Енергетските пијалаци можат да предизвикаат анксиозност и депресија кај децата

Сегашните упатства ги советуваат децата на училишна возраст да консумираат не повеќе од 100 мг кофеин дневно, што е помалку од количината во стандарден енергетски пијалак.

68

Децата и тинејџерите сѐ повеќе конзумираат енергетски пијалаци, а студиите откриваат дека тоа може да резултира со депресија. Истражувачите од универзитетите Тисајд (Teesside) и Њукасл (Newcastle) прегледале 57 студии за да го утврдат тоа.

Пријавено е дека деликвентното однесување е поврзано со потрошувачката на енергетски пијалаци, а други забележани психолошки ефекти вклучуваат стрес и анксиозност. Студиите опфатиле повеќе од 1,2 милиони млади луѓе на возраст меѓу девет и 21 година од 21 земја.

Диететичарката која учествувала во истражувањето, Амелија Лејк, наведува дека кофеинот е можна причина за врската помеѓу енергетските пијалаци и негативните ефекти врз здравјето.

„Високата содржина на кофеин носи многу реални здравствени ризици, особено за развојот на мозокот и телата“, изјавила за Yahoo UK клиничкиот социјален работник и бихејвиорална терапевтка, Џени Ланет Бедсворт.

Учениците не треба да консумираат повеќе од 100 мг кофеин дневно

Таа истакнува дека стимулирачките ефекти на кофеинот можат привремено да ја зголемат концентрацијата и спортските перформанси. Сепак, хроничното внесување е поврзано со слаб сон, анксиозност, депресија, па дури и самоповредување. „Ова е затоа што кофеинот ги менува хормоните на стресот и невротрансмитерите во текот на клучните фази на развојот“, објаснила Бедсворт.

Таа додава дека сегашните упатства ги советуваат децата на училишна возраст да консумираат не повеќе од 100 мг кофеин дневно, што е помалку од количината во стандарден енергетски пијалак.

„Надминувањето на оваа вредност може да има негативно влијание врз однесувањето, начинот на живот и менталното здравје. Падот по привремено покаченото ниво на енергија, исто така, ја намалува севкупната продуктивност“, заклучила Бедсворт.

Повеќе