Молдавката Олга живее во Скопје, има 3 деца и изработува едукативни играчки

Олга Селивон живее во Македонија 11 години и со сопругот имаат две ќерки и син кој има Даунов синдров. За нив, како и за сите други деца, креативната Молдавка изработува рачно играчки и игри кои им помагаат на децата да развијат фина моторика и когнитивни вештини.

1.744

Олга Селивон е од Молдавија од каде што, слично како што то го прават и многу млади луѓе кај нас, заминала на брод.  Тогаш судбината решил да ја спои со нејзиниот сопруг, Дејан од Скопје.

„Првпат се  запознавме во 2005 година и работевме заедно на првиот крузер на кој работев „Карневал Спирит“.  Но, тогаш само работевме заедно, а нашата љубовна приказна започна после три години, кога пак го сретнав на еден од бродовите на кои тогаш работев. После 3 години формиравме семејство, направивме скромн свадба без тапани и ора и ја добивме нашата прва ќерка“, раскажува нашата соговорничка Олга, која во Македонија живее веќе 11 години, но сѐ уште има симпатичен акцент по кој веднш се препознава нејзиното потекло.

Неа ја запознавме на предновогодишниот базар за ракотворби во хотел „Мериот“ и ни ја претставија како прекрасна и кретивна жена и мајка на три деца.

Таа изработува прекрасни играчки и игри кои им помагаат на децата да развијат фина моторика и когнитивни вештини кои се многу важни во развојот на мозочните невронски врски. Мислевме дека на ова ја поттикнало тоа што нејзиното синче Алексеј е родено со Даунов синдром, но таа ни откри дека со изработката почнала многу пред него, односно, уште за време на првата бременост.

„Идејата да почнам со креации ми дојде уште во времето на првата бременост, креирав за мојата ќерка, се занимавав со плетење, шиење алишта и играчки.

Едукативни сликовници почнав да изработувам кога една моја муштерика побара од мене да направам една сликовница за нејзина ќерка. Јас ги гледав одамна на Пинтерест, но никако не можев да почнам. Ми беше страв кога ќе помислев колку работа има во тоа! Но не сакав да ѝ откажам на мојата стална муштерика и направив. Сега моите сликовници се посовршени и имаат повеќе активности во нив. Се разликуваат по години: за новороденче – до 18 месеци, од 0 до 3, од 1 до 6 години. Имам не само сликовници, туку и посебни игри, како магнетен риболов, меморија, танграм (игра со форми), баранка, во која пребаруваш ориз за да најдеш копче, куклен тетар со прсти, сите ги изработувам со љубов и без страв. По раѓањето на Алексеј, ништо не ми е страшно“, признава Олга.

Таа и официјално го регистрирала својот бренд на 19.март 2018.година.

„Брендот е Матрјошка, а станува збор за руски збор и се однесува на дрвените куклички, што се ставаат една во друга. Испробав многу различни техники, но застанав на шиење едукативни играчки и кукли за деца и во ова мојата креативност е бескрајна. Меките сликовници што ги изработувам од филц имаат за цел да развиваат фина моторика на прстите, помагаат да се развиваат основни поими кај децата од предшколска возраст, а тоа се форми, бои, каузални врски, говорот и имагинацијата“, објаснува Олга.

Инаку, дијагнозата на Алексеј за неа и за сопругот била изненадување и таа искрено ни раскажа за првичното изненадување, како и за своето непознавање на оваа темаа во тој период.

„Кога работевме на брод, гледавме многу возрасни со Даунов синдром, дури еднаш имаше и свадба на маж и жена со Даунов Синдром. Но не знаев како да се однесувам со нив, се плашев дека нема да можам да ги разберам што зборуваат. Сето тоа беше од незнаење. Затоа не ги осудувам родителите кои се против децата со попреченост во школо. Сето тоа се должи на нивното незнење, тие не знаат како да се однесуваат со такви деца, никој не ги научил, имаат страв. Во наше време немаше инклузија. Затоа сегашните деца имаат можност да научат како да сакаат и да прифатат некој што е поинаков од нив, да бидат хумани.

Алексеј од скоро почна да посетува градинка, за жал, пандемијата го одложи одењето во градинка на година ипол, а оваа есен ќе треба веќе да почне и со школо и се надевам дека родителите на другите деца нема да не попречуваат. Во градинка децата го прифатија убаво, а ние се навикнавме на овој живот и за нас е сѐ нормално, освен што треба повеќе внимање и одење по дефектолози. Секое наше патување или дури и обична прошетка мора да бидат во согласност со можностите на Алексеј, затоа што тој е нестабилен во одењето, а и многу брзо се  заморува и му требаат повеќе паузи, да поседи и да се одмори. За иднината не размислувам, како ќе биде така, но денес правам сѐ за да биде добро и во иднина“, вели таа.

Олга е веќе одомаќена во Македонија и вели дека лесно се прилагодила на овдешниот живот со оглед на тоа што меѓу Молдавија и Македонија и нема некоја голема разлика освен што, како што вели таа, тука е малку потопло отколку во Молдавија и има планини.

„Мојата мајка од секогаш знаеше дека јас нема да живеам блиску до неа и секогаш ми го кажуваше тоа. Може затоа моето прилагодување во Македонија беше лесно, сите ме прифатија убаво, другарите на мојот сопруг станаа и мои другари, а тука веднаш се чувствував како дома. Нешто ново за мене бе само планините и шетањето по планини, нешто што многу ми се допаѓа, но за жал не можам да одвојам многу време за тоа. Ако ме прашувате што ми не се допаѓа тука, веднаш ќе ви кажам дека дури и ако имало нешто такво порано, сега веќе и не се сеќавам“, се смее таа.

Интересно е тоа што таа кога дошла во Македонија, освен руски и англиски не зборувала македонски, а потоа за само 6 месеци, од немајкаде, прозборела. Имено, вели дека кога нејзиниот сопруг заминал повторно на брод за да одработи уште еден договор, ја оставил сама со мајка му која  зборувала само македонски.

„Од почеток се разбиравме со гестови и со слики, а потоа заедно ја гледавме турската серија „Величенствениот“ и  така научив македонски. Секако, бидејќи сум самоука, сѐ уште правам многу грешки, ама веќе немам проблеми со комуникацијата. Од почеток мои пријатели беа само пријателите на маж ми, но сега имам многу пријателки Русинки и Македонки, но за жал, овој период откако се на сила мерките за ковидот, но и заради многуте обврски, не можам да се дружам многу често. Но, мојата најблиска пријателка која е од Русија, често ми доаѓа на гости“, раскажува Олга со својот симпатичен руско-македонски.

Вели дека овде ѝ недостасуваат некои јадења кои ги јадела дома, но се навикнала и без нив. Најмногу и недостасува семејството.

„Ние бевме кај моите родители неколку пати. Двапати одевме со автомобил, а тоа значи 2 дена патување и една ноќ спиење во хотел и 6 граници. Инаку, и родителите и сестра ми имаат дојдено тука и многу им се допаѓа Македонија, само уште брат ми не бил сѐ уште. За жал, далеку сме и не можеме да се гледаме често“, вели таа.

Освен најмалиот, Алексеј кој им 6 години, Олга и Дејан ги имаат и ќерките Софија и Дарија, кои имаат 10 и 8 години.

Нивните имиња ги избирале да ги има и во Русија и во Македонија.

Нејзиниот ден е исполнет со обврски околу децата и секако, на нејзините изработки.

„Обично до 10 часот наутро колку можам се посветувам на домашни обврски и испраќање во училиште на помалат ќерка, а после и на синот во градинка. До 11 ипол сработувам дел од тоа што сум планирала за тој ден и истовремено ѝ помагам на постарата ќерка со домашната работа. Потоа ја испраќам неа во школо и ги пречекувам помалите. Многу сум ѝ благодарна на мојата свекрва која ги развезува во школа и во градинка, на дефектолози, бидејќи јас не возам. Продолжувам со мојата работа до 15 часот, подготвувам вечера и во 17 и 30 сите заедно јадеме. После 21 и 30, почнува моето време, во тишина и работна атмосфера до полноќ или дури и до 1 часот после полноќ, без никој да ми вика: „мама дај ми ова, дај ми она…”, се смее Олга.

Дејан е секој ден на работа во „Сани Сајд Кафе“ (На сончева страна), своето кафуле кое го отворил пред една година, а се ноѓа во Порта Влае.

„Дома немаме никаква поделба на работите, ако Дејан може да направи нешто по дома, тој го прави. Само подови не мие“, се смее Олга.

Кога не е на работа се случува Дејан да направи ручек, а таа со задоволство му го препушта ова.

„Македонската и молдавската кујна се многу слични, но има и специјалитети кои  мојот маж и децата не ги сакаат, како на пример, не сакаат хељда и јас ги готвам многу ретко, само за мене и мојата другарка Русинка што живее тука, во Македонија. Во петок имаме традиционално, гравче“, раскажува Олга.

Таа вели дека нема голема разлика во поглед на економијата помеѓу нејзината родна Молдавија и Македонија, а бидејќи градот од кој таа доаѓа е мал, за не Скопје е подобар избор.

„Скопје е главен град и има повеќе можности, а и Македонија генерално е многу убава земја, но уште се развива и секако дека недостасуваат многу нешта, но дали ќе ги има или не, зависи од нас“, порачува нашата соговорничка.

Повеќе