Мемет Камбер почина, но уште не почива во мир! Немањето документи му прави проблем на детето-фантом и по смртта

Деветнаесетгодишниот Мемет Камбер, едно од оние деца-фантоми без идентитет и документи, почина поради нашиот таканаречен систем, раштиман како клавир на ѓубриште. Тие кои можеа да му помогнат да си ја оствари скромната желба – лична карта и право на здравствено осигурување, работа и живот, дури и сега слепо се придржуваат за некакви правила и принципи, па телото на момчето се уште не е погребано. Иако помина речиси една недела откако почина, Мемет се уште не почива во мир.

539

Насмеаното лице на 19-годишниот Мемет Камбер кој беше еден од колпортерите на „Лице в лице“, ни е некако познато на сите, ама за жал, никој од нас, обичните луѓе, не можеше да му го реши проблемот. Момчето без идентитет, без документи, едно од оние деца-фантоми, почина поради нашиот таканаречен систем, раштиман како клавир на ѓубриште. На оние кои можеа да му помогнат да стане човек со многу скромна желба која ние останатите ја добиваме на тацна, баш им е гајле. Тие, поточно тој, системот, дури и сега слепо се придржуваат за некакви правила и принципи, па не им го даваат телото на детето на неговите роднини, дури ни да го погребаат и тоа, иако помина речиси една недела откако почина, се уште не почива во мир.
А и ние реагираме само откако ќе се случи најлошото. Луѓето без документи, па следствено на тоа, без здравствено осигурување, претежно млади, живеат од ден за ден, така како што знаат и умеат, без идентитет, без матичен број, без лична карта, без право на здравствено, на работа, на живот. И после проселе, краделе, скитале, а што да прават друго?!
Мемет, како и други деца од семејства кои имаат комплексни и специфични социјални проблеми, секојдневно, доаѓал во „Дневниот центар за деца на улица“ кој функционира од февруари 2006. година.
За оние кои не знаат, просториите на овој дневен центар се привремено сместени во Здравствениот дом во Шуто Оризари од мај 2017. година, кога градинката ’8-ми Април‘, каде што претходно бил сместен, изгорела во пожар.
Овие деца во Центарот, за прв пат во својот живот добиваат одредена грижа, навики и внимание, а низ Дневниот центар кој е отворен од 8 до 16 часот секој ден, освен за викенд, поминуваат околу 100-тина деца на возраст од 4 до 18 години со место на живеење во оваа општина.
„Целта и мисијата на центарот е да им ги заштити правата, да им ги пренесе моралните вредности, да им помогне да изградат позитивни навики, самодоверба, да се социјализираат, да стекнат одговорности, да им овозможи безбедна средина и безгрижно детство … Тие се желни да научат нови работи и зборот кој најдобро ги опишува е љубопитност. Децата во Дневниот Центар ја одржуваат и личната хигиена, се бањаат, добиваат и оброк кој во текот на денот на повеќето од нив им е и единствен. Доста посветено се грижиме овие дечиња да бидат здрави, заштитени и безбедни, самостојни, креативни и среќни, но исто така и да го добијат задолжителното образование. Тие учат да бидат дел од останатиот свет, да имаат нормално детство кое секое дете го заслужува“, вели координаторката Ирена Велкоска. Таа вели дека и Мемет, иако веќе ја надминал возраста на децата кои се згрижуваат тука, како и повеќето други деца, продолжил да наминува оттука и да ги информира за тоа што се случува со него.
„Повеќето од децата продолжуваат да наминуваат тука затоа што го чувствуваат центарот како свој дом. Мемет имаше 19 години и иако не беше повеќе корисник на секојдневните услуги на Центарот продолжуваше да не посетува. Велат дека им е топло на душата кога ќе дојдат тука и самите признаваат дека доколку не постоел центарот, веројатно бргу би им се вратиле на старите навики. Така и со Мемет бевме постојано во комуникација и тој секогаш се советуваше со нас и беше добар пример за децата во средината во која живее, умееше да ги исправи, да ги насочи ако згрешат, но никогаш не ни се пожали на некој здравствен проблем“, вели Ирена.
Идентично е и она што го кажува неговата социјална менторка за работна интеграција, Магдалена Чадиноска Кузманоски.
„Мемет беше продавач на „Лице в лице“, но преку верификуваната програма за социјално менторство го подготвувавме за пазарот на труд. Постојано покажуваше забележителна проактивност и желба да се стекне со работни навики и работни вештини, но, најголема желба, сепак, му беше да извади лична карта. Со работни навики се стекна, но, за жал, не дочека да се стекне и со лична карта. Знаете, овие деца кои немаат документи, дури и да можат и да сакаат, а ние да им помогнеме да најдат работа, не смеат да работат. Ама затоа смеат да бидат невработени и гладни“, вели Чадиноска Кузманоски, која е меѓу првите 10 социјални ментори во регионот и работи со продавачите на уличното списание „Лице в лице“.
Од оваа перспектива, додава таа, после овој трагичен исход, се наметнува прашањето, колку е оправдано и сурово, на еден млад човек најголемата желба да му е да извади лична карта.
„Бевме на добар пат да го насочиме правилно и да живее еден достоинствен и квалитетен живот. Жал ми е што не го видов во неговото најдобро светло, со лична карта и регуларно вработување, она за кое тој толку мечтаеше. Без лична карта, нема ни здравствено осигуравање. Јас го гледав два-три пати во неделата по час или два, последно го видов две недели пред да почине, но ништо не ми навестуваше дека ќе се случи нешто вакво, тој никогаш не се пожали на некој здравствен проблем. Мислевме дека само му се слошило, но излезе дека било посериозно. Докторите од КАРИЛ целосно се вложиле, ние имавме постојано контакт со нив, но било предоцна“, додава таа.
Мемет бил од оние деца кои имаат извод на родени, но немаат лична карта. Токму поради овие деца од Здружението на млади правници, по години застапување, постојано апелираат што поскоро да се донесе Закон за измени и дополнување на законот за лична карта и законот за пријавување на живеалиште со кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација.
Правото на живот и правото на здравствена заштита се основни човекови права и сите граѓани мора да имаат пристап до здравствена заштита без оглед дали поседуваат лични документи, но очигледно правдата не е еднаква за сите па ете, иако сме 21 век, кај нас млади луѓе починуваат пред воопшто да станат видливи за системот.
Наместо поголема сензитивност и флексибилност за овие граѓани, на тој таканаречен систем, наместо да им се овозможи како адреса на живеење да се впише адреса од центар за социјална работа или адреса на општината каде што живеат, како што е решено во други држави, или да се олесни пакетот документација потребен за личен документ, се случуваат вакви недозволиви нешта. Умираат млади луѓе кои се најмалку виновни за ситуацијата во која се нашле, а државата не прави ништо за да го прекине маѓепсаниот круг во кои тие се вртат со генерации.
Од она што можеше да се дознае, Мемет Камбер на КАРИЛ стигнал во тешка здравствена ситуација. Екстремно алармантна, со хипергликемија над црвената линија.
Според Маја Мојсова, анестезиолог на КАРИЛ, Мемет најверојатно имал дијабет тип 1, кој се појавува уште во детската возраст.
„Живеел со хипергликемија долго време, и кога достасала до енормни вредности, донесен е кај нас. Таа гликемија прави растројство на сите системи. Нашето тело работи на PH, нормално е 7,4, тој имаше вредност на киселост 6,8. Организмот не работи во кисела средина. Многу деца и сме ги спасиле во ваква ситуација, но, кај него оштетувањата беа преголеми. Кога ќе се јави кетоацитоза, пациентите се повеќе подложни и на инфекции, затоа што самиот висок шеќер во крвта е добар агар за каква било бактерија. Тоа дополнително ги влошува компликациите по системи. Да се лекувал на време, и ако претходно била регулирана таа гликемија, можеби ќе имавме и шанси. Веројатно никогаш не ни бил испитуван. Беше донесен во хипергликемија, со страшни високи вредности на гликоза. Не можеме ни да знаеме дали имал и други болести. Ние се боревме за живот. Некои работи ќе ги знаеме и дополнително, откако ќе добиеме и други резултати од испитувањата“, вели Мојсова во изјава за „Лице в лице“,
Според неа, оваа ситуација кај децата, кои уште од мали имаат недостаток на инсулин, се открива навреме и може да се третира.
„Кога ќе дојдат пациенти во ваква ситуација кај нас, многу ни е полесен патот кај претходно третирани, а не да земе болеста замав до овој степен“, додава анестезиологот.
Мемет, како и пред него, матурантот Тони Сали, се деца кои сакаа нешто повеќе од животот, а не успеаја да добијат ниту една „мочана“ лична карта. Ова е причината поради која дури и сега, после смртта, младиот Мемет се уште не е предаден на семејството. Којзнае, можеби ќе ги товарат и со дополнителни трошоци за сите овие денови кои неговото тело ги поминало во фрижидер.

Повеќе