од оние постарите спомени, па веќе избледува до исчезнување сликата кога го раѓате вашето дете, првиот бакнеж, првиот подој, првите чекори и првото запче, па и онаа непроспиена ноќ кога вашето малечко гори од температура, а потоа олеснувањето кога сè ќе се заврши добро. Ја избриша и сликата кога таа тргна на училиште и со радост ви дотрча во прегратка со првата петка, кога заедно ги печевте оние вкусни божиќни колачи и целата куќа мирисаше на цимет и каранфилче. Е тука направил превид, не е толку умен овој наш крадец, колку и да е подмолен и тивок, не се разбира толку во анатомијата на мозокот, па не знае дека центарот за мирис е многу блиску до библиотеката на нашите спомени и неретко токму мирисот може да разбуди некој одамна заспан и длабоко закопан спомен. Ова е причината зошто мирисот на штрудла со јаболка ве враќа во детството кога зимскиот распуст го минувавте кај својата баба и одеднаш целата просторија е исполнета со нејзиното присуство. Слично е и со музиката, цели слики се нижат на првите тонови од песната кога чекавте да ве поканат на првиот танц на игранката во Кермес.
Не може баш сè да ви земе, не, а она за што овој тивок крадец е слеп, се вашите емоции. Не знае дека можете да чувствувате среќа и љубов иако во жената која стои пред вас не го препознавате ликот на своето веќе одамна пораснато дете. Нешто во гласот, во допирот, во насмевката ви кажува дека ви дава љубов и тоа ви ја гали душата, иако ниту името не ѝ го знаете. Слеп е за љубов овој крадец и не гледа дека и покрај тоа што ви го украл животот, што ви го променил ликот, што се будите во ноќта вознемирена и исплашена бидејќи ниту својата соба не ја препознавате и не знаете каде сте, што ви го оставил телото без вашиот препознатлив дух, а и тоа изнемоштено, па веќе тешко се движи, не гледа дека сè уште чувствувате љубов, па и кога не ви е до пеење може да ја запеете онаа вашата омилена, зашто нешто сепак во душата вибрира и препознавате чиста емоција и среќа“, вели доктор Габи Новотни во предговорот за споменатата книга.