Мажите се полојални и поредовни клиенти од жените: Еден од најдобрите фризери во Скопје открива интересни детали од својата работа

Иако вели дека на жените почесто им се случува да го „изневерат“ својот фризер и да отидат кај друг, тоа не важи за оние кои дошле кај него по препорака на својот партнер. Тие, се смее нашиот соговорник Диме Лозаноски, дури и кога ќе раскинат со дечкото, мене не ме менуваат. Освен како најдобар шишач меѓу скопските фризери, Диме важи и за многу трпелив и кроток човек, па чести муштерии му се и децата, а особено оние со аутизам.

1.780

Диме Лозаноски е еден од оние луѓе кои си одбрале професија која е целосно во согласност со нивниот карактер и која им причинува големо задоволство и ги прави среќни дури и после повеќе од две децении.

Тој е фризер за жени и за мажи, а во изборот на својата професија бил толку одлучен што и покрај отпорот на неговите родители, уште додека одел во средно хемиско, почнал да го изучува и фризерскиот занает.

„Бев прилично упорен во своите одлуки и ги правев работите поинаку од моите врсници. На пример, уште на 18 години почнав да живеам сам, под кирија, која можев да си ја плаќам затоа што таму каде што учев занает, набрзо почнаа и да ми плаќаат. Пораснав во Ченто, но откако се одвоив од моите, па сѐ до денес сум во Карпош. Памтам дека кога учев во средното хемиско, кога одевме во лабораторијата,  каде што имавме по 7-8 часа на ден, правевме со хемикалиите боја па ја испробувавме прво на ѕидовите, па во тетратка, на рака и на крај на косите. Имав среќа, затоа што често им ги средував косите на сите мои соученици, а 99 отсто беа девојчиња. Тогаш во овој занает немаше толку машки фризери и повеќето фризерки беа повозрасни жени што правеа еден тип на фризури, правеа „ладни“ и толку. Јас уште додека одев во средно, почнав да го учам занаетот во физерски дуќан и најмногу бев сконцентриран на шишање, и тоа, на кратки фризури. И првите награди што го добивав беа токму за шишање, од екстремно долги коси на екстремно кратки“, раскажува Диме.

Гласот дека за кратка коса се оди кај Диме, го следи и ден денес па така ме донесе и мене пред неговиот салон. Муабетот го правевме додека ме шишаше.

Мајка ми и сестра ми ги средувам кога одиме кај нив на неделен ручек

Иако Диме отпрвин имал отпор од родителите, подоцна му дозволувале да им ги средува косите, а и ден денес го прави тоа, но не во салонот, туку кога со семејството одат кај неговата мајка и сестра на неделен ручек.

„Најчесто тогаш  ги средувам и мајка ми и сестра ми, а патем си правиме муабет зашто преку недела немам многу време, а и тие избегнуваат да доаѓаат во салонот токму од таа причина, да не ми одземаат време“, објаснува Диме.

Додека раскажува за своите почетоци и за себе, не додржува да не го покаже задоволството од тоа што, како што вели, препознава дел од својот карактер и кај неговиот син кој наскоро, токму на Бадник, ќе полни 11 години.

„Многу ми е мило затоа што и тој како мене, му дава внимание само на тоа што него го прави среќен. Нема афинитети за мојот занает, а ниту јас не сакам да му наметнувам ништо, па кога станува збор за образованието и воспитувањето, често имаме несогласувања со сопругата која секогаш става акцент на учењето. Син ми пак, сака да игра хип-хоп и го прави тоа веќе неколку години, многу е дружељубив и сака да црта карикатури. Оваа година успеав да ја убедам жена ми дека може да оди на скијање сам, без нас, па е среќен и поради тоа. Инаку, никогаш не ме рекламира, но ако се поклопат коцките, знае да ми донесе некое другарче на шишање“, се смее Диме.

Тимот и клиентите како најблиско семејство

Како некој што веќе 22 години го работи ова, Диме е полн со многу приказни од своето работно место. Во фризерницата која ја отворил на 1 септември, во 2005 година (патем, се вика „Имиџ“), секогаш владее одлична атмосфера. Можеби и затоа што е тимот уигран и сите се таму подолг период, по 12-13 години, па веќе се знаат како дишат, тие се како семејство, а тоа на Диме многу му значи.

„Тоа е важно за клиентите, ама пред сѐ, најважно е за мене, за да се чувствувам сигурен и да можам да планирам што било. Секогаш се консултирам со нив и никогаш не ги носам сам одлуките“, вели тој иако и самата атмосфера додека сте таму, си зборува сама за себе.

Тие пак, сите се како психолози, со тоа што, како што забележува Диме, кај психолог се оди само кога имаш мака, а кај нив се доаѓа многу почесто за убави и среќни настани.

Клиентите се доверуваат за сѐ што им се случува, а особено се во ова ревносни мажите. Тие, според Диме, се и најлојални клиенти.

„Жените лесно може да се случи да го сменат фризерот ако слушнат од некоја другарка дека била некаде на друго место. Но, мажите не, тие се дефинитивно најлојални клиенти и кога станува збор за водење бизнис, најпаметно е да си сконцентриран на мажи, особено зашто во последно време тие многу ги користат нашиве услуги и секој од нив доаѓа барем еднаш на 3-4 недели и така секогаш си во тек што им се случува во животот“, раскажува Диме. Во меѓувреме, ова го потврдува и муштеријата кого го шиша Филип, колегата на Диме. „Пишете дека муштериите се многу задоволни од услугата“, се смее тој додека се поздравува со сите.

Жените што тука ги донел дечкото и кога ќе раскинат со него, не го менуваат фризерот

Многу е интересно и она што ни го прераскажа Диме за жените кои дошле кај него по препорака на своите партнери. Тие, тврди тој, му веруваат безрезервно.

„Жена да донесе маж кај својот фризер е секогаш потешко, тие можеби ќе дојдат еднаш, ама како на сила и не сакаат да си го менуваат својот фризер. Но кога маж ќе донесе жена, тоа е готова муштерика. Имав една случка кога девојката која два-три пати доаѓаше тука со дечкото за да му прави друштво, ми стана муштерика. Подоцна тие раскинаа, а таа ми се јави за да ми соопшти дека раскинале ама таа сепак сака да продолжи да доаѓа кај мене. Ми рече дека сум најдоброто што ѝ останало од таа неуспешна врска“, се смее Диме.

Машките деца плачат само кога првпат се шишаат

Со оглед на имиџот што го следи, дека е најдобар шишач меѓу фризерите, на Диме не му треба реклама. Неговиот дуќан ниту не гледа на улица туку е сосема позади зграда во близина на гимназијата „Орце Николов“, а сепак никогаш не им недостасуваат муштерии.

Тие шишаат и мажи и жени, и деца и млади и возрасни и стари, дипломати, политичари и естрадни ѕвезди, но и обични луѓе. Кога станува збор за деца, вели, „оние што плачат се редовно машки, ама тие плачат само првиот пат, а потоа ти се верни до гроба“.

Понекогаш знаат да дојдат и родители со девојчиња кои фатиле вошки на училиште, а не сакаат да се шишаат ќелави. Нив ги третираат со трипостотен хидроген и боја без амонијак, па имале случај девојче од трето одделение да ѝ се пофали на учителката дека почнало да се фарба. Потоа мајката морала да објаснува на училиште дека само морале да се спасат од вошки. Во последно време им доаѓаат сѐ почесто и дечиња со аутизам, за кои вели дека се навистина посебни.

„Најважен е првиот контакт, а веќе следниот пат уште од врата си доаѓаат на истата столица на која седеле претходниот пат, знаат каде стојат работите па ги вадат од фиока, ми ги подаваат и си седнуваат без проблем. Родителите обично се плашат како ќе биде па ми велат да нема други луѓе, да биде тивко и слично, а ние им излегуваме во пресрет, имаме трпение и секогаш успеваме да излеземе на крај со сите“, вели Диме.

Кој го шиша Диме?

Се разбира, секогаш се шиша кај истиот мајстор, Филип и никогаш не му се меша во работата. Си седи мирен, а Филип добро си ја знае работата.

Диме има и една утешна филозофија за оние на кои евентуално, кој било фризер ќе им ја утне фризурата. А неговата филозофија е дека најубава фризура е секогаш онаа која некој знае да ја носи.

Инаку, тој постојано ги следи новостите во нивната бранша и не ги пропушта семинарите, презентациите и настаните кои се организираат и иако не учествува на многу натпревари, од едноставна причина што, како што вели, нема натпреварувачки дух, сака да учествува на вакви шоуа. А најубавиот дел од работата му е тоа што никогаш не му е здодевно.

„Најубавиот дел од мојата работа е тоа што имам навистина безброј пријатели и многу познаници, а колку и да сум уморен по работниот ден, доволно е да дојдат празници како овие што ни претстојат, па да бидеме слободни повеќе денови, за после 2 дена веќе да почне да ми недостасува ѕвонењето на телефонот и муабетите со луѓето“, вели Диме.

Во салонот ми падна во очи и една благодарница од УНХЦР па го прашав Диме за што станува збор.

„Имаше една акција организирана од УНХЦР за да се обучат со некоја вештина бегалците кои беа тука, па и ние бевме дел од тој проект. Држевме обуки, а имавме и неколку жени од Африка на кои им беше особено чудно да работат со коси на бели луѓе затоа што нивните коси се сосема поинакви и си бараат сосема поинакви средства и методи. Една од нив дури и остана тука, се омажи и работеше со нас, но потоа доби деца и се откажа. Незнам што се случи потоа со неа, но проектот беше одлично искуство и за нас“, објаснува Диме.

Се радува на туѓата среќа, тагува заради туѓата несреќа

Диме е емотивен човек кој се радува на туѓата среќа, ама е чувствителен и на несреќите па знае со денови да ги мисли. На пример, како кога неговиот 77-годишен клиент дошол да се поздрави со него и да се ишиша за последен пат затоа што претчувствувал дека ќе умре и следниот ден навистина добил таква вест за него. Или пак како кога неговите сѐ помлади клиентки кои одат на хемотерапија па кога ќе дојдат за да ги ишиша, додека ги шиша, плачат, а тој едвај се воздржува да не се расплаче и самиот.

„Се врзуваш за луѓето низ годините, сакал нејќел тие ти стануваат семејство. За среќа, многу побројни се оние среќните приказни. Некои доаѓаат да почестат мекици за внуче, други за свадба, а најубаво ми е кога семејствата ни доаѓаат за да ги спремиме за свадба. И тоа сите комплет. Тогаш и атмосферата во салонот е уште повесела“, завршува Диме и ме испраќа до вратата.  

Без грижа, ме ишиша како никој!

Повеќе