Марија Дибиаџио и нејзините два света: Њујорк и село Опила

„Коњите пасат, јас сум заспала на сонце, сега видов дека сте ми пишале“, беше првата реченица што ми ја напиша мојата соговорничка Марија Дибиаџио. Се разбира, заспивањето на сонце не е единственото нешто што таа го прави на својот ранч во општина Ранковце. Напротив, прави многу нешта, меѓу кои и чистење на шталите, па нејзината мајка често знае да ѝ каже: „Ќерко, место да живееш како госпоѓа во Њујорк, ти мирисаш на штала“!

1.366

За ранчот и за Марија Дибиаџио дознав откако го видов нејзиното име меѓу говорничките на претстојната конференција „Хероини во туризмот“ (асоцијација која го охрабрува и поттикнува женското претприемништво преку призмата на туризмот) каде што беше најавена како основач на The Countryside Retreat, ранч во општина Ранковце, во непосредна близина на магистралниот пат кон Крива Паланка.

Ја најдов на Фејсбук, ѝ пишав, а таа ми одговори после 1-2 часа:  Извинете, коњите пасат, јас сум заспала на сонце, сега видов. Клучната реченица поради која веднаш посакав да се најдам на нејзино место или барем да ја запознаам жената која ја има привилегијата да заспива на сонце, додека нејзините коњи пасат трева. Како што подоцна ми објасни Марија, тоа секако не е единственото нешто што таа го прави на својот ранч. Напротив, прави толку многу нешта, меѓу кои и тимарење на коњите и чистење на шталите, што нејзината мајка често знае да ѝ каже: „Ќерко, место да живееш како госпоѓа во Њујорк, ти мирисаш на штала“!

А зошто во Њујорк?! Па затоа што Марија веќе 10 години живее токму на таа релација Њујорк – село Опила, општина Ранковце.

Со Марија се најдовме во градскиот парк  во Скопје, каде што беше дојдена за да гостува на една од скопските телевизии и потоа, како што обично бидува кога разговорот се води во живо, од еден муабет до друг, заклучивме дека ако треба да раскажеме сѐ за неа, ќе треба да напишеме не еден текст, туку цела книга.

Затоа, накусо, Марија е родена во Крива Паланка во 1984.година, како што вели,  чернобилска генерација. Како студентка (завршила на факултетот за физичка култура) заминала на ворк енд травел во Америка. Не ѝ се допаднало, но ѝ дала втора шанса на Америка, а таа неа – нов правец во животот.

Почнала бизнис со продажба на своја линија на спортска облека која како спортистка која трча на маратони, јава коњи, вози велосипед,  ја испробувала прво на себе. Слоганот на линијата за спортска облека на Марија гласи „Stay Different“ (Остани различен), а таа го прави токму тоа, останува различна во сѐ што прави и во приватниот и во деловниот живот.

На пример, различна е по тоа што пред 10 години, после само три месеци врска, се омажила за својот сопруг Маурисио Дибиаџо, кој е дизајнер на накит за Живанши, а наместо свадба, направила цел бизнис план за тоа како ќе ги вложи парите кои инаку би ги потрошиле за свадба, за отпочнување на сопствен бизнис. Токму оној од почетокот на приказната –  креирање и продажба на спортска облека.

Трудољубива, иновативна, хумана и скромна, таа е вистински вруток од идеи и едвај можете да следите како ги надоврзува своите приказни, една на друга.

Токму Марија е жената која заедно со сопругот организираше акција за собирање на финансиски средства за реновирање на куќата на Атиџе, хероината од документарниот филм „Медена земја“ кој таа и Маурисио го гледале во Њујорк,  жената која е позната и по голем број на реализирани хуманитарни акции во земјава и во странство.

Марија во екот на короната, од станот во кој живее со сопругот, во грчкиот кварт Асториа во Њујорк, недалеку од слаткарницата од филмот „Мојата дебела грчка свадба“, решила да дојде во Македонија, токму на ранчот во родното село на нејзиниот татко каде што во детството ги поминувала најубавите лета.

Оттогаш, цели две години таа е во Опила, а нејзиниот сопруг, кој многу ја сака Македонија, шопска салата и животот на село, го користи секој слободен период за да биде тука со неа. И, се разбира, со нејзините миленици.

Кантрисајд ретрит и Марија се добитници на награда од страна на Europe House и ЕУ со тебе за најдобар огранизиран настан за инклузија во 2021. година и за кoорпоративна филантропија од страна на Horus Macedonia. Кантрисајд ретрит е и компанија која е избрана од ЕУ заедно со уште 11 други од Македонија да ја поминат обуката за циркуларна економија и се стремат за Ecolabel оддржливост.

Таа на самиот старт поставила принцип на употреба на биоразградливи прибори, реупотреба, рециклажа, компост од храна, а најново ѝ е создавањето биохумус од коњскиот измет. Дека Марија води сметка за природата зборува и тоа што уште во 2018. победила на натпреварот за Зелени идеи организиран од нашите пријатели од АРНО.

Да не се фрли ниту еднo парче текстил што останува во кројачките работилници, туку да се трансформира во облека и аксесоари за луѓе и за животни, е наградената зелена идеја на Марија.

Бидејќи е личност која води грижа и за сите ранливи групи граѓани, а особено за лицата со попреченост, таа на својот ранч воведува и хипотерапија за која наскоро треба да замине на обука во САД. И ова не води и до почетокот на приказната за ранчот кој за посетители постои од август 2021 година.

„Мора да кажам дека сето ова со ранчот се случи спонтано. Јас со живење сум веќе 10 години на релација Њујорк- Македонија, но кога фати пандемијата бев во Америка и читајќи ги тамошните весници кои опишуваа дека таа всостојба ќе трае повеќе од две години, решив да дојдам во екот на пандемијата. Во тоа време имав само две кучиња и еден коњ за сопствени потреби, но кога се вратив скршив нога со пад од коњот па опоравувањето траеше шест месеци. Поради короната не работеа центрите за рехабилитација со базен, па решив да направам и базен кој е дел од ранчот. Во моментов имам четири коњи и ждребе старо неколку денови. Идејата ми е сите животни што живеат на ранчот да се спасени, трансформирани и на тој начин да му покажеме на општеството дека и животните заслужуваат втора шанса. А тие покажуваат толку благодарност и се полни со љубов кои ви ги враќаат назад десет пати повеќе. Би сакала младите да се едуцираат кај нас преку пример каков третман треба да имаат природата и  животните затоа што сме во синергија со нив, а не над нив како што се однесуваат повеќето луѓе“, објаснува Марија.

Што се однесува до местото каде што е Кантрисајд, го купила за сосема друга намена пред четири година. Имено, тука требало да биде погонот за шиење облека, но подоцна, кога почнала короната сфатила дека е ова идеално место за ранч, па го пренаменила објектот во соби за издавање и користење за едукација,тим билдинг и рекреација.

Како посветена хуманистка Марија води грижа за сите ранливи групи граѓани, а особено за лицата за попреченост. Затоа, на својот ранч воведува и терепија со коњи за нив, односно хипотерапија.

 „Слоганот на ранчот е: Animals make great therapists, а на нашиот ранч имаме и хипотерапија. Коњите се предобри терапевти кога станува збор за анксиозност, депресија, развој на лични вештини, но и одлични терапевти за лица со посебни потреби. Јавањето делува одлично и кај дечиња со аутизам,  церебрална парализа, деца со хиперактивност, а јавањето е корисно и за намалување на стресот. Ранчот е прилагоден и за луѓе со физички хендикеп, а самиот базен е дизајниран за тие да имаат пристап во количка. Хипотерапијата со коњи е нешто што му е потребно на секој поединец, а најмногу на луѓето кои имаат здравствени проблеми и јас наскоро, после цели две години заминувам во Америка за да се здобијам со сертификат за хипотерапија“, вели таа.

Инаку, освен коњи, на ранчот има и кучиња, мачиња, кози и една многу стара магарица.

Ако ја прашате Марија од каде нејзината љубов кон коњите, ќе ви ја раскаже приказната за нејзиното детство поминато на село, каде што одела со родителите преку лето.

„Со братучетка ми крадевме коњи и магариња од полињата, ќе ги појававме и ги враќавме назад. Евентуално кога ќе падневме не смеевме да кажеме што сме направиле и од каде ни се повредите, така што можеби таа детска радост кај мене со години ме навраќа на коњите, па секаде каде што сум патувала сум јавала коњи, во Африка, Перу, Америка, Европа. А зошто токму спасени или запоставени коњи, поради фактот што кај нас животните никогаш не се гледаат како дел од фамилијата туку како материјал за користење и фрлање после употреба. Мене ми се најдобар предизвик и најубаво се чувствувам кога знам дека ќе им дадам подобар дом и живот.

Таа вели дека секој ден поминат на ранчот ѝ е прекрасен и дека никогаш досега не била посреќна во животот како овие две години со целата банда околу неа, но и со обврските што ѝ ги носи .

„Кучињата спијат со мене, мачињата влегуваат и излегуваат, имам мачиња без очи, без нога, куче удрено со скршена карлица, магаре старо над 35 години, коњи кои беа истрауматизирани и се плашеа само кога ќе кренев рака да ги погалам. Сето ова е надминато и сите се во некоја хармонија и почит и тоа е нешто што ги фасцинира гостите. Тука може да најдете маче како си седи на коњ додека овој пасе, куче како спие со маче и слично. Јас секое сабајле ако станам пред нив накај шест часот читам книга и медитирам саат и половина, потоа сите одат надвор, а веќе второто кафе го пијам со коњите кога ги пуштам да пасат. Дома немам телевизор, па затоа имам доволно време за да бидам со нив и со книгите“, објаснува Марија која освен со животните се занимава и со земјоделски работи бидејќи, како што вели, ужива во таа работа па им помага на родителите кои одгледуваат храна, а имаат плац веднаш до нејзиниот.

Таа планира да продолжи да ги откупува коњите од луѓе кои ги носат на колење во Србија за месо како и досега, а ќе продолжи и да јава затоа што е ова една од работите кои ѝ се омилени заедно со трчањето и возењето велосипед низ села и планини.

„Кај нас има доста интерес за јавање, но јас на сите посетители им кажувам дека кај мене нема класична тура како што има низ државата и луѓе кои чуваат коњи само за јавање. Јас ги учам да јаваат без седло, да го почувствуваат коњот и неговата енергија, да научат за коњот како се чува, како се тимари, да уживаат во меѓусебното дружење“, објаснува нашата соговорничка по што е различен нејзиниот концепт.

Иако ги сака сите свои животни, признава дека сепак има миленик.

„Миленичка ми е Фрида Кало, кобила, дива и нескротлива која сѐ уште освен мене не дава никој да ја јава, а оди по мене како куче. Ја најдов лани изгубена од стадо, сама во река и ја спасив да не биде продадена во Србија за колбаси. За неа си ја продадов машината за шиење, затоа што ја најдов во река и објавив на Фејсбук , но кога дојде газдата кој не ни знаел дека е ождребена во планина, сакаше да ја носи за месо во Србија. Беше стара само година ипол.

Инаку, иако наскоро ќе одам за Америка, планирам и во иднина поголемиот дел од времето да бидам тука, на ранчот, отколку во станот во Њујорк. Иако понекогаш ми недостасува и си го сакам и животот таму, искрено, како што имам душевен мир, спокој и љубов за и од животните, природата  и сѐ околу ранчот, немам на ниедно друго место“, завршува Марија.

Повеќе