Македонски учат и ученици со македонско потекло, ама и Хрвати: Деспина Велинска е првата наставничка по македонски јазик во Загреб

Кога седмоодделенец, Хрват, ќе ви каже дека одбрал да учи македонски во своето училиште во Загреб, затоа што сака да стане туристички водич, а веќе знае англиски, хрватски, босански и српски, не знаете што ви е посимпатично, дали детето или наставничката која му влеала љубов кон јазик кој, особено на денешните генерации, им е како „шпанско село“

1.549

Деспина Велинска е првата наставничка по македонски јазик која ги учи на мајчиниот јазик децата кои живеат во главниот град на Хрватска, но и оние кои без оглед на тоа што немаат македонско потекло, сакаат да ги научат македонскиот јазик и кириличното писмо.
Предава во две основни училишта во Загреб, „Никола Тесла“, училиштето кое го посети екипата на „Мајка и дете“, а од пред 9 години и во училиштето „Аугуст Харамбашиќ“. Наставата по македонски јазик во „Никола Тесла“ се одвива во саботите, а во другото училиште во четврток и во петок попладне.
„Замислете каква е таа желба да се учи македонски кога децата, иако никој не ги обврзал на тоа бидејќи станува збор за изборен предмет, доаѓаат да учат дури и во сабота“, вели нашата соговорничка.
Деспина ни објаснува дека иако учењето на македонскиот јазик е изборен предмет, оценката влегува во свидетелствата на учениците.


Имено, образовниот процес во Хрватска дозволува настава на мајчин јазик за припадниците на националните малцинства кои живеат таму, а Македонците се едно од 22 национални малцинства кои се признаени и влезени во хрватскиот Устав.
„Покрај другите права, како национално малцинство во Хрватска имаме и право на образование. Практично, според законската регулатива имаме право на 3 модели на образование: моделот А е најчест кај Италијанците и Србите кои се најмногубројни национални малцинства во Хрватска и подразбира целосно образование на мајчин јазик. Потоа следува модел Б, кога наставата се следи двојазично, неколку предмети на мајчин, неколку на хрватски јазик, а третиот, моделот Ц, кој е всушност начинот на кој ние ја практикуваме наставата на македонски јазик, подразбира од 2 до 5 часови неделно“, објаснува Деспина.
Таа додава дека изучувањето на македонскиот јазик во овие две училишта во кои таа предава, доста се форсира како изборен предмет, такашто им се посочува на родителите уште на почетокот од годината.


„Рејтингот на македонското училиште е на завидно ниво, од прв ден колегите убаво го презентираат, па се напоменува дека станува збор за единствени училишта во кои се изучува македонскиот како изборен јазик, па можеби затоа и има толку заинтересирани ученици кои воопшто немаат македонско потекло. Прв таков ученик ми беше синот на една моја колешка, а сега веќе ги имаме многу повеќе. Годинава имаме дури четири Хрватчиња во прво одделение кои го учат македонскиот јазик“, вели наставничката.
Македонскиот се предава веќе 18 години, а иако првпат почнал да се предава во хрватската метропола, потоа се отвориле паралелки и во Сплит, Риека, Осијек, во сите поголеми градови во Хрватска.
Меѓу децата кои беа на тој саботен час додека бевме во посета на училиштето „Никола Тесла“, имаше поголема група ученици од 7 и 8 одделение од која речиси сите учат македонски од прво одделение, но имаше и од помалите одделенија, како и ученици кои воопшто немаат македонско потекло.

Меѓу нив беа близначките Матеа и Франка, Хрватки кои го одбрале македонскиот едноставно затоа што им било интересно да го учат. Меѓу нив се и Кира и Елин, како и Анте кој уште во прво одделение знаел дека сака да стане туристички водич и бил одлучен дека едноставно му треба да го знае македонскиот јазик.


„Во прво одделение се определив да учам македонски затоа што сметав дека знам веќе хрватски, англиски, српски, босански и дека ми недостасува да научам уште македонски за да станам туристички водич“, ни објасни седмоодделенецот Анте на симпатичен македонски, додавајќи дека се надева дека летоска ќе оди со дел од учениците од оваа група во Охрид, но и дека оваа посета ја планираат и семејно, заедно со неговите родители кои се задоволни од изборот на Анте.
Емил, Лана и Нина имаат баба и дедо кои се Македонци, четвртоодделенецот Маро и неговиот една година постар брат Марин имаат баба која е од Македонија, додека мајка им е родена во Хрватска.
Токму Маро беше еден од оние кој најмалку додржуваше да биде седнат на столчето, па постојано скокаше по душекот кој се наоѓа во училницата и кадешто тие слободно можат да се одморат кога ќе посакаат, но беше и најактивен на школската табла кадешто ѝ се придружи на наставничката за да им ги презентира на соучениците новите научени букви на кирилица.
Тука е и ќерката на наставничката Деспина, Јана, која била причина и дел од нејзините хрватски другарки да почнат да го учат македонскиот.
Кира и Лира се уште еден пар близначки во оваа група, а подоцна дознавме дека нивната мајка која е прилепчанка, е всушност и наша поранешна колешка во поранешниот дневен весник „Македонија Денес“, која во Загреб дошла пред 20 години. Кај нив на преспивање за викенд беше и нивната другарка Леа која токму поради тоа таа сабота имаше час заедно со нив, наместо со групата со која инаку го учи македонскиот јазик во другото училиште. Тука беше и најмалата, третоодделенката Ана, која се приклучила годинава, а мајка ѝ е битолчанка, како и симпатичниот Јани чија мајка е од Свети Николе, па тој, со оглед на тоа што секое лето го поминува во Македонија, а во меѓувреме учи македонски и кај Деспина, веќе ја поправа мајка си кога наместо на литературен македонски, кажува нешто на својот дијалект.


И така, иако не се на иста возраст и немаат сите исто потекло, сите ученици кои го учат македонскиот јазик, било да е тоа затоа што е ова нивни мајчин јазик, било затоа што им е изборен предмет, се сепак прилично компактни и одлично соработуваат меѓусебе. Ако некој од нив пропуштил некој час, секогаш има од кого да позајми материјал од часот и да го надополни пропуштеното, а она на што најмногу му се радуваат сите заедно, се заедничките екскурзии, особено она патување на летниот камп во Охрид, на кое, за жал, нема да можат да одат сите со оглед на тоа што бројот на ученици од секоја земја во која има наши иселеници, е ограничен.
„Летниот камп за децата на иселениците кој го организира Агенцијата за иселеништво пред 20 години не беше толку актуелен па се случувало да отидат дури 20 деца само од Загреб, но сега, после короната, не ограничија на одреден број од 5-6 деца од секоја држава, па е веќе проблем, затоа што треба да се одбере кој ќе оди. Оваа екипа што реков дека ќе одат, овојпат ќе бидат оние што учат од прво одделение, а се веќе седмо и осмо одделение. Јас досега не сум била во Македонија со ваква група, но колегите кои биле велат дека децата таму се ослободуваат и прозборуваат на македонски. На пример, одат во продавница по сладолед и почнуваат да говорат македонски. Се радувам затоа што некои од нив за првпат ќе го видат Охрид“, вели наставничката Деспина.
Таа е целосно посветена и среќна со својата работа, а нејзиниот однос со учениците веројатно може да го посака секој педагог.
Со задоволство ги подучува не само на јазикот, буквите и писмото, туку и на сѐ што е поврзано со македонската историја, култура и традиција.


„Иако немаме учебници, се снаоѓаме со материјали и покрај јазикот и писмото, учиме сѐ што има врска со Македонија, од општи податоци за релјефот, планините, реките и езерата, историјата, традицијата, храната, па дури и за параглајдингот како спорт кој е застапен во Македонија токму поради тоа што станува збор за планински регион. Зборуваме многу и за традиционалната македонска храна, за празниците, а учиме и македонски песни. На пример, годинава за првпат во просториите на Македонската Православна црква во Загреб, како наш простор во кој можеме да се собираме за различни поводи, сите 45 ученици на кои им предавам македонски, дојдоа пред Нова година, помеѓу двата празници (католичкиот и православниот), посветени на истиот светец (Свети Никола), за да им поделиме пакетчиња кои ги дарува организацијата на Македонците во Загреб, а тие возвратија со тоа што ја испеаја песната „Мојата Македонија“ од нашиот Давид Темелков, кој исто така живее во Загреб“, ни раскажа нашата Деспина Велинска.
Во меѓувреме, децата си ја завршуваа својата работна задача која им ја зададе наставничката, во опуштена атмосфера, иако, може да се каже дека момчињата, со исклучок на хиперактивниот Маро, беа подисциплинирани и попосветени на задачата од девојчињата, но сите заедно, онака, секој посебен и свој, беа најшаренолик состав на најшармантните ученици на едно место, во училницата на Македонката Деспина Велинска, инаку, сопруга на првиот редовен парохиски свештеник на МПЦ во Хрватска, отец Кирко Велински. 

Повеќе