Малите Италијанци повеќе нема автоматски да го добиваат презимето на таткото

Малите Италијанци повеќе нема автоматски да го добиваат презимето на нивниот татко, туку, ако родителите не одлучат поинаку, ќе ги добиваат и двете презимиња

205

Децата во Италија повеќе нема автоматски да го добиваат презимето на таткото при раѓањето, одлучи Уставниот суд во Рим.

Досега во оваа медитеранска земја на новороденото дете било задолжително да му се дава презимето на таткото доколку таткото го признал. Со заедничка пријава, мајчиното презиме можеше да се додаде на презимето на таткото и да се стави после него.

Во Италија, жените го задржуваат презимето и по бракот, што значи дека италијанските мајки досега во повеќето случаи имале презимиња поинакви од оние на нивните деца.

Меѓутоа, оваа правна норма ги прекршува членовите од италијанскиот Устав, како и Европската конвенција за човекови права, се вели во пресудата на судот објавена деновиве.

Родителите во иднина мора да бидат слободни да одлучат дали на своите деца ќе им го дадат татковото, мајчиното или двојно презиме, одлучија судиите, повикувајќи ги политичарите да дејствуваат. Предлог-законот е веќе во парламентот.

Во иднина, доколку родителите не се определат поинаку за презимето, детето автоматски ќе ги добива и татковското и мајчиното, а не презимето на таткото, како што беше досега.

Застапниците за промена на законот велат дека тоа е „историска пресуда“, „мала револуција“ и дополнителен чекор кон еднаквост меѓу мажите и жените.

Повеќе