Количината на сперма кај мажите ширум светот – преполовена: Во период од 45 години бројот на сперматозоиди опаднал за 51,6 проценти

Научниците кои собраа податоци за бројот на сперматозоиди кај мажите ширум светот во последните 50 години, беа непријатно изненадени од падот на просекот, кој изнесува повеќе од половина!

499

Количината на сперма, односно бројот на сперматозоиди кај мажите, со децении е во голем пад во сите делови на светот. Научниците дошле до овој заклучок кога ги прегледале податоците собрани во 53 земји помеѓу 1973 и 2018 година. Бројката до која дошле звучи навистина загрижувачки, a изнесува 51,6%. За толку е помал бројот на сперматозоиди кај мажите ширум светот.
Ако ова ви звучи загрижувачки, тоа е затоа што е навистина така.

Ова е нешто што може да влијае на човештвото како целина, а експертите дури изјавија дека ова е итен случај што не треба да се сфаќа несериозно.

Истражувањето го извршил меѓународен тим лекари, а земале податоци од Јужна Америка, Азија, Африка, Северна Америка, Европа и Австралија, со тоа што истражувањето прво било направено на последните три континенти, по што се додадени податоци од останатите. Причината била шокантната бројка до која дошле. Фактот дека ова се случува во толку големи размери низ целиот свет ги загрижило научниците до тој степен што мислеле дека студијата е направена погрешно, но и тоа е побиено. Сè е направено правилно и тоа е она што е загрижувачко и алармантно. Покрај тоа, тие воопшто не се сигурни која би можела да биде конкретната причина зошто тоа се случува. Д-р Метју Мејсер, кој учествувал во истражувањето, смета дека причината може да биде во неколку клучни фактори, пренесува Verywell Family.

Овие фактори се од оние од кои долго време се плашиме и кои секогаш ги наведуваме како „опасни“, но ретко можеме да ги избегнеме.

Д-р Мејсер верува дека главните причини се хемикалиите и конзервансите кои се наоѓаат во храната што ја консумираме. Покрај тоа, постои постојана изложеност на електромагнетно зрачење – мобилни телефони, лаптопи и други паметни уреди кои постојано се во близина на нашето тело. Лекарите долго време се согласуваат дека некои хемикалии во нашата средина, храната и козметиката играат важна улога во бројот на сперматозоиди. Тоа се особено фталатите и БПА соединенијата, кои често се наоѓаат во шампоните и сапуните, а се особено проблематични.
Но, покрај овие влијанија, тука се и влијанијата на медицинските состојби кои се сѐ почести во светот, како што се: дијабетес, дебелина, висок крвен притисок и други хронични состојби кои постојано се во пораст. Да не зборуваме за стресот, депресијата и анксиозноста, кои се во пораст, а влијаат и на физичкото здравје, а со тоа и на квалитетот на спермата.

И покрај овој пад на бројот на сперматозоиди, сè уште не може да се каже дека тоа имало исклучително неповолно влијание врз намалената плодност на мажите. Сепак, не е исклучено тоа да е само прашање на статистика, а ефектите од ова намалување на бројот на сперматозоиди сѐ уште да не се видливи. Дополнително, доколку овој надолен тренд продолжи, прашање на време е кога ќе има значително влијание врз плодноста на мажите и можноста за зачнување.

Повеќе