Сок, млеко или вода? Нутриционистите сoветуваат што треба да пијат децата за појадок

Нутриционистката Бриџит Бенелам верува дека водата и млекото се најдобриот избор на напиток за децата во споредба со сокот.

272

Соковите се полни со шеќер, а млекото е полно со масти. Поради ова, понекогаш е тешко да се одлучи што да му се даде на детето да пие. За збунетоста на родителите придонесе и едно ново истражување според кое „овошниот сок може да поттикне зголемување на телесната тежина кај децата поради комбинацијата на шеќер и течни калории“. Ова откритие е спротивно на она во што можеби верувале многу родители, особено оние кои претпоставувале дека сокот е здрава алтернатива богата со витамин Ц.

Нутриционистот Роб Хобсон вели дека нема да ги советува родителите целосно да го исфрлат овошниот сок од исхраната на своето дете. Сепак, тие треба да бидат свесни колку пијат нивните деца.

„Не гледам проблем да му давате на детето мала порција овошен сок (150 мл) секој ден. Подобро е да го послужите како дел од здрав појадок. Истото важи и за смути, но послужете го или едното или другото“, вели тој и додава дека сокот може да додаде калории во исхраната, но има други придобивки. На прво место е витаминот Ц, кој го нема во другите засладени пијалаци.

„Во текот на денот препорачувам други пијалаци кои хидрираат без додаден шеќер. Можете да му понудите на вашето дете вода со природен вкус со додавање состојки како краставица, коцки ананас, јагоди и нане. Чаша млеко е исто така многу хранлива за децата, може да ги хидрира и да придонесе за внес на калциум“, забележува тој.

Нутриционистката Бриџит Бенелам верува дека водата и млекото се најдобриот избор на напиток за децата во споредба со сокот.

„Водата и млекото се најдобриот избор бидејќи не содржат слободни шеќери. Овошните сокови и смути содржат некои витамини и минерали, но се богати и со шеќер, па затоа советот е да ги ограничите на не повеќе од една мала чаша од 150 мл на ден“, вели таа и додава дека треба да се внимава бидејќи соковите можат да го оштетат оралното здравје на децата.

„Шеќерот и киселоста на соковите може да ги оштетат забите ако децата често ги консумираат, па затоа најдобро е да се пие овошен сок со оброк за да се ограничи влијанието врз здравјето на забите“,вели Бенелам.

За особено пребирливите деца кои сакаат сок или за родителите кои сакаат да ги максимизираат придобивките од витаминот без несакани ефекти, Бенелам советуваше да се обидат да го разредат со вода за да ги намалат шеќерот и киселоста.

Повеќе