Лични приказни на жртви на семејно насилство: Сите насилници се слични, како да оделе на училиште за насилници (ВИДЕО)
Ирена и Љупка се едни од ретките жени кај нас кои излегоа и јавно проговорија за тортурата и насилството на своите сега веќе поранешни сопрузи. Секоја реченица на едната, ја прекинуваше другата велејќи: „исто, исто беше и кај мене, како да оделе во училиште кадешто се учи како се станува семеен насилник“
Скопјанката Љупка Мачкова и битолчанката Ирена Димоска ги запознавме на регионалната конференција „Профемина 2023“ во Скопје, во организација на списанието „Убавина и здравје“. Темата на панел-дискусијата на која учествуваа беше: Што можеме заедно да направиме за да ја осигуриме безбедноста на жените во семејството, на работа и во општеството.
Имено, овие две симпатични жени на свои 36-37 години, биле жртви на семејно насилство кои после многу кавги, тортури и психичко и физичко насилство, решиле да му стават крај на бракот и не само тоа, туку и јавно да ги раскажат своите приказни и да им станат инспирација и поддршка на други жртви на семејно насилство.
Двете се запознале преку Фејсбук групата за поддршка на жени-жртви на физичко и емоционално насилство.
И Ирена и Љупка се мајки на по две машки деца, оние на Ирена се помали и имаат 7 и 6 ипол години, а тие на Љупка, 11 и 7.
Тие ги раскажаа накусо своите приказни на конференцијата, а подоцна, во разговор за нашите портали, раскажаа и повеќе.
И не, не станува збор за жени кои сакаат да ги оддалечат своите деца од нивните татковци, туку за жени кои само посакувале нивните деца да растат во нормална, здрава и спокојна семејна средина, наместо да бидат сведоци на семејно психолошко и физичко насилство.
Децата на Ирена се помали, но сепак доволно големи за да почувствуваат разочарување откако, по разводот, нивниот татко кој многу бргу повторно се оженил и добил уште едно дете, заминал надвор од државата. Притоа, оставајќи им ги неплатените сметки и трошоците за потрошувачкиот кредит за кој жирант му била Ирена.
„Јас бев во брак 6 години, после само 6 месеци врска. Можам да кажам дека уште од почеток не го сакав овој брак, но откако останав бремена, некако сметав дека ако не го сторам тоа ќе им донесам срам на родителите“, ја почна својата приказна Ирена која објаснува дека во нивниот однос имало и присилување на сексуални акти на начин на кој не сакала па токму така и останала бремена.
„Врската започна многу брзо, тој веднаш почна со љубовни изјави, но преголемата загриженост премина во забрани. Се појави и голема недоверба, за која секогаш јас бев виновна. Постојано ми го проверуваше телефонот, пораките, ми ги бараше лозинките и слично. Секогаш јас бев виновна за неговото насилство. Љубомората со која се обидуваше да го контролира мојот живот ја изразуваше скриено такашто, на пример, ако разговарав со некој од спротивен пол, тој не велеше дека не смеам, туку велеше дека тој сигурно има скриени намери, ако сакав да одам некаде со другарки, инсценираше кавга или пак ниту една другарка не беше доволно добра, па следниот пат, за да избегнам кавга веќе почнав и да не ни спомнувам одење некаде. Пред сè, тоа беше психолошка тортура, психолошко континуирано насилство кое на крајот ескалираше со физичко насилство. Често добивав епитети дека сум глупава, дека ништо не знам да направам, дека не сум зготвила добро, не сум исчистила убаво, бев обвинувана за неверство.
Најголема траума ми беше кога станав првпат мајка и кога детето една вечер се разбуди и почна да плаче, а тој се разбуди и наместо да го смири детето, ме нападна, при што млекото кое го имав измолзено и подготвено, се истури. Секоја мајка што го хранела детето со измолзено мајчино млеко, знае колку е важен секој милилитар. Поголема траума доживеав кога го видов млекото истурено, отколку од ударот што го добив, бидејќи ударите се случувале и претходно“, вели Ирена.
Викање, фрлање, кршење, неспиење по цели ноќи
Таа раскажува дека најлошите денови почнувале со викање, па фрлање, кршење, за на крај да ескалира со физичко насилство, а исто така, вели, „имаше и една техника што ја прават, депривација од спиење, односно, да те држи будна цела ноќ, иако треба да станеш сабајле за на работа, а ти никако не можеш да ставиш крај на тоа бидејќи што и да му кажеш, како и да постапиш, во секој случај добиваш тортура“.
Додека Ирена раскажува за своето искуство во бракот, одвреме навреме се уфрла Љупка велејќи: „Исто, исто, значи како да оделе во исто училипште во кое се учи како да се стане насилник“. И обратно, кога раскажуваше Љупка, Ирена се уфрлаше со истата реченица и со истата констатација.
За разлика од Ирена, Љупка, пред да стапи во брак со сопругот, била во врска цели три години.
„Јас се омажив од љубов. И додека бевме во врска, тој уште од почеток пројавуваше љубомора, но прво беше тоа нормална доза на љубомора. Кога почна да ми пречи тоа и кога им кажав на родителите, тие ми велеа дека е тоа знак за љубов и дека треба да бидам среќна затоа што тоа значи дека ме сака. Кога некој близок ти го вели тоа, секако и вие почнувате да верувате. Но, потоа, почна да им наоѓа маани на моите родители, на моите пријатели, на сите мои другарки и едноставно, никој од нив не беше доволно добар“, раскажува Љупка.
Таа била во брак речиси 8 години и за ова време постојано се соочувала со секаков вид на насилство, но на родителите ѝ било срам да им признае, па и до ден денес, вели, тие не ги знаат сите детали.
Љупка не сака да влегува во детали, со оглед на тоа што поранешниот сопруг живее во истиот град и од него, преку негови пријатели и преку децата сè уште добива закани.
Доста глумев добар, сега ќе видиш ти со кого си имаш работа
„Еднаш доби забрана за пристап 3 месеци, па после почна со закани индиректно преку децата и некои негови нестабилни пријатели. Сепак, јас никогаш не сакав да ги одвојам децата од него, бидејќи ним им беше тешко кога се разделивме. Дури и се согласив од куќата на моите родители кадешто заминав првично со децата откако го напуштив, да се преселам под кирија за да може непречено да доаѓа. Ме убеди дека трошоците ќе ги делиме по пола. Договорот го почитуваше само првиот месец. Кога се побунив и не сакав да го пуштам да влезе бидејќи тој речиси се пресели кај нас, само на спиење што не остануваше, се обиде насилно да ја отвори вратата па му ја фати и раката на синчето, а потоа, секако, повторно јас бев виновна и за тоа. Тогаш рече: доста глумев добар, сега ќе видиш ти со кого си имаш работа. Оттогаш, сама ги плаќам трошоците, а тој едвај плаќа минимална алиментација и тоа само затоа што мора.
Секогаш избегнував да се конфронтирам со него пред децата, но тој го сакаше токму спротивното. Всушност, секогаш сакаше да ме малтретира пред публика, пред децата, пред жената што ни ги чуваше децата, дури и пред мајка му“, раскажува Љупка.
Иако има стабилна работа, вели дека е сепак премалку за да опстанат тројцата па често самата останувала гладна за да има со што да ги нахрани децата.
„Тој и сега кога ќе ги земе децата, мислам дека повеќе ги зема да се покаже пред другите како добар татко, па ги носи на јадење, а ним им вели дека сум ги хранела со помии. Така била секогаш. Јас пак велам, сиромашната храна е поздрава, а јас и децата ги сакаме моите помии“, вели таа.
За осудите од околината и институциите
Бидејќи надлежните институции, според двете, не реагираат соодветно кога жена ќе се осмели да пријави семејно насилство и најчесто ги прашува, зошто си се мажела со него ако не чинел, често се преиспитуваат себеси, како им се случило ова. Ирена вели дека можеби причината за ова била тоа што како дете растела во сиромаштија, соочена поради тоа со булинг од страна на врсниците, па имала ниска самодоверба, додека пак Љупка вели дека кога таа била дете, татко ѝ, кој е инаку многу добар човек и повеќе не пие, кога ќе се напиел бил насилен кон нејзината мајка, па можеби потсвесно и самата се водела по тој пример.
Првите знаци на семејно насилство започнале по раѓањето на нивното дете, а таа постојано наоѓала оправдување за ова.
„Кога решив да излезам од таа куќа јас дознав дека сум повторно бремена и поради тоа останав. Добив ветување дека ќе се поправи, дека ќе биде поприсутен, дека нема да има ни физичко ни психичко насилство. Меѓутоа ништо не се промени, туку одеше на полошо. Ми беа потребни години за да соберам храброст и да го пријавам насилството. Во Центарот за социјална работа во Центар наидов на ладен ѕид од страна на жени. Па вие не изгледате толку потресено. Зошто дојдовте? Да не лажете малку“, ѝ рекле во центарот и ја присилиле, или да поднесе кривична пријава или да ја сопре постапката кај нив.
„Ја повлеков таа пријава, а кога се вратив дома, ме чекаше со насмевка на лицето и почна да се потсмева: „Чекај ќе ти удрам пак шамар па оди пак пријави ме да видам дали ќе те викнат овој пат. Дали ќе те сослушаат“, раскажува Љупка и додава: „Ние како возрасни сме примери за децата и некој од нас мораше да одлучи да ја прекине таа нездрава врска, за да можат децата да растат во здрава средина“.
Поддршка и инспирација за другите жртви на насилство
Ирена и нејзините деца живеат со нејзините родители. Таа сè уште го плаќа кредитот од нејзиниот поранешен сопруг, а од него не добива никаква алиментација.
Сепак, вели дека е доволно тоа што е слободна и што не мора веќе да трпи насилство.
По професија е лабораториски аналитичар, а Љупка е преведувач-толкувач од македонски на албански и обратно. Иако поминале веќе отприлика две години од нивните разводи, тие одлучиле да проговорат јавно за да им бидат инспирација и пример на другите жени кои се во слична состојба и барем да ги разбијат табуата.
„Ако ништо друго, сакаме другите жени да не чувствуваат срам поради својата ситуација како што чувствувавме ние и да им покажеме дека не се единствени и сами“, велат нашите соговорнички кои даваат и насоки како жените да препознаат дека си имаат работа со потенцијален насилник:
„Често менување расположение, лутење без потреба, префрлање на вината, прегледување на телефонот, обвинување за непостоечко неверство, неразумна љубомора….Кога некому му пречи да се школувате, да одите на испити, кога ве кочи да напредувате во професијата, да одите да вежбате или да правите нешто друго за себе, кога никој од тие со кои се дружите не е доволно добар, а и за своите пријатели нема добар збор, бегајте подалеку“, порачуваат нашите соговорнички.