Маченичка, шефица или „Вегета“: Снаите опишуваат 15 типа свекрви

Прочитајте на што им замеруваат сите снаи на, како што велат, токсичните и љубоморни свекрви. Зашто, за да се реши некој проблем, треба да се знае да се препознае навреме и од сите страни.

424

Секоја мајка мисли дека еден ден ќе стане идеална свекрва, но многу од нив се спрепнуваат на патот. Наместо семејна идила во третото доба, нивниот живот благодарение на лошата динамика со новата жена во срцето на нивниот син, се претвора во пелин и жолч.
Нарушениот однос меѓу снаа и свекрва би можел да се поправи со малку здрава интроспекција од двете страни, но бара ладни глави. Затоа, не е чудно што свекрвите често претеруваат во обидот да го задржат местото што го имале во животот на нивниот син, додека снаите со заби и нокти спасуваат гол живот и ја бранат новостекнатата територија.

Прочитајте на што им замеруваат сите снаи на, како што велат, токсичните и љубоморни свекрви. Зашто, за да се реши некој проблем, треба да се знае да се препознае навреме и од сите страни.

Свекрва со две лица
Оваа ситуација опишува свекрва која е љубезна со својата снаа, но е подготвена да се жали на неа зад грб. Кога ќе се соочат со ваквото дволично однесување, тие обично го негираат или велат дека сето тоа било само недоразбирање.

Свекрва критичар
Оваа свекрва верува дека сè може подобро од снаата. Таа се натпреварува да покаже дека нејзината снаа не ѝ е ни до колена. Дури и кога ќе ѝ се укаже на ваквото однесување, таа наоѓа начин да реагира преку критики, а својата снаа ја прикажува како недоволно добра.

Неблагодарна свекрва
Неблагодарната сорта на свекрви никогаш не покажува благодарност за она што го прави нејзината снаа за неа. Таа упорно ја игнорира љубезноста на својата снаа, која ја зема здраво за готово. На крајот на краиштата, кој ѝ е виновен? Ништо не побарала од снаата!

Свекрва – злопамтило
Никогаш не заборава и секогаш за нешто забележува. Памти подолго од желките од Галапагос. Таа денес може да наброи најмалку десет грешки што ги направила нејзината снаа пред десет години. Се фокусира на неважни работи и ги претвора во проблеми од катаклизмични размери за да изгледа повредено и тажно.

Свекрва која споредува
Сегашната снаа ја споредува со поранешната. А поранешната ѝ е секогаш на усните. Тие биле најдобри пријателки. Се слушаат и денес. Таа упорно ќе повторува како нејзиниот син бил среќен со бившата. А првата е секако поубава и поспособна од сегашната снаа.

Свекрва – узурпатор
Таа се однесува како да е сопруга, а не мајка. Се обидува да се меша секаде каде што може во животот на нејзиниот син. Таа ќе ги готви неговите омилени јадења, ќе му ги пегла кошулите, ќе пече колачи и генерално ќе се однесува како снаата да нема збор, како да е случајна гостинка во неговиот живот.

Наметлива свекрва
Ќе направи се за да го привлече вниманието на нејзиниот син. Ќе го бара за секоја ситница, дури и кога сигурно знае дека е зафатен. Да не зборуваме за ненајавените посети.

Свекрва што постојано „лае“
Без пардон ја озборува снаата пред синот. Секоја ситница е повод да му покаже на синот колку лошо се оженил. Можеше и подобро.

Свекрва воспитувачка
Таа ги воспитувала своите деца и затоа мисли дека има право да ѝ наредува на снаата како да ги воспитува нејзините внуци. На крајот на краиштата, ако не ја завршила таа добро работата, снаата не би се омажила за нејзиниот сопруг. Таа без двоумење ќе ѝ укаже дека е лоша мајка и што треба да промени во родителските методи. Нека учи од мајсторот.

Свекрва без граници
Буквално, таа не почитува граници. Не знае кога да застане и да се повлече.

Пасивно-агресивна свекрва
Нејзиното оружје е саркастичното подбуцнување. Но, тешко е да ја спречите, бидејќи нејзините пораки не се директни. Па да, таа само се шегува.

Свекрва Вегета
Се меша во се, па и во бракот на синот. Предизвикува драми и често го пика носот каде што не му е местото. На пример, во приватните работи на снаата.

Свекрва која исклучува
Не ја кани снаата на семејни настани или ја кани во последен момент. Без очигледна причина, го вклучува својот син, па дури и внуците во нејзините планови, но ја исклучува снаата секогаш кога може.

Свекрва маченичка
Секогаш наоѓа причина да биде вознемирена и бара поддршка од синот. Од ситници прави драма и претстаљва за да покаже колку е повредена и вознемирена од постапките на нејзината снаа. Полесно е да ја расплачеш отколку да ја насмееш.

Свекрва шеф
Што и да направи или организира снаата, таа ќе се обиде да ја преземе контролата над тоа. Ако снаата организира вечера, ќе каже што да се готви и како треба да седат гостите. И, се разбира, ќе ги преземе заслугите. Затоа што без неа тоа би било жива пропаст.

Повеќе